Практиката низ годините покажува дека секое дете е приказна за себе, но дека генерално на децата и на наставниците најтешко им е во прво одделение, а проблемот со приспособување и прифаќање на работните обврски се провлекува и во второ, па и во трето одделение

Со почетокот на деветгодишното образование се озакони можноста сите дечиња на возраст од пет години и осум месеци да се запишат во прво одделение и да станат дел од образовниот систем. Во почетокот имаше многу полемики околу тоа колку се подготвени за обврските и колку се емоционално зрели за во училишна клупа. Практиката низ годините покажува дека сè е индивидуално, но дека генерално на децата и на наставниците најтешко од секој аспект им е во прво одделение, а проблемот со приспособување и прифаќање на работните обврски се провлекува и во второ, па и во трето одделение. Наставниците се со поделени мислења за тоа дали возраста е соодветна, но се согласни дека мора многу да се работи на воспитувањето.
Како посебен проблем тие ја издвојуваат агресијата што постои меѓу децата, а за која многу малку се зборува.

Денешните деца им се родители на родителите

Долгогодишен одделенски наставник во скопско училиште, која води вторачиња вели дека сè уште тешко им оди приспособувањето и сфаќањето на училишните обврски.
– Во прво одделение ни беше многу тешко, многу беше напорно и за нив и за нас. Децата едноставно не се доволно зрели да стартуваат, за нив училиштето беше шок. И сега дури не седнуваат на место, се однесуваат како што си се однесуваат дома. Има деца што многу тешко се снаоѓаат, не почитуваат правила. Денешните деца им се родители на родителите, ги манипулираат, не ги исполнуваат обврските, не успеваат да го завршат она што е зададено како задача на часот. Имаат проблем со социјализацијата, а има и невидена агресија меѓу нив. Минатата година и на родителите им требаше време да се приспособат – вели наставничката.

Според неа, треба да постои некаков вид селекција, да се види кој е доволно зрел да појде на училиште, а кој не, а тоа најдобро го знаат оние што претходно работеле со нив.
– Некои родители се свесни и го прават тоа, го пролонгираат училиштето за една година. Тие знаат дека ако го запишат детето, тоа за него ќе биде измачување. Еве токму периодов носевме некои дечиња кај училишниот психолог оти не можат да се снајдат во средината, за сенешто почнуваат да плачат. Имам многу самостојни деца кои сами функционираат, на пр., си ја вадат тетратката што им е потребна за часот. Но некои плачат, не сакаат ниту да се потрудат да бидат поодговорни. Кога веќе има закон кој вели со полни пет и пол години да се појде на училиште, мислам дека треба да се прави селекција зашто не се сите деца исти. На тестирање при прием во училиште не може да се открие кој колку е подготвен – додава наставничката.

Запоставени основните воспитни вредности

Некои од децата што одат во градинка се научени на тој систем на живеење со работни навики и тие полесно се справуваат на училиште, смета наставничката Марина Василева-Конел од основното училиште „Св. Кирил и Методиј“.
– Согласно моето искуство, далеку е од тоа дека децата се сосема неподготвени. Нашиот образовен систем има целодневна и класична настава. И тоа има големо влијание. Во Скопје голем дел од училиштата се со целодневна настава. Овој проблем не е нерешлив. Можеме да ги подобриме состојбите во смисла на воспитната компонента, на развивање на работните навики, на хигиенските навики. Базичните воспитни вредности мислам дека последниов период се малку запоставени. Воспитанието започнува од семејството, а таму децата се соочуваат со стереотипи, со предрасуди, конфликтни ситуации – вели Василева-Конел.

Секаде во светот таа возраст е почетна

Таа додава дека на сите нивоа, од градинки, па основно училиште, па средно, е заборавена воспитната компонента во системот.
– Сметам дека тука можеме да го подобриме квалитетот на сервис како систем генерално. Како  да го направиме тоа? Мора да размислуваме за намалување на насилството. Тоа е присутно, но малку се зборува за него. А агресијата многу често се јавува. Мислам дека треба да работиме на тоа, на зголемување на соработката меѓу децата, родителите и наставниците бидејќи се отуѓивме и мислам дека таа емпатија и соработка ни недостигаат во системот. Се насочивме само на образовни цели, како децата да бидат тестирани, како да одиме напред како држава. Возраста не е спорна, секаде во светот таа возраст е почетна. Само треба да размислуваме како да им помогнеме да се приспособат. Од дома се малку разгалени, не се соочуваат со обврски. Тие се принц и принцеза дома, немаат работни обврски и тоа е нешто на што мора да поработиме – смета Василева-Конел.
Бидејќи оваа успешна наставничка, добитник на многубројни светски признанија и награди, не може да дејствува во системот внатре, таа, заедно со група наставници, преку невладината организација „Пријатели на образованието“ работи на проект поддржан од Еразмус за просоцијално учење и учење со емпатија. Целта е да се намали насилството, како и да се промовираат вредности како етика, одговорност, толеранција, меѓусебно помагање и солидарност.



912

X