Микробиолог од Чикаго го ставил на тест таканареченото „правило од 5 секунди“ за научно да процени дали е безбедно да се јаде храна што паднала на под доколку веднаш ја кренеме. Резултатите биле многу изненадувачки.
Неговото видео на „Тик-ток“ има над милион прегледи. Николас Ајчер одлучил да постави Петриеви садови на земја и да ги држи таму одредено време, во интервал од нула секунди до една минута.
Потоа, тој ги инкубирал примероците во култиватор за да види во која мера се развиле бактериите, пренесува „Њујорк пост“. Како што докажал, во секој примерок имало докази за микробен раст, што покажува дека храната на подот не е безбедна ниту една секунда кога станува збор за контаминација.
„Изгледа дека дури и 0 секунди е премногу долго“, изјави научникот додека го држи садот со бели бактериски дамки.
Докажал дека примерокот од пет секунди имал приближно иста количина на бактерии, со што го оспорил непишаното правило. Интересно е што примерокот од една минута имал иста количина на бактерии како и примерокот од пет секунди. Од овие наоди, Ајчер заклучил дека без оглед на тоа дали храната ќе остане на подот 5 секунди или 60, таа секако ќе биде контаминирана.
Иако ова не биле класични лабораториски услови, многумина се согласуваат дека експериментот јасно покажува дека „правилото од 5 секунди“, со кое многумина пораснаа, едноставно не важи.