Драго мое дете,

Знам дека си зафатен со играње, но можеш ли да дојдеш до мојот скут за да ти кажам неколку работи? Кога стана толку голем? Не толку одамна учеше да одиш, а денес самостојно се облече за кратко време. Гордо гледав во тебе кога излезе од својата соба во совршено усогласена комбинација, толку горда, но со потајно олеснување кога те видов дека сѐ уште се бориш со копчињата на маицата. Дали ги остави за мене?

Училиштето почнува, а да бидам искрена – не сум сигурна како се чувствувам поради тоа. Ти си подготвен. Јас сум подготвена. Но, знам дека пред нас е нов период од животот во кој повторно ќе мораме толку многу да научиме. И ти и јас. Биди трпелив со мене. Можеби ќе ми треба време да се навикнам на нашето ново нормално, но никогаш нема да те спречувам во ширењето на твоите крилја – одлучна сум во тоа, ти ветувам. Пред да зачекориш во овој нов и голем период од својот живот и да го напуштиш сето она што си го познавал повеќе од 6 години, постојат неколку работи што би сакала да ги знаеш…

Ќе ми недостигаат нашите заеднички долги денови. Само јас и ти. Читање, играње, дури и заедничко завршување обврски. Тие нормално, еднолични моменти, мрморење со грицки и сложувалки – се некои од моите најдраги денови во мајчинството. Дури и кога ќе тргнеш на училиште, ти ветувам дека ќе најдеме време да бидеме заедно без големи планови или очекувања. Без распоред или домашни задачи. Само јас и ти, твоите најдраги играчки и сад со нашите најубави грицки. Оваа нова авантура можеби ќе биде застрашувачка, но знам дека заедно ќе растеме низ неа. Промената е тешка, дури и кога е возбудлива, а училиштето ќе биде големо приспособување за двајцата. Но, исто така, знам дека ако бидеме трпеливи еден со друг и ако разговараме за подемите и падовите – полесно ќе го пребродиме ова возбудливо патување во непознато. Нашиот голем свет има потреба од тебе и знам дека си подготвен да оставиш свој печат. Ти имаш прекрасни, единствени таленти кои му се потребни на светот. Имав привилегија заедно со тебе да откријам некои од тие таленти, а многумина од нив ќе дојдат дури кога ќе зачекориш во прекрасната и разновидна заедница на учители, други ученици и знаење. Немој да заборавиш кој си, но и не плаши се да растеш.

Некои денови ќе бидат магични, некои ќе бидат тешки. Дозволи им на добрите денови да ја наполнат твојата страст за учење, но не дозволувај тешките да ја одземат целата забава. Нема да те лажам – училиштето ќе биде забавно, но ќе има и тешки моменти. Колку повеќе твојот мозок ќе се соочува со предизвици, толку понепријатно ќе се чувствуваш. Запомни, дури и тешките работи може да бидат забавни ако го прифатиш предизвикот со позитивен став. Јас сум овде за да ти помогнам со секој од нив да се соочиш со радост.

Имаш можност да споделуваш љубов секојдневно. Обрни внимание на оние на кои најмногу им е потребна. Ти се светлина, љубов моја. Свети силно секој ден. Пронајди ги оние на кои им се потребни твоите дарби и великодушно подели ги. Да се биде дел од таа заедница е голема привилегија. Биди благодарен за твоето образование. Жалењето и приговарањето нема да ни помогнат во тешки работи. Но, благодарноста може. Без разлика што ќе се случи на училиште, домот секогаш ќе биде твое сигурно место. Кога ќе дојдеш дома по училиште, ќе те чекам. Јас сум твоето сигурно место. Без разлика со што ќе се соочиш – ќе биде добро бидејќи си сакан. Сѐ е само прашање на време. Стоиме на работ на сето она што некогаш сме го познавале и знам дека си подготвен да ги рашириш своите крилја и да полеташ во иднината.

Ништо повеќе нема да биде исто освен љубовта што ја чувствувам кон тебе. Се надевам дека токму таа ќе те носи и одржува низ оваа голема авантура!

Те сака,
Мама.

Автор: Џесика Волстенхолм

Извор



912

X