Децата имаат многу квалитети. Невиност, искреност, љубов кон животните и луѓето, нерасипано срце. Но, не и трпение. Тоа е навистина ретко.

Затоа, на родителите им е тешко да не скокнат на помош кога ќе видат дека детето се обидува да направи нешто комплицирано. Затоа што знаат дека по пет-шест неуспешни обиди детето ќе сака да се откаже. И за да се спречи ерупција на емоции, токму тука ние, родителите, влегуваме да ја поправиме (или можеби сепак да ја расипеме?) работата. Го прицврстуваме тој патент или ја врзуваме таа врвка за чевли наместо тоа да го стори детето. Зашто не можеме да ја слушаме таа хистерија. А сепак, од друга страна, на сите ни е толку важно да ја развиеме кај децата таа клучна карактеристика што ќе им го обезбеди успехот – истрајноста.

И тоа е тешко.

Пред неколку месеци мојот речиси седумгодишен син реши да нацрта слон. Сè одеше добро во првите десет минути. И тогаш видов како се сменија неговите гестови и изразот на лицето. Движењата станаа остри, лицето се намурти, секој обид го бришеше и повторно се обидуваше. Ова траеше 3-4 минути, а потоа го испушти моливот, го сврти грбот и ја стави главата меѓу колената.

А потоа следуваа тие зборови: „Не знам! Кога не знам, не знам! Не можам!“

Се разбира, еден дел од мене сакаше да ги каже познатите фрази за брзо да ја поттикнам неговата самодоверба.

„Можеш да го направиш тоа!“

„Ми изгледа навистина убаво!“

„Не откажувај се, обиди се повторно. Ќе успееш ако се обидеш!“

Но, ова се само фрази што прават јас да се чувствувам подобро, како да сум направила нешто. Но, никогаш не забележав дека му помагаат.

Наместо тоа, пробав нешто поинакво.

Седнав, се спуштив на неговото ниво и му реков:

„Покажи ми го тешкиот дел“.

Прстот го стави на местото каде што требаше да биде главата на слонот, нацртана и избришана неколку пати. Хартијата веќе беше малку стуткана од гумата за бришење.

-Да. Ги нацрта нозете, па телото и опашката. Ама малку ти е тешко за главата. И сакаше да испадне навистина добро. Гледам дека си нацртал, а потоа си избришал неколку пати.

Тој кимна потврдно и додаде: „Не можам. Не можам да нацртам глава“.

-Гледам дека добро си започнал, дури и ушите се добри, но станува потешко околу сурлата. Мора да постои начин да го нацрташ и тоа и да бидеш задоволен. Како можеш да го постигнеш тоа?

-Морам да вежбам – одговори тој.

Зошто ова функционира?

Кога детето вели „Не можам“ или сака да се откаже, тогаш јас секогаш го кажувам тоа – покажи ми го тешкиот дел. Ова е добро затоа што без разлика дали сте наставник или родител, ви дава многу важни информации.

Тоа ви помага да разберете што му е лесно на детето, а што му е особено тешко, но му помага и да препознае кој е неговиот најголем предизвик и да го „скрши“ на помали предизвици.

Плус, кога ќе му пријдете на нетрпеливо дете и ќе почнете да го уверувате дека навистина може да го направи тоа, веројатно ќе премине во одбранбен режим и ќе се обиде да ви докаже дека навистина не може.

Но, „покажи ми го тешкиот дел“ му помага на детето да го реши проблемот.

Чекор по чекор, син ми научи да си помага. Пред неколку дена тој се обидуваше да направи некоја финта со топката што ја виде од пријателите и не му успеа. Тој рече „не вреди, не ми оди“, но пред да можам да го замолам да ми го покаже тешкиот дел, тој само рече „но не е важно, само треба да вежбам повеќе“.

Автор: Александра Цвјетиќ

Извор



912

X