Холанѓанките официјално се најсреќните мајки на светот.
Директорката на Центарот за мајки од Србија, Јована Ружичиќ, вели дека истражувањата покажуваат дека еден од клучните фактори што влијаат врз задоволството е наспаноста. Холанѓаните спијат најдолго од сите, а кога сте наспани, тогаш сте одморени, а кога сте одморени, тогаш можете да учествувате во вашиот живот и оттаму доаѓаат среќата и исполнетоста, нагласува Ружичиќ.
Многу истражувања покажуваат дека децата во земји како Данска, Холандија и Шведска го имаат најсреќното детство. Така, задоволните мајки создаваат услови за растење задоволни деца.
Ружичиќ вели дека кога економски ги покриваме основните трошоци, тогаш заклучуваме дека парите не се толку важни, туку некои други работи се поважни.
– Холандија и Данска со години го заземаат првото место кога станува збор за среќата во анкетите на сите граѓани. Таму има малку поинаков систем за поддршка, друг систем во породилиштата – посочи Ружичиќ.
Мајките во Холандија ги легнуваат своите деца уште во 18 часот
Како што истакнува Ружичиќ, работното време во Холандија е различно, а голем број мајки не работат полно работно време, односно половина од Холанѓаните не работат полно работно време.
– Ако имате скратено работно време, имате многу време што можете да го поминете со вашето дете, за тоа да може да си легне во 18 часот како што прават децата во Холандија – истакна таа.
– Многу истражувања покажуваат дека еден од клучните фактори што влијае врз задоволството е наспаноста. Холанѓаните спијат најдолго од сите. Нивниот национален просек е 8 часа и 12 минути. Кога сте наспани, одморени сте, а кога сте одморени, можете да учествувате во вашиот живот и оттаму доаѓаат среќата и исполнетоста – изјави Ружичиќ.
Таа напомена дека клучот за доброто расположение е наспаното дете – да е сито, да не е жедно и да е наспано, а сите знаеме како нервозното дете влијае врз целото семејство.
Разбирање од страна на работодавците
Во Холандија работодавците имаат разбирање за мајките, тие можат да изберат колку часа сакаат да работат неделно.
„Добри самовили“ во првите денови по породувањето
Зборувајќи за првите денови по породувањето во Холандија, Ружичиќ вели дека кога жената ќе дојде дома од болница во првите денови, добива „добра самовила“. Станува збор за медицински сестри обучени да ѝ даваат различни видови поддршка на мајката: да ѝ помогнат со бебето, но и да ѝ помогнат таа да се наспие, да исчисти и да приготви ручек за семејството.
– Холанѓанките велат дека имаат најдобри услови за породување во цела Европа бидејќи имаат повеќе можности. А кога ќе се породат, имаат поддршка – истакна таа.
Таа нагласи дека мајчинството почнува во породилиштата, мајката се раѓа со раѓањето на бебето, па исклучително е важно првите впечатоци да бидат добри.
Таа напомена дека секоја Холанѓанка има три или повеќе деца, за нив стандардно е семејството со три деца.
– Нема да одлучите да имате повеќе деца само поради добро искуство во породилиште или само затоа што работодавецот имал разбирање. Потребен е поширок систем за поддршка – вели Ружичиќ.
Коментирајќи дека мајките во Холандија не им викаат на своите деца, таа смета дека не се методите на воспитување клучни, туку приоритетите – во Холандија главен приоритет е среќата, додека кај нас главен приоритет е успехот.
Таа објасни дека кај нас родителите обично му викаат на детето ако тоа не ја завршило домашната задача, бидејќи кај нас децата се одраз на нивните родители, додека во Холандија ниту успехот ниту неуспехот на детето не се смета за одраз на нивните родители, тие се свои суштества.
912