Последните две ПИСА-студии (поради ковид-мерките, разбирливо, беа направени пред ковид-пандемијата) покажаа дека момчињата се соочуваат со поголеми проблеми во учењето. Девојчињата имаат тешкотии со математика и предметите од областа на природните науки, но севкупно тие покажуваат подобри резултати на ПИСА-тестовите во речиси сите земји, па вклучително и во Македонија. Оттука се поставува прашањето: На што се должи тоа? И, се разбира, како можеме да им помогнеме на момчињата да покажат подобри резултати во учењето?
Резултатите на двата последни ПИСА-теста во светски рамки покажаа дека 14 отсто од момчињата не успеале да го достигнат ниту основното ниво во трите категории на тестот читање со разбирање, математика и природни науки. За споредба, кај девојчињата овој процент изнесува само 9 отсто. „Можеби ова се должи на тоа што младите момчиња често помалку се посветени на училишните обврски за разлика од девојчињата, па веројатно од тие причини момчињата покажуваат послаби перформанси и често постигнуваат послаби резултати“, пишува во извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Само во две држави и еден регион во светот на ПИСА-студијата момчињата покажале подобри резултати од девојчињата, и тоа во: Колумбија, Костарика и индискиот регион Химачал Прадеш. Исто така, според статистичките податоци, во светски рамки машките се оние што најчесто не го завршуваат школувањето во целост.
Премногу дигитални уреди, премалку книги?
Извештајот на ОЕЦД, за жал, во себе ги содржи само првичните индикации. За потребите на овој извештај, истражувачите, се разбира, подробно го испитувале однесувањето на децата за време на наставата, но и по завршувањето на часовите. Притоа во извештајот се нагласува дека постојат јасни родови разлики помеѓу момчињата и девојчињата. Статистички гледано, во просек, момчињата неделно посветувале еден час помалку на учењето и пишувањето домашни задачи за разлика од девојчињата, а тоа имало директно влијание врз успехот и постигнувањата на учениците. На што се должи ова, воопшто не е наведено во извештајот на ОЕЦД, но можеби тоа е така затоа што оваа организација, по некое непишано правило, едноставно ја избегнува ваквата непријатна и неблагодарна должност што ја има пред себе. Како и да е, факт е дека експертите на ОЕЦД во извештајот не ги навеле точните причини за лошите резултати на момчињата.
Исто така, статистичките податоци на ОЕЦД покажуваат дека постојат значајни разлики во активностите во слободното време на момчињата и на девојчињата Имено, момчињата секојдневно поминуваат повеќе време играјќи компјутерски игри за разлика од девојчињата, а момчињата, исто така статистички гледано, читаат многу помалку книги. Сево ова остава последици затоа што читањето, а пред сѐ читањето со разбирање се смета за појдовна основа за успешно учење. Тоа значи дека ако детето не практикува да чита, порано или подоцна ќе се соочи со тешкотии и по другите наставни предмети, односно нема да може да ги прима новите информации преку читање.
Отуѓување и стереотипи
Покрај официјалниот извештај на ОЕЦД, постојат и други релевантни истражувања направени во врска со оваа проблематика. Впрочем, ПИСА-студијата е референтно и реномирано тестирање признато во светски рамки. Неколку независни студии во повеќе европски земји покажаа дека постојат и други два фактора што придонесуваат за полошите резултати на момчињата во поглед на учењето, а тоа се стереотипите за иницијација во општеството и проблемот со отуѓување на учениците од наставата. Истражувањата покажале дека општествените ставови на младите момчиња на возраст од 13 и 14 години имале влијание врз постигнувањата во учењето. Истражувачите откриле поврзаност на психолошкиот став на децата со нивните перформанси во учењето.
Имено, многу момчиња го потенцирале чувството на отуѓеност од училиштето. Тие не успеале да ја увидат потребата од целесообразноста на наставната програма, односно не можеле да сфатат зошто тоа што го учат по одредени наставни предмети ќе им треба понатаму во животот. Одлучувачката разлика е тоа што, иако биле анкетирани ист број момчиња и девојчиња, ваквиот став бил доминантно потенциран од страна на момчињата, па оттука нивните резултати се сосема разбирливо полоши. Во извештајот на ОЕЦД се гледа дека и тие дошле до слични резултати при анализите, иако ова во него го навеле многу посуптилно: „Осум проценти од момчињата покажуваат поголема склоност за разлика од девојчињата наставата по одделни предмети да ја гледаат како губење време“.
Мора да имаме предвид дека постои врска помеѓу слабите перформанси во учењето и традиционалните верувања на момчињата за својата родова улога во општеството. Дополнителните истражувања покажале дека оценките на таканаречените „мачо типови“ се полоши од оние на другите момчиња врсници. Според поновите статистички податоци, овие типови ученици процентуално за 8 отсто постигнале полоши резултати од вообичаените за момчињата.
Како можеме да им помогнеме на учениците?
Што можат наставниците и родителите да направат за да им помогнат на момчињата? Според извештајот на ОЕЦД, прв значаен чекор би бил родителите и наставниците да станат свесни за сопствените стереотипи и предрасуди. Стереотипите дека момчињата во училиште се малку пораздвижени од девојчињата или девојчињата се послаби по математика и информатика од момчињата мораме да ги отфрлиме зашто многу неповолно влијаат врз однесувањето на учениците во школувањето. Коментарите од овој тип на некој начин го оформуваат ставот на учениците кон учењето, а згора на тоа претставуваат само стереотип и ништо повеќе од тоа.
Се разбира, и наставата игра важна улога. Треба да имаме предвид дека момчињата со т.н. „слаби академски перформанси“ најдобро реагираат на доследен, прилично авторитативен тип на настава. Овој тип настава нема никаква врска со наметнување премногу строги, авторитативни наставни методи, туку тој се реализира исклучиво преку почитувана интеракција наставник-ученик во училиштето, училницата и наставниот процес.
Наставникот мора да е флексибилен во својата работа затоа што, по правило, работи со личности со различни карактерни особини. На некои ученици, на пример, потребно е јасно да им ги покаже границите, додека на други, потребно е да им даде поголемо охрабрување.
Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност
912