Ако доживувате страв, анксиозност, тага или можеби лутина, вие всушност доживувате сосема здрави и очекувани емоционални реакции за ситуацијата, вели Александра Бошкова, лиценциран психолог

Новонастанатата ситуација со појавата на коронавирусот и Ковид-19 значително го смени ритамот на секојдневното живеење кај сите генерации во целиот свет. Од ова не е поштедена ниту нашата земја. Драматичната промена на ритуалите во секојдневниот живот (одење на работа, прошетки, дружби, одење на курсеви и спортување, слободно движење во времето и просторот…), настана ненадејно и предизвика многумина да доживеат низа т.н. негативни емоции.

Човештвото немаше доволно време за психички да го спреми организмот за новата ситуација, па тоа резултира со доживување извесна несигурност за она што се случува, доживување неизвесност за тоа што следува и непредвидливост на последиците од случувањата. Ако доживувате страв, анксиозност, тага или можеби лутина, вие всушност доживувате сосема здрави и очекувани емоционални реакции за ситуацијата.

Како реагираме?

Некои можеби не доживеале ништо, никакви драстични емоционални бранувања, едноставно минуваат со бледи и нејасни сензации. Оваа состојба ја нарекуваме состојба на шок, во која сè уште не сме спремни свесно да ја обработиме информацијата за новонастанатата ситуација, па телото и психата се бранат преку анестезирање на нашите чувства/одговори, со што несвесно сакаме во подолг можен рок да ја зачуваме претходната ситуација на која сме биле навикнати да функционираме.

Искусувањето стрес и т.н. негативни емоции може да имаат и позитивни последици. Луѓето што одбрале и/или научиле здрави начини за совладување на стресот стануваат психолошки поотпорни и со поголема благодарност кон животот и она што го имаат. По доживеан поголем стрес и траума многумина продолжуваат да живеат поисполнето и со повисока цел

Ова е сигнал дека сè уште не сме спремни да ја примиме новонастанатата ситуација, односно не сме спремни да го најдеме соодветниот одговор и реакција кон надворешниот свет. Доколку познавате некој ваш близок кој реагира на ваков начин, бидете свесни дека тој/таа реагира најдобро и најздраво за себе во тој момент, додека не се ослободи енергија за реагирање на друг начин кој би бил соодветен.

Споменавме дека загриженоста е очекувана, здрава реакција. Луѓето наоѓаат комфор и сигурност во предвидливоста на нештата – активности кои се претворени во ритуали, распоред кој ни е добро познат и установен (одење на работа, училиште, спортување и рекреирање надвор од домот, викенд-активности и слично). Со драстичен и ненајавен прекин на овие ритуали се нарушува динамиката на функционирање и во нашите тела, односно засегнато е нашето психо-физичко функционирање.

Дома и работа и деца

Периодот на адаптирање (приспособување) кон новите предизвици, односно периодот на градење нови навики (ритуали) и нивно спроведување во нашето секојдневие е период на стрес. Овој период трае различно за секоја индивидуа и зависи од многу фактори, а најмногу од личните капацитети на човекот ефективно да се приспособи на новините.

Многу родители на мали деца се соочуваат со стресот да се грижат за нив, особено ако работат од дома. И фамилиите со членови кои се хронично болни или се со хронична состојба се особено афектирани поради строгите мерки за изолација во обидот да се превенира ширењето на коронавирусот. Верувам дека кај нив состојбата на алармираност е поголема, а со тоа раснат напнатоста, анксиозноста и загриженоста.

Стрес за работните места

Засега немаме информација до кога ќе трае оваа состојба и колку време ќе помине пред да се вратиме на животот каков што го познаваме. Стресот дополнително е зголемен поради стравот од загуба на работните места што ги алармира примарните нагони кај човекот, нагонот да се преживее, да се опстане. Кај учениците и студентите оваа ситуација се одразува врз нивните потреби да се дружат, да се социјализираат, да учат и да го потврдуваат својот успех. Токму затоа во овој период младите луѓе и пензионерите најтешко ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата за самоизолација. Секако, со упорно објаснување на ситуацијата, информирање, едуцирање и поддршка од сите нас, можеме да постигнеме граѓанска послушност и заштита на индивидуалното и колективното здравје.

Чувство дека немаме контрола

Во овој ранлив период особено е важно да пристапиме без обвинувања и предрасуди кон секој наш сограѓанин, да едуцираме и да помогнеме онаму каде што можеме. Целта е никој да не се доживува изолиран, етикетиран и нападнат, туку прифатен и згрижен.

Неизвесноста, ако долго трае, оневозможува да го вратиме впечатокот на контрола врз ситуацијата и нашиот живот. Луѓето стануваат ранливи кога доживуваат дека ја губат контролата, кога ситуацијата ги поставува во пасивна улога (жртва) и тоа дополнително го зголемува стресот. Силниот стрес, особено ако долго трае, може да го афектира психо-физичкото здравје, да го влоши и да развие симптоми на болест.

Досегашните облици што ги практикувавме како начин на релаксација и ослободување од стрес (дружба со пријатели, прошетка во природа, спортување, посета на концерти и натпревари) се ограничени или оневозможени. Ова нѐ става пред предизвикот да изнајдеме нови начини за ослободување од негативната енергија и нови начини на рекреирање.

