Образование

Со читање до поубав свет: Приказната за Сара од психологот Аница Б. Златевска нè учи на прифаќање

Д-р Аница Б. Златевска од Битола, која минатата година доби признание за најуспешен психолог на ниво на целата држава, лиценциран психолог и автор на литература за деца, со нас го споделува нејзиниот расказ „Сара“ по повод Светскиот ден на литературата за деца.

Аница Златевска

Според моето долгогодишно професионално искуство, анализата на моите согледувања при работа со учениците од првиот воспитно-образовен период, како и разговорите со нивните родители, ќе наведам некои значајни податоци. Децата чии родители им читале сликовници, им раскажувале бајки, им пееле песнички, покажуваат подобра комуникација, повеќе се мотивирани за читање и пишување, како и подобро ги сфаќаат социјалните интеракции помеѓу другарчињата.


Сара


Јас сум Сара. Имам осум години. Учам во моето училиште во трето-три одделение. Мојата наставничка Мелани е најдобрата наставничка на целиот свет. Таа на сите ни вели: „Деца мои, ученици мои најдобри”. Да, јас знам дека ние сме најдобри затоа што нашата наставничка е најдобра. Во нашето одделение имаме уште една наставничка, таа се вика Ема. Наставничката Ема цело време е само со Томаш затоа што тој не може добро да зборува, да чита и да пишува. Но, Томаш многу сака да трча, да скока и да игра со топка, затоа е најсреќен кога имаме физичко.  Во нашето одделение имаме и двајца наставници Горан и Игор. Наставникот Горан ни предава англиски јазик, многу е забавно затоа што пееме на англиски јазик. Додека со наставникот Игор, заедно со наставничката Мелани, во училишниот двор или во спортската сала имаме физичко, трчаме, вежбаме, играме со топка, јаже, хулахоп и што уште не. 

Во моето одделение има 19 деца, сите се мои другарчиња. Десет се девојчиња: Марија, Зура, Ангела, Деспина, Маја, Натали, Матеа, Синоличка, Ирма и Симона. Девет се момчиња: Мартин, Вања, Никола, Томаш, Дарко, Ерол, Петар, Артан и Сергеј. Кога ни е роденден, сите во одделението се честиме и ги пееме песничките: „Денес ми е роденден“ и „Happy birthday to you“. Марија е родена во август, тогаш сите сме на летен распуст, затоа таа нè чести на први септември, на првиот училиштен ден. Понекогаш се случува некои другарчиња да имаат роденден во сабота или во недела, кога не одиме на училиште. Па затоа, во понеделник правиме роденденско честење и ги пееме двете песнички. Сите сме среќни кога ни е роденден и кога на некое наше другарче му е роденден.

Сега е месец мај и во нашето училиште ќе го славиме Денот на училиштето. Нашето одделение ќе настапи со модерен балет на песничката „Наташа од трето три“. За најубаво да настапиме, нè подготвуваат нашата наставничка Мелани и нашиот наставник по физичко Игор. Наставничката Ема му помага на Томаш за да игра заедно со нас. Сите сме многу среќни и возбудени затоа што се ближи денот на нашето училиште.

​Во нашето одделение се честиме и за празниците. Некои мои другарчиња честат понекогаш, а јас честам секогаш. Некои мои другарчиња одат во црква, а некои во џамија, а јас одам и во црква и во џамија. Кај нас дома често има гости. Мама прави коледарчиња, баклава, гурабии, шеќер-париња, питулици и што уште не. Мене сè што прави мама ми е вкусно.

​Вчера ја прашав мама Стела: „Зошто само јас честам секогаш и само јас одам и во црква и во џамија?” Мама се насмеа, ме гушна, а потоа ми рече: „Затоа што во нашето семејство треба да ги славиме сите празници. Јас зачудено ја погледнав мама и повторно ја прашав: А зошто сите празници треба ние да ги славиме?”  Тогаш мама ја зеде најголемата фотографија, што стои на ѕидот во дневната соба. Потоа ми рече да седнеме на троседот во дневната соба за да ми објасни.

Седнавме двете на троседот, а фотографијата беше на средина помеѓу нас. „Сара, ја гледаш ли оваа најголема фотографија во нашиот дом, ова е нашето семејство”, ми рече мама. „На средина седиме јас и тато Емил, а ова мало бебенце во неговите прегратки си ти. Од мојата страна седи дедо Крсте, тој е мој татко и е Македонец. До него е баба Севги, таа е моја мајка и е Турчинка. Од страната на тато седи дедо Ајдин, тој е негов татко и е Албанец. До него седи баба Дина, таа е негова мајка и е Влаинка. Затоа ние ги славиме Божиќ, Велигден, Курбан-Бајрам, Рамазан-Бајрам, Коледе и уште многу други празници според Библијата и Куранот. Потоа мама ја остави фотографијата на масата пред троседот. Тогаш јас ја прашав: „А што сум јас, мамо?” „Ти си едно мило девојче кое сите го сакаме”, ми рече мама, ме прегрна и долго така прегрнати седевме на троседот.


Краткиот расказ „Сара“ има повеќе цели, и тоа: другарство, антидискриминација, инклузивно образование, меѓуетничка интеграција во образованието, мултикултурализам, почитување, толеранција, асертивност и емпатија. Расказот е една од многуте стратегии за почитување на различностите, прифаќање на другите што се поразлични од нас во однос на психо-физичките карактеристики и социо-етничките припадности. Преку драматизација на расказот, влегувајќи во улогите на ликовите во расказот, учениците ги доживуваат нивните емоции. Учениците учат за други семејни и верски традиции, а со тоа се надминува ксенофобијата и се подигнува свесноста за тоа дека сите сме различни. Сето тоа влијае врз формирањето на личноста на детето и е основа на возрасната личност.

Линк до целосниот труд, стр .226

Поврзани написи

To top