Размислувајќи си за тоа како очекуваме децата тукутака да развијат љубов кон читањето, како да ми фалеше некоја развојна фаза од т.н. „табула раса“ до почетник-читател. Почнав да истражувам на темава низ глобалната мрежа и мислам дека стигнав до „поврзувачкото ткиво“. Извлеков неколку поенти, кои ги споделувам во продолжение.

На една стручна средба на педијатри минатата година во Америка било презентирано значајно сознание: читањето на бебиња на шестмесечна возраст води кон побогат вокабулар и подобри почетни вештини за описменувањето што следува четири години подоцна, кога децата се подготвуваат да тргнат во училиште. Исто така, важно е и тоа колку често родителите и децата се ангажираат околу читањето книги во периодот кога малечките проодуваат зашто тоа ги предодредува или ги предвидува вештините за почетно пишување и читање кај нив. Развојниот психолог Керолин Кејтс, инаку научен соработник на департманот за педијатрија во Медицинскиот центар „Лангон“ при Универзитетот во Њујорк и автор на студијата, за потврда на гореспоменатото вели: „Иако малите деца сè уште не знаат да зборуваат, тоа не значи дека не учат“.

Според Американската академија на педијатри, едно од три деца тргнува во градинка без неопходната основна писменост. Овие, а и други факти ги натерале научниците да го постават следното научноистражувачко прашање: „Колку е важно да им се читаат книги на децата од најрана возраст?“ Истражувачите иследувале повеќе од 260 пара родител-дете, од раѓање до поаѓање во училиште. Кога децата биле на возраст од 6, 14 и 24 месеци, родителите давале извештаи колку често читале книги заедно и колку книги имале во домот – квантитативни мерки за заедничко читање. Исто така, известувале и за квалитетот на читањето – дали зборувале за книгата, дали покажувале слики/илустрации, дали ги коментирале емоциите на карактерите итн. Откако хипотезата ја приспособиле на социоекономските разлики и други променливи, откриле дека квантитетот и квалитетот на читањето книги на најрана возраст може да ги предвидат богатството на вокабуларот и раните читачки вештини. И квантитетот и квалитетот од читањето книги со вашето дете можат да ги предвидат раните вештини за описменување, на пример, да знаат да си го напишат името, да развијат свест за звуци и да научат да читаат на рана возраст.

Читањето книги е навика (да не употребиме погруб збор како „зависност“) која родителите треба да ја поттикнуваат кај своите деца првенствено до првата година. Да им се чита на бебиња е одличен начин тие да се изложат на звуци и на ритамот на говорот, што е од особено значење за јазичниот развој. Многубројни студии ги потврдуваат бенефитите од читањето на бебињата. Тие сигурно нема ништо да ве разберат, ниту пак ќе им биде јасно тоа што го правите. Но, гласното читање на вашето бебе е прекрасна заедничка активност што можете да ја практикувате со години, а воедно е и важна форма на стимулација.
Гласното читање е корисно затоа што:
* го учи бебето за комуникација;
* на забавен начин му ги претставува концептите како броеви, букви, бои, форми и сл.;
* му ги развива вештините слушање, помнење и изразување;
* го запознава бебето со информациите за светот што го опкружува.

Колку повеќе читате гласно, толку повеќе детето ќе биде изложено на различни зборови и ќе се оспособува подобро да се изразува. Слушањето различни зборови помага во плетењето на богата зборовна мрежа во мозокот на детето. Децата чии родителите често им читале/зборувале знаат повеќе зборови на двегодишна возраст од нивните врсници што немале такво искуство.
Кога им читате, децата слушаат различни емоции и експресивни звуци, што ги поттикнуваат социјалниот и емоционалниот развој. Читањето, исто така, го ангажира детето да погледне, да допре, да покаже и да одговара на прашања – нешта што ги унапредуваат мислечките вештини.
Конечно, најважната причина гласно да им читате на вашите деца е тоа што така ја правите врската помеѓу нештата што детето ги сака најмногу од сè – вашиот глас и близината – и книгите. Времето што го посветувате да им читате на најмалите и најмилите покажува дека читањето е вештина вредна за учење. И доколку децата се навикнати да им читате со радост, возбуда и посветеност, тие почнуваат да ги поврзуваат книгите со среќата.

И за бебињата е предвидена соодветна литература. Изберете книги со светли и јасно исцртани, контрастни илустрации, кои ќе им бидат впечатливи и ќе им го привлечат вниманието. Изработете сами или купете т.н. „тивки книги“, кои ви ги споменав во еден од претходните текстови, или книги од мека пластика погодни за „прелистување“ за време на капењето. Тука се и картонските книги (board books) лесни за разгледување и држење, и отпорни на читателската страст на бебињата.



912

X