Како да реагираме и како да го зачуваме нашето ментално здравје

– Прифаќање на емоциите што ги доживуваме.

Како што споменавме, во овој период ќе се јават многу т.н. негативни емоции – анксиозност, лутина, тага, страв. Наместо да ги потиснуваме и негираме овие емоции, пожелно е да ги прифатиме и да бидеме свесни кога ги доживуваме. Загриженоста која особено ја доживуваат родителите не треба да се крие од останатите членови во семејството, особено децата. Децата умешно детектираат кога нешто невообичаено или различно се случува во нивниот живот. Свесното забележување на она што минува како мисла или емоција е привиот чекор кон негување на нашето ментално здравје. Вербализирајте ја емоцијата, опишете ја без да давате суд, без да ја боите морално, без да давате суд колку е оправдана или не. Едноставно доживејте ја, добијте увид во тоа што се случува во вашето тело и ум. Науката и истражувањата велат дека свесноста за она што ви се случува значајно придонесува за зачувување на менталното здравје. Наместо да се борите против вашите емоции и да ги негирате, прифатете ги и вложете ја енергијата за градење здрави избори за реагирање кон новата ситуација.

– Создајте нови ритуали, а децата нека го задржат ритамот на денот.

Верувам дека во овој период многу луѓе, особено адолесцентите, се задлабочени во гледање серии или игри на компјутер. Пожелно е родителите да внимаваат на ваквото однесување бидејќи можеби станува збор за несвесна стратегија на „бегство“ и несоочување со реалноста. На овој начин младите остануваат пасивни и не се соочуваат со своите стравови или нови предизвици. Наместо тоа, ангажирање на младите (па и останатите) во нови активности во домот може да помогне во градење нови навики и ритуали. Поделбата на обврски дава нова структура на времето (тоа станува предвидливо) и ќе го исполни денот со активно учество во домот, а тоа ќе овозможи намалување на анксиозноста, непредвидливоста, стравот или досадата.
За децата на помала возраст особено е важно да се зачува ритамот на денот (приближно во исто време да легнуваат и да стануваат, во исто време да јадат, да имаат време за учење и игра). Бидејќи во овој период целото семејство поминува под ист покрив 24 часа, пожелно е семејствата да го негуваат личниот простор на секој од членовите, да се почитува начелото на приватност за да се зачуваат личните граници. Со јасно поставување нови семејни правила и очекувања, секој член може да ги оствари своите потреби. Притоа, овие потреби ги доживуваат сите, без исклучок – возрасните, особено се сензитивни адолесцентите, а исто така и децата. Сигурно во семејството малото дете ќе има потреба да ги расфрла играчките, тинејџерот ќе има потреба да слуша гласна музика, адолесцентот да зборува на телефон во празна просторија, студентот да учи во мир и тишина. Почитувајќи ја личноста на секоја индивидуа, ќе се овозможи релаксирана атмосфера во домот која може потоа да се збогати со заеднички активности, игри и забава. Креативноста нека биде на ваша страна!

– Да се предизвикаме на нови терени.

Изолацијата во домашни услови дава можност да направиме нови потези, да се предизвикаме себеси на нови терени. Учење странски јазик, учење да се свири на некој инструмент, испробување нов рецепт во кујната, практикување градинарство на балконот, аеробик во домашни услови…

И додека трае оваа социјална изолација во физичка смисла, сепак, постојат можности да ги одржиме контактите. Достигнувањата на технологијата овој пат можеме да ги искористиме за наше добро. На младите луѓе ова им е веќе секојдневие, но во овој период не можеме многу да им замериме доколку се почесто на социјалните мрежи, нели? За сите возрасти, особено за младите, и натаму е важна социјалната поврзаност со врсниците, споделувањето на доживувањата и заемената поддршка. Главно, контактите, макар и само преку телефон или социјалните мрежи, даваат чувство на поврзаност, ја јакнат сигурноста и смируваат.

– Да ги зајакнеме семејните релации.

Сега имаме можност да ги зајакнеме семејните релации, да научиме подобро да комуницираме меѓу себе, да ја зајакнеме вербата меѓу членовите од семејството, да го надополниме времето што го „губиме“ во инаку брзиот начин на живот.

На крај, времето на социјална изолација дава можност да се свртиме кон себеси. Ова е можност фокусот да го свртиме кон себе и својот живот. Какви мисли ќе се појават кога бучавата од модерниот начин на живот ќе стивне? Можеби ќе ги преиспитате своите приоритети и што навистина ви значи во животот? Во овој период, кога статусот и парите се ставени на пауза, каква нова смисла открива вашиот живот за вас?

Искусувањето стрес и т.н. негативни емоции може да имаат и позитивни последици. Луѓето што одбрале и/или научиле здрави начини за совладување на стресот стануваат психолошки поотпорни и со поголема благодарност кон животот и она што го имаат. По доживеан поголем стрес и траума многумина продолжуваат да живеат поисполнето и со повисока цел. Со грижа и планирање можеме да бидеме психолошки силни за време на оваа пандемија и целото ова искуство да го искористиме за лична трансформација и личен раст и развој.

Автор: Александра Бошкова, лиценциран психолог



912

X