Некогаш одамна во една праведна земја Школска живеела една петка.

Петката била преубава. Сите ја сакале, сите сакале да се дружат со неа бидејќи била многу популарна и омилена во друштвото. Многумина воздивнувале поради нејзината убавина. Но, многумина знаеле дека не е лесно да ја добијат, дека таа баш и не сака да се дружи со сите и дека понекогаш е недостижна. Таа била резервирана за одбрано друштво, за оние момчиња и девојчиња што редовно учат, што вредно ги изработуваат своите задачи, учествуваат во часот, активни се и вредно работат на сето она што ќе им се даде како задача. Ете тие, таквите ученици уживале во нејзиното друштво. Таа била нивната најдобра пријателка. Редовно ги посетувала, а тие ја сакале и со нетрпение чекале да дојде повторно. Таа љубов била обострана.

Но, што било со другите? Па, и тие ја сакале и кај нив знаела да дојде, да ги посети, но не често, не од секоја област. Но, била мил, долгоочекуван гостин. За нејзината наклонетост се бореле и оние што биле добри и оние помалку добрите. Тек-тук знаела и кај нив да сврати и тоа би била вистинска веселба. Гордо ја споменувале и возрасните. Особено уживале кога слушале дека ги посетила нивните деца, а и најгорди биле оние кај кои таа била постојана гостинка. Вистина е дека сите знаеле дека тешко е да биде придобиена, дека е тврд орев, дека околу неа мораш да се потрудиш и добро да го згрееш столот и дека таа не паѓа од небо.

Но, еден ден се појави страшен облак на земјата Школска. Сè се промени. Завладееја некои нови, чудни времиња во кои сите ученици и ученички и сите родители алчно сакаа петка. Но, што е тука чудно, кога и претходно ја сакале?

Да, но сега ја сакаа и оние што не учеа редовно, оние што не ги работеа своите задачи, не учествуваа на часовите, не беа активни и никако не сакаа да учат. Од тој момент, сите тргнаа во трка. Петката толку се збуни, што не можеше да верува што ја снашло. Сè очекувала, но дека ќе биде толку популарна и барана, не можеше ниту да помисли. Таа нејзина голема популарност предизвика гнев кај нејзината многу добра пријателка  четворката, добрата тројка, доволната двојка и недоволната единица.

„Па што е со нас?! Зарем ние не постоиме?! ЗАРЕМ НИЕ СМЕ ТОЛКУ ЛОШИ, БЕСМИСЛЕНИ И НЕВАЖНИ?! Зарем нам никој не ни се радува? Зошто од нас сите бегаат? Што сме ние виновни? И ние можеме да бидеме добри пријателки, многу добро да го прегрнеме вашето знаење, добро да го наградиме вашиот труд, да ви бидеме доволен поттик и да ви бидеме опомена за да бидете добри. Зарем тоа е толку лошо, зарем тоа не се цени?“

Но, многумина не ги слушаа. Нивниот глас никој не го слушаше. Децата бегаа од нив, ги избегнуваа кога и да можеа. А родителите им се закануваа на децата: Четворка не е за тебе! Тројката не ти е добра пријателка! Двојката веќе кај тебе не сакам да ја видам! Стои настрана од единицата!

Децата ги мразеа четворката, тројката, двојката и единицата како да се вонземјани, како тоа да се некои зли суштества што ќе ги одведат во пропаст.

Петката толку се измори од своето бегање, што повеќе сакаше да се врати во црвеното пенкало од каде што излегла, да се скрие за никој никогаш повеќе да не ја види. Меѓутоа, ја извлекуваа за ушите кога не сакаше да се предаде, ја влечеа за ракавите по ходниците, се јавуваа на телефон во доцните часови, и се закануваа да се нацрта кај нив…

Одеднаш, мораше со сите да се дружи, со сите да биде најдобра пријателка. Но, најлошо од сè е што мораше четворката да ја турне докрај, тројката да ја поклопи по главата, двојката да ја избрише од мапата, а единицата никогаш повеќе да не ја види. Стана осамена, иако беше гост кај многумина, стана бледа сенка на себеси и беше сè само не ОДЛИЧНА.

Вистинска приказна.

Автор: Селма Кариќ, професорка



912

X