Секоја животна доба носи свои предизвици. Еден од најголемите предизвици за децата е училиштето и завршувањето на училишните обврски.

Голем број деца чувствуваат стрес кога треба да започне училишната година, но кај некои деца овој стрес трае подолго време, преобразувајќи се во мачна анксиозност на самата помисла да се „издржи“ училишниот ден или преминува во одбивање да се оди на училиште.

Детето кое чувствува анксиозност во врска со училиштето може да:

  • Одбива да се подготви и да оди на училиште;
  • Манифестира голема загриженост во врска со мали обврски поврзани со училиштето;
  • За време на викенд или деновите кога не оди на училиште детето е повесело и поенергично, со нагла промена во раздразливо, плачливо или вознемирено ноќта пред тргнување на училиште;
  • Има главоболки, болки во стомакот, чувство на гадење;
  • Има нарушен сон;
  • Манифестира лутина и гнев, на училиште или дома;
  • Повлечено е и тивко;
  • Одбива да ги заврши училишните обврски и има влошување во постигнувањата на училиште;

Ваквата ситуација, особено ако трае подолго време, станува проблем за целото семејство. Родителите се обидуваат да ги завршат своите обврски постојано прашувајќи се како детето да ја надмине оваа состојба и како тие да постапат.

Доколку се наоѓате во ваква ситуација, следните совети ќе ви помогнат да разберете што се случува со вашето дете, како да му помогнете, кои промени можат благопријатно да влијаат врз него, но и соодветно да ја евалуирате состојбата и навремено да побарате помош и поддршка.

Разговарајте со вашето дете и дознајте ги причините поради кои го поврзува училиштето со стрес или непријатност

Некогаш дури и за нас, возрасните, е тешко точно да прецизираме што е тоа што ни прави непријатност, стрес и вознемиреност. Но, важно е од најмала возраст да создадеме безбедна атмосфера во која децата ќе можат да ги изразат своите емоции, особено оние негативните. Помогнете му на вашето дете со зборови да искаже што чувствува и кои се неговите грижи во врска со училиштето. Покажете охрабрување и почит кон неговите емоции, целосно прифаќајќи ги.

Често децата нема да можат да се искажат на директно прашање во врска со училишните проблеми, па можете да пробате тоа да го направите низ игра и асоцијации со зборови кои први ќе им паднат на памет во врска со нивниот училиштен ден. Опфатете повеќе области, па споменете работи од типот на материјалот кој се изучува, односот со учителките, дружбата со другарчињата, начинот на кој го поминуваат големиот одмор и сл. Поставете им дополнителни прашања од типот дали материјалот кој го учат им е збунувачки, дали на училиште се чувствуваат осамени, дали се чувствуваат доволно слободни да поставуваат прашања. Ова ќе ви помогне точно да го разберете вашето дете и неговите грижи на училиште.

Обидете се да направите олеснувања во врска со грижите на детето кои претходно ги идентификувавте

Разговарајте со учителките и другиот училиштен персонал кои би можеле да ви помогнат во олеснувањето на училишниот ден на детето. Прашајте ги и за нивното согледување на тешкотиите на детето, како и за нивното искуство, совети и идеи.

Доколку детето има тешкотии во првите моменти додека се приспособи на промената дома-училиште, би било поволно доколку дојде десетина минути порано на училиште, што ќе му помогне да се аклиматизира и приспособи додека атмосферата е помирна и обврските сѐ уште не се започнати. Или поттикнете го да се договори со соученик за заедно да одат на училиште. Важно е да се постигне баланс меѓу тоа детето да развие способности самото да ги совладува непријатните ситуации и да не се плаши да побара поддршка од околината кога доживува непријатност.

Доколку детектиравте дека училишните обврски му се збунувачки на детето, тогаш може да му помогнете со тоа што ќе го поттикнете да ги праша учителките за подетални објаснувања во врска со задачите, инструкции во пишана форма или заедно разгледајте ја програмата за наредниот ден со куси објаснувања и помогнете му да состави распоред на своите дневни активности, кој секако ќе биде временски реалистичен и приспособен на неговата возраст.

д-р Елена Димовска

Доколку вашето дете се чувствува изолирано или има тешкотии во склопувањето другарства на училиште, помогнете му да ја развие својата самодоверба и социјални вештини преку некоја спортска активност која му се допаѓа или членство во некој ликовен клуб, во зависност од афинитетите на детето. Стимулирајте го да се дружи со соучениците и надвор од училишните клупи.

Помогнете му да создаде рутина на денот која ќе го редуцира и неговиот и вашиот стрес. Редовното и навременото завршување на домашните задачи, како и последователно стекнатите вештини на организација и научен материјал, ќе му дадат самодоверба на детето кое со поголема леснотија ќе оди на училиште мотивирано од задоволството во себе и своите постигнувања.

Охрабрете го детето да се релаксира и да има хобија и интереси надвор од училиштето. Насочете го кон развивање здрави навики на справување со стресот кои опфаќаат спорт, дружење, водење дневник за искажување на своите чувства, цртање или некој друг тип креативно изразување.

Не заборавајте да го пофалите трудот на вашето дете! Немојте да го критикувате, само поттикнете го да се обиде повторно.

Побарајте разговор со стручно лице психолог или психијатар за да поразговарате за проблемот. Овие лица се тука за да ви помогнат во надминувањето на сите животни предизвици и кризи, и вам и на вашето дете. Разговорот со психолог и/или психијатар ќе му помогне на вашето дете да создаде соодветни механизми за борба со животните предизвици и да знае дека е важно да се побара помош и каде може да ја добие.

Автор: д-р Елена Димовска, специјализант по психијатрија



912

X