Родителите се лути бидејќи нема кој да им ги чува децата додека се на работа

Училиштата „Васил Главинов“, „Рајко Жинзифов“, „7 Март“, „Петар Здравковски-Пенко“, како и двата објекта на градинката „Снежана“ и матичниот објект на градинката „11 Октомври“ во општините Чаир и Бутел, од денеска се без парно греење. Причина за тоа е долг кон АД Топлификација Скопје Север. Родителите се лути бидејќи нема кој да им ги чува децата додека се на работа.
Куштрим Ала, портпарол во Општина Чаир, вели дека проблемот не е во Општината, туку парно нема поради проблеми на АД Топлификација Скопје Север.
– Со нив настана целиот проблем. Тие немаат пари да ја платат банкарската гаранција од Макпетрол, кој им доставува гас, па проблемот го насочуваат на Општина Чаир. Општината има долг од 14 милиони денари, кој досега е намален за 50 отсто, бидејќи имаме договор согласно кој редовно плаќаме за парно греење за тековниот месец, а плаќаме и рата од долгот – вели Ала.
Тој уверува дека утре ќе има парно зашто Општината ќе ја плати ратата од долгот.

Колатерална штета

Велимир Смилевски, градоначалникот на Општина Бутел, вели дека сите сметки за парно греење за училиштата и за градинките што се на територијата на оваа општина се намирени.
– Ние сме колатерална штета во случајов бидејќи немаме ниту една неплатена сметка за парно. И покрај тоа што плаќаме редовно, сепак, без парно останаа Основното училиште „Петар Здравковски-Пенко“ и дирекцијата на градинката „11 Октомври“ во Скопје Север. Имавме реакции од родители, кои секако дека се во право. Но, се организиравме, и децата ги префрливме во други клонови, сите ќе имаат храна и ќе бидат згрижени. Ниедно дете не е вратено. Се сомневам дека скоро ќе се реши овој проблем, а мора да се реши бидејќи само во училиштето учат повеќе од 1.000 деца – вели Смилевски.

Скопје Север Ад – Скопје: Не можеме со наши пари да ги сервисираме обврските

Во меѓувреме, Скопје Север АД – Скопје објави известување потпишано од директорот Игор Поповски во кое стои дека уште на 30 ноември испорачателот на природен гас Макпетрол Пром-гас го прекинува снабдувањето на природен гас и поради тоа, компанијата нема да е во можност да обезбедува континуирана испорака на топлинска енергија.
„Скопје Север АД – Скопје целосно ги има платено досега испорачаните количини на природен гас, односно во моментов немаме долг кон Макпетрол Пром-гас. Исклучувањето е само причина што согласно договорот за испорака на природен гас, испорачателот на природен гас Макпетрол Пром-гас инсистира на гаранција за исплаќањето на испорачаните количини. За обезбедување на гаранцијата за плаќањето имавме состанок со Општина Чаир, на кој Општината беше информирана дека поради тековната финансиска состојба, снабдување е можно само ако се обезбеди гаранција за испорачателот. Скопје Север АД Скопје, за да обезбеди гаранција за плаќањето, побара од Општина Чаир авансно неделно плаќање на обврските што Општината ги има кон нас, или обезбедување гаранција. До овој момент таква гаранција немаме добиено, па поради тоа не сме во можност и понатаму од сопствени средства да ги сервисираме обврските кон испорачателот“, пишува во соопштението.



912

X