Речиси една година по објавувањето на македонскиот превод на „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“, ете го и вториот дел, со целосно нова колекција од сто приказни што слават извонредни жени, кралици и активистки, балерини и правници, пирати и компјутерски научници, астронаути и изумители… едноставно, уште една чудесна книга што дава чувство дека сè е можно!

И во вториот дел ќе пресретнеме неверојатни животни врвици и постигнувања што ќе нè инспирираат и нас девојчињата, но и момчињата, и ќе нè поттикнат повеќе да сонуваме, повисоко да целиме и посилно да се бориме. Токму како хероините во овие две извонредни книги, кои за среќа, вистински постоеле и постојат и нè потсетуваат дека нема невозможни сценарија кога толку многу се посакуваат и се почитуваат вистинските животни вредности.

Тука повторно ќе сретнете познати ликови, или пак некои ќе ги препознаете од телевизија, (за жал поретко) од учебник по историја, на пример, но сигурно ќе откриете и нови, до тој момент непознати луѓе, жени – наши современички кои на другиот крај од нашето живеалиште се бунтуваат против неправдите, гласно ги застапуваат обесправените или и самите се жртви на суровоста што владее во нивните земји. Но, тие се бестрашни и храбри, свесни дека нивната акција може да има тектонска моќ кон поместување на нештата кон подобро.
Таква е Шамсија Хасани од Авганистан, која црта графити со пораки за унапредување на женските права во нејзината земја. Во Кабул, каде што живее таа, доминантно е мислењето дека Авганистанките треба да седат дома и да им бидат покорни на нивните мажи. Шамсија не се согласува со тоа. Таа црта нови жени кои се полни со енергија.

Или, пак, приказната на Беатриче Вио, мечувалката со голема љубов кон животот и кон мечувањето. Таа ќе ни порача дека „не прифаќа ’не‘ како одговор“, а ќе видите и зошто откако ќе прочитате за нејзината борба.

Иако е тешко човек да се одлучи која му е најинспиративна приказна, ќе ја издвојам приказната за Темпл Грандин, професорка по ветеринарни науки, како една од највпечатливите за мене. Темпл Грандин денес има 72 години, а како девојче измислила машина за гушкање. На нејзина тригодишна возраст родителите откриле дека таа е аутистична. Еднаш таа има кажано: „Не размислувам во зборови, туку во слики. Исто како кравите!“ Заради тоа што инстинктивно разбирала како животните го сфаќаат светот, таа стана светски позната професорка по ветеринарни науки.

Па, драги мои, мислам дека воопшто не е тешко да се навлечете на оваа книга. Дури и самите авторки во воведниот текст од книгата ќе ни порачаат: „Кога ќе ја спуштите главата на вашата перница откако претходно сте прочитале две-три од овие приказни, без разлика дали сте го сториле тоа по исцрпувачки ден исполнет со игра или долг ден на работа, без разлика на тоа дали се наоѓате во Кејптаун или Аотеароа, дали некој ви ги читал приказните или сте ги читале сами, знајте дека само што сте седнале крај оган со стотици илјади колеги бунтовници кои, исто како вас, се наоѓаат на патешествие“.



912

X