Што е аутизам
Аутизам е невроразвојно нарушување кое ги зафаќа говорно-јазичното, сензорното и социјалното подрачје.
Како се препознава
Се одликува со тоа што децата прозборуваат подоцна од типичните деца, а подоцна и проодуваат. Некои од најчестите знаци дека детето може има развојни тешкотии е дека од најмала возраст не ги гледа другите в очи, не се одзива на своето име или не посочува со прст, туку ја користи раката на родителот за тој нешто да донесе.
Понатаму, во однос на бихевиоралниот сегмент, кај нив се јавуваат стереотипни игри (на пример, една иста повторувачка игра или играат само со иста играчка), а во однос на сензорниот развој, специфично е тоа што можат да бидат хиперсензитивни, односно преосетливи на надворешни визуелни, аудитивни, густативни, тактилни или олфакторни дразби: светлина, специфичен звук, вкус на храна, мирис или допир, па тогаш може ненадејно да се возбудат или вознемират. Од друга страна, може да се хипосензитивни – премалку осетливи, па тогаш интензивно се во потрага по дразби: уживаат во јака светлина во разна боја, се фасцинираат од звукот кој произлегува од врнење дожд или може самите со грлото да произведуваат специфични звуци затоа што им е потребна дразба за да почувствуваат задоволство.
Во однос на социјалниот сегмент, потешко се вклучуваат во игрите со врсниците, обично си играат сами, на начин и со правила кои важат за нив самите, може да избегнуваат контакт со очи, или да не се одзиваат на своето име, повлечени се, имаат тешкотија да ги разберат емоциите на другите. Разговорот може да биде фокусиран на една тема. Некои деца сакаат контакт, но не знаат како да го остварат; други изгледаат помалку заинтересирани за социјална интеракција.
Како да постапите кога ќе се сретнете со дете или адолесцент што има аутизам
Многу пати и самите луѓе се кочат или не знаат како да постапат, може да бидат претпазливи или збунети и тоа е во ред. Најдобро е да се следи сигналот што го праќа детето: некои деца сакаат да се гушнат, други се кријат зад родителите. Не би требало да се инсистира на контакт, ние можеби ќе почувствуваме милост или ќе сакаме да му се израдуваме на тоа дете, но тоа во тој момент можеби не е подготвено за контакт.
Од друга страна, доколку некое дете дојде до нас, нѐ допре или извикува гласно и сака да го гушнеме, доколку и за нас е тоа во ред – апсолутно можеме да го гушнеме. Но не сакаат да се гушкаат сите деца, особено хиперсензитивните. Доколку се обидете, а тие пробуваат „да ви избегаат“, не замерувајте им, едноставно тактилниот допир ги иритира.
Овие деца, адолесценти, а подоцна и возрасни треба да се набљудуваат, односно гледаат вообичаено и спонтано, а не со потсмев или со сожалување. Доколку некое дете ненадејно пријде и земе, на пример, од пуканките што некој ги јаде, не треба да се помисли или да му се каже дека е невоспитано, туку: „Баш си љубопитен што има во кутијата“, „Гледам колку те интересира што има внатре“ и слично. Треба да се користат позитивни зборови и афирмативен речник. Сепак, доколку навлегуваат во нечиј личен простор и станува непријатно, треба да му се посочи на детето, на љубезен и топол начин.

Со какви психолошки предизвици се соочуваат родителите
Родителот многу тешко го поднесува сознанието дека детето има развојни тешкотии, првата реакција е шок, неверување и моментот на потврдување дека детето има дисхармонија од страна на стручно лице е болен и трауматичен.
Потоа се јавува лутина, бес, па тага, очај, меланхоличност, апатичност, а преовладуваат и чувствата на срам и вина. Голем број семејства долго време негираат или засекогаш остануваат заглавени во таа фаза.
Голем број родители со текот на времето ја достигнуваат и фазата на адаптација и прифаќање на состојбата дека нивното дете е различно – според мене, тоа е најголемото достигнување на родителот. Оваа фаза е момент на лично ослободување, чувство на олеснување и реорганизација на семејството, конечно доаѓа до вмрежување со социјалните институции кои нудат поддршка за развојот на детето. Во таа фаза се јавува и надеж и оптимизам и се растоварени од сиот тој притисок.
Како да ја подигнеме свеста
Свеста за аутизмот е на сѐ повисоко ниво. Луѓе со аутизам, родители и јавни личности отворено зборуваат за своите искуства, што ја намалува стигмата, училиштата и институциите сè повеќе се трудат да бидат инклузивни, со поддршка за деца со аутизам или друг дисхармоничен развој.
Свеста може да се гледа на повеќе нивоа:
1. Tргнувајќи од родителите, секој родител доколку забележи отстапувања во развојот, навремено да реагира преку консултација со стручно лице.
2. Свесноста за семејството, да се вклучуваат повеќе членовите од поширокото семејство за помош и поддршка на детето, но и на родителите. Да се има предвид дека и на директните згрижувачи им треба приватно време преку хоби и разни други активности за релаксација.
3. Во однос на супрасистемите, односно околината, овие деца да се набљудуваат и гледаат вообичаено и спонтано, а не со сожалување. Свесноста е поврзана и со користењето на терминологијата, на пример, треба да се вели атипично или дисхармонично, поразлично дете, а не дефектно дете, „чудно дете“, „не е добро детето“, бидејќи овие деца се различни, но и тие имаат свои јаки страни и одлични се во одредени сегменти.

Како да се организира семејството за поголема функционалност?
Родителите треба да ги вложат своите сили и ресурси. Тие треба да ги поделат обврските, да не е товарот само на едниот родител затоа што во практика често пати се случува едниот родител да биде многу оптоварен, па затоа има големи шанси да прегори, односно и кај него да се јават одредени психолошки симптоми како анксиозност, депресија, раздразливост.
Секој од родителите треба да одвојува време за себе, за релаксација, преку хоби, но треба и да ја негуваат нивната релација како партнери. Сведоци сме дека многу често може да дојде до разидување на партнерите поради преоптовареност на едниот или единствен фокус само кон детето, па нивниот однос трпи и немаат време за бракот.
Автор: Мирјана Цветковиќ, психолог, системски семеен психотерапевт, Психолошки центар „Алтернатива“, групација „Алтернатива“