Кога бебето ќе почне самостојно да седи и ќе може да ги става играчките в уста – сосема е безбедно да се внесе таканаречената „фингер фуд“ храна во неговата исхрана, односно намирници со големина на детски залак кои можат да се јадат со раце. Не мора да се држите до само неколку опции бидејќи постојат многу намирници во кои дечињата може да уживаат. Со оглед на тоа дека експертите предлагаат родителите да ги изложуваат децата на различни вкусови од најрана возраст, за да помогнат при спречувањето на пребирливоста подоцна, добро е да се вклучат и природно слатките, горчливите и пикантните вкусови.
Откријте кои намирници можете да му ги понудите на бебето, а да се целосно безбедни и бебето да може да ги јаде со раце: авокадо (исечено на коцки), оризови крекери за бебиња, боровинки, мека и преполовена банана (исечена), грав (зготвен, додека не стане многу мек), брокула (исечена и зготвена на пареа), тиква (исечена и зготвена на пареа), карфиол (исечен и зготвен на пареа), јајца во облик на омлет, риба (зготвена на пареа, или поширана во вода без додадена сол, без коски и искината на малечки парчиња – изберете риба со ниско ниво на жива, а високо ниво на здрави маснотии, како лосос, пастрмка), козјо сирење (издробено)…

Потоа, може да му давате на бебето да јаде: мешункасти плодови (зготвени на пареа), исечено мелено говедско месо (готвено без сол), тестенини (зготвени додека не станат многу меки, 2-3 минути подолго од упатството), праски (зрели, излупени и исечени на парчиња), круша (многу зрела, излупена и исечена на парчиња), зрна грашок (зготвени), морков (зготвен на пареа, исечен на ситни парчиња), компир (исечен на ситни коцки, печен во рерна со малку маслиново додека не стане многу мек, а може и пире), ориз (добро зготвен, може да го наросите со малку сирење), кравјо сирење (издробено), сладок компир (можете да го печете целиот и на бебето да му ја дадете меката внатрешност или да го печете на ситни коцки со малку маслиново масло), тофу (исечено на коцки), домат (излупен и исечен на ситни парчиња), тиквички (исечени на коцки, зготвени на пареа), лубеница (исечена на коцки), интегрален тост (намачкан со кашичка од зеленчук или овошје, пире од авокадо или тенок слој путер од јаткасти плодови).
Избегнувајте тврда храна која може да пукне и која не може да се згмечи со прстите (како сиров морков или кришка јаболко), како и цели јаткасти плодови, пуканки, грозје и мед.