Искрена кон себе, кон семејството и кон пациентите, д-р Ана е вљубена во својата професија. Но, тоа не ѝ е единствената љубов. Ни раскажа како ги спојува стресната работа, мајчинството, спортот, патувањето, авантурите, планините и карпите…

Шестгодишниот Максим и тригодишниот Давид, јас и сопругот Ненад ги учиме да ја почитуваат фамилијата, да станат самостојни од рано детство, да имаат пријатели. Во нашиот дом не се вклучува телевизор. Во денот се гледаат цртани најмногу 30 минути, пред спиење. Но затоа се читаат многу книги. Се игра на отворено независно од временските услови, се шлапка во вирови, се игра во кал, се прска со вода. Се ужива детството, вели д-р Ана Тримоска-Радевска, оториноларинголог-хирург во скопската општа болница „8 Септември“. Тоа е нејзиниот супер рецепт за целото семејство.

 

Искрена е и кон себе и кон семејството, а и кон пациентите што ги лекува.
Ана е вљубена во својата професија, но тоа не ѝ е единствената љубов. Токму поради тоа, разговаравме како ги спојува стресната работа, мајчинството, спортот, патувањето, авантурите, планините и карпите…

Комбе за патување, температура и до -20, спиење во шатор, дождови, грмотевици…

– Кариерата и мајчинството се тешко спојлива комбинација. Но, со добра организација, желба и разбирање од сопругот, сѐ е изводливо. Иако има периоди од животот кога акцент добива кариерата, сепак, приоритетот секогаш е на фамилијата – вели Ана.

Давид и Максим

Нивното семејство сака авантури, активности на отворено и ја сака природата.
– Нашите средства се трошат за спортска опрема, за опрема за кампување. Имаме комбе кое е адаптирано за патување и спиење во него. Нашите деца ги учиме да го живеат тој живот. Засега го обожаваат и постојано се во потрага по авантури. Во нивниот досегашен живот почувствувале температури од -20, дождови, грмотевици, спиење во шатор во зимски услови… Сметам дека тоа е еден природен начин за проучување на животот, соочување со предизвици и справување со препреки – вели Ана.
Сакаат да бидат активни, да пешачат по планини, да се качуваат по карпи, да патуваат, да посетуваме музеи…
– Најчесто по работното време ги земам децата од градинка, одиме дома на јадење и веднаш потоа излегуваме надвор на играње. Во меѓувреме, со сопругот се договараме за нашите спортски активности – раскажува докторката.

Дома сме за јадење, спиење и толку

И таа и сопругот си определиле од 1 до 1,5 час за спортување во текот на денот. Се качуваат на карпа, возат велосипед, трчаат, пливаат…
– За тоа време, додека едниот спортува, другиот родител е со децата, а на крајот од денот најчесто сме четворицата заедно. Дома сме за јадење и за спиење. Единствено на карпа за качување може сите заедно да одиме. Во викенди речиси никогаш не остануваме во Скопје. А најчеста дестинација ни е Демир Капија, каде што има прекрасна природа, карпи за качување, рурална средина со овци, кози, која децата ја обожаваат – вели нашата соговорничка.
Среќна е и благодарна што има помош од сопругот, а понекогаш и од бабите и дедовците.

Пациентите си ги носиме дома…

Да се биде хирург, вели таа, значи да ја сакате медицината, да сакате да помагате, да учите постојано, да имате трпение, да работите тимски, да прифаќате предизвици.
– Да можете да го контролирате стресот, т.е. добро да реагирате во стресни ситуации (тоа многу добро се учи од качување на карпа). Јас премногу ја сакам мојата професија. Да треба да избирам повторно, пак би го избрала истото.
Точно е дека професијата е стресна, вели таа, како и секоја работа со луѓе.
– Секоја работа со луѓе е стресна, а кога имаш одговорност за нивното здравје/живот е уште постресна. Ние, хирурзите, пациентите си ги носиме дома. Ги мислиме пред операцијата, по операцијата. Да не зборувам што сме достапни за совети по телефон 24/7. Но, стресот главно го елиминирам преку спортот и активностите. Се разбира, и преку присуството на децата. Кога сум со нив, на сѐ заборавам – објаснува таа.

Кога станува збор за професијата, Ана најмногу се радува на добар резултат и задоволен пациент по потешка операција. Од кожа ја вадат неодговорноста на пациентот, кога не ги почитува правилата, и непочитувањето на докторската етика.
– Им давам совет да го прават тоа што ќе им биде препорачано, да прашаат за сѐ што не им е јасно, да веруваат во лекарот.

Не кријте ги своите грешки, бидете самокритични

Докторката секојдневно учи од пациентите. Вели дека на секој пациент треба да му се објасни неговата состојба, планираната операција и нејзините можни компликации. Зашто последната одлука во однос на операцијата секогаш треба да биде на пациентот, без дополнителни притисоци.

– Не е неуспех доколку признаеш дека не е сѐ завршено според планираното, не треба да ги криеш грешките, треба да бидеш самокритичен и доколку е потребно, да побараш помош. Поточно, да бидеш искрен кон пациентот, кон себе и кон колегите – вели Ана.
Оваа доблест се негува и во нејзиното семејство.



912

X