Со Магдалена Ангелевска од Битола разговараме за најчестите родителски дилеми поврзани со работата на логопедот, за тоа кога е вистинското време за посета, како да ги препознаете знаците и на кој начин правилно да го поттикнете говорот кај вашето дете.
Кога е вистинско време за прва посета на логопед?
– Вистинското време за посета на логопед е веднаш штом родителите ќе забележат некоја отстапка во говорно-јазичниот развој. Во првите шест месеци се очекува детето да се врти кон изворите на звук, да гуга и да реди слогови во низа. Околу деветтиот месец детето почнува да реагира на своето име, а околу првата година се очекува и првиот збор со значење. Особено е важен периодот помеѓу втората и третата година кога од детето се очекува да почне да поврзува два збора, на пример: „Мама дај!“ или „Дај вода!“
Доколку детето не користи доволен фонд на зборови за неговата возраст, не остварува контакт со очи со соговорникот, не покажува со прст кон она што го сака, има тешкотии во разбирањето едноставни инструкции, време е да се побара помош од стручно лице. Доколку на 3 години има неразбирлив говор за околината, на 4 години не користи сложени реченици и говорот е аграматичен, на 5,5 години не ги изговара правилно сите гласови, има тешкотии во совладување на читањето и пишувањето, како и тешкотии во совладување на училишниот материјал, тоа се јасни показатели дека е потребна помош од логопед.
Најважно е да се нагласи дека секоја загриженост од страна на родителите е доволна причина за посета на логопед. Подобро е да се направи навремена процена и да се утврди дека развојот е во рамките на нормалата отколку да се изгуби драгоцено време. Раното препознавање и навремената интервенција имаат клучна улога во правилниот развој на говорот.
Дали цртаните филмови на странски јазици се главната причина за доцнење на говорот кај новите генерации?
– Цртаните филмови на странски јазици сами по себе не се директна причина за доцнење во говорот, но во денешно време често придонесуваат за тоа, особено кога децата уште од најмала возраст поминуваат многу време пред екраните. Децата учат да зборуваат преку интеракција, преку прашања, одговори, имитација и заедничка игра родител-дете. Кога детето поминува многу време пред екран, особено гледајќи содржини на јазик што не го разбира, тоа не добива доволно јазичен модел на својот мајчин јазик. Наместо активно учење преку комуникација, детето станува пасивен примач на информации, што може да влијае врз развојот на говорот и разбирањето. Сепак, најважно е да се нагласи дека доцнењето во говорот најчесто е предизвикано од повеќе фактори, како што се средината во која живее детето, колку родителите зборуваат со своето дете, дали го вклучуваат во активности итн., како и индивидуалниот развој и генетските фактори.
Затоа, препораката е да се ограничи времето пред екран, да се избираат содржини на мајчин јазик и секогаш да се комбинираат со разговор и објаснување. Најважно да се поттикнува активна комуникација со детето во секојдневните ситуации.

Кои се најчестите грешки што ги прават родителите додека се обидуваат да го научат детето да зборува?
– Една од најчестите грешки е користењето т.н. бебешки говор. Наместо тоа, родителите треба да зборуваат со детето јасно и правилно, како со возрасен, но со кратки, едноставни и разбирливи реченици. Детето учи преку модел, па важно е да слуша правилен говор. Друга грешка е поставување премногу прашања, пример: „Што е ова?” или „Како прави?” Ова често создава притисок кај детето наместо да го мотивира. Наместо постојано испрашување, подобро е родителот сам да биде модел, да именува, опишува и коментира, а детето природно да го следи.
Родителите му ги исполнуваат желбите на детето, често погодуваат што сака детето без да има потреба да се изрази. Кога детето добива сѐ без да побара, се намалува неговата мотивација и желба за комуникација. Родителите веднаш реагираат, без да му дадат време да покаже, да гестикулира или да изговори збор. Многу е важно да се поттикнува секој обид за комуникација, било преку гест, звук или збор. Дополнително, сѐ почеста грешка е прекумерната употреба на технологија, телефони, таблети и цртани филмови. Иако родителите мислат дека детето „учи” од нив, овие содржини не овозможуваат вистинска интеракција. Говорот се развива преку двонасочна комуникација, а не преку пасивно слушање.
Колку е важна улогата на родителот во вежбањето дома и дали само одењето на третмани е доволно?
– Улогата на родителите ја сметам за најважна во процесот на говорно-јазичниот развој. Логопедот ја поставува основата, дава стручни насоки и работи целно со детето, но родителот е тој што го одржува и засилува напредокот во секојдневниот живот. Затоа, многу е важно комуникацијата помеѓу логопедот и родителот да биде отворена, директна и континуирана. Родителите треба да добиваат јасни насоки од страна на логопедот како да работат дома со детето, а од нив се очекува активно вклучување и примена на тие насоки дома. Секојдневното вежбање, дури и по 10-15 минути, има огромно влијание врз напредокот бидејќи му помага на детето да ги автоматизира и користи научените вештини во секојдневната комуникација.
Секако, напредок ќе има и доколку работи само логопедот, но тоа не е доволно, во ваков случај резултатите би биле побавни од очекуваното и често нема да бидат на посакуваното ниво без дополнителна поддршка од страна на родителите. Затоа, сметам дека најдобри резултати се постигнуваат кога постои вистинско партнерство помеѓу логопедот и родителот.
Како нетретираните логопедски проблеми (како тешко изговарање гласови) влијаат врз подоцнежното читање и пишување?
– Пред да тргнат на училиште децата треба правилно да ги изговараат сите гласови за да немаат тешкотии во читањето и пишувањето. Неправилното изговарање на гласовите директно влијае врз подоцнежното читање и пишување затоа што говорот е основа за писменоста.
Децата читаат и пишуваат како што зборуваат. На пример:
– Ако го заменуваат гласот ,„Ш” со „С”, истите грешки ќе ги прават и при читање и пишување;
– Ако испуштаат одреден глас „топка-тока”, истото ќе го прават и кога пишуваат.
Кај овие деца е намалена и фонолошката свесност, односно способноста да ги слушнат, разликуваат и препознаат гласовите во зборот, што е клучно за успешно описменување. Доколку овие тешкотии не се навреме третирани, може да доведат до тешкотии во учењето, послаб успех и намалена самодоверба кај детето. Затоа препорачувам да се направи процена од страна на логопед, доколку родителите забележат дека нивното дете не изговара правилно одредени гласови.