Не постои родител кој ќе направи сè апсолутно правилно кога станува збор за воспитувањето, но постојат грешки кои можат да бидат многу опасни во развојот на децата.
Карл Густав Јунг, еден од најголемите умови на психологијата, јасно предупредувал: никој не може да ја наруши психата на машкото дете како мајката. Во своите трудови за емоционалните врски во семејството Јунг нагласувал дека отсуството на здрав однос меѓу сопружниците може да доведе до опасно префрлање на вниманието од сопругот кон синот.
Мајката како емоционален паразит – кога љубовта станува затвор
Ако жената не чувствува емоционална исполнетост и блискост со својот партнер, таа, свесно или несвесно, ќе ја бара таа поврзаност преку детето, особено преку синот. Така се создава токсична блискост која го задушува развојот на момчето во самостоен маж.
Овој феномен Јунг го нарекувал создавање „вечен дечко“ – маж кој никогаш вистински не созрева. Постојаната контрола од страна на мајката, претераната грижа и потребата да биде центар на светот на синот создаваат чувство на должност, зависност и вина. Таквиот човек ни како возрасен не знае како да биде слободен.

– Мајката не е загрижена што синот не станува маж затоа што никогаш и не му дозволува да стане. Ако не го сака сопругот, мајката емоционално ќе го „присвои“ синот – вели Јунг.
Ова е психолошки образец што ја разорува машката психа. Таквиот маж често останува емоционално неписмен, неспособен да води врска, брак или семејство затоа што ниту една жена не може да се натпреварува со неговата „прва љубов“ – мајката.
Тука не станува збор за класична родителска љубов, туку за емоционално преплетување каде што мајката не му дозволува на синот психолошки да созрее бидејќи тој несвесно ја пополнува празнината која требало да ја исполни партнерот.
Синот станува нејзина потпора, сопатник, понекогаш советник, па дури и емоционален терапевт. За возврат, таа му нуди чувство на лажна сигурност, контролирајќи го неговиот избор на партнерка, работа и начин на живот. Ваквата врска станува затвор од кој тешко се излегува.
Последица од „мајчин син“: возрасен маж во тело на дете
Според Јунг, таквите мажи живеат во минатото. Тие се повлекуваат од реалниот свет, неспособни да се соочат со предизвиците бидејќи длабоко во себе веруваат дека само мајката може да ги заштити и насочи.
Затоа, кога од нив се очекува одлука, борба или преземање одговорност, тие се повлекуваат. Често завршуваат во токсични врски, лоши работни позиции или зависнички модели на однесување.
За да стане психолошки зрела личност, мажот мора да ја „пресече“ емоционалната папочна врвца со мајката и тоа не само со физичко дистанцирање, туку и со „отстранување“ на зависноста.
Тој мора да научи сам да носи одлуки, дури и кога греши. Мора да го отфрли чувството на вина ако неговата среќа е далеку од контролата на мајката. И мора да сфати дека љубовта не е исто што и контролата, а благодарноста не е исто што и должноста.