Во срцето на Силициумската долина (Калифорнија) постои училиште во кое вработените во компании како „Гугл“ и „Епл“ ги испраќаат своите деца. Но, иако е во дигиталниот центар на Америка, во тоа училиште не постои ниту еден паметен телефон или друг екран. Наместо тоа, учителите во училиштето „Валдорф“ преферираат искуствен пристап кон учењето, кој е во силен контраст со трендот училницата да се исполни со најнови електронски уреди.

Педагогијата на училиштето ја нагласува улогата на фантазијата во учењето и го зазема холистичкиот пристап кој го интегрира интелектуалниот, практичниот и креативниот развој на ученикот. Но, фактот дека родителите што работат за најсилните технолошки компании ја доведуваат во прашање вредноста на компјутерот во едукацијата го наметнува прашањето – дали идниот сон за високотехнолошки училници е навистина во најдобар интерес за новите генерации?

„Глобалниот извештај на ОЕЦД вели дека оние образовни системи што многу вложиле во компјутерска опрема не доживеале никакво посебно подобрување на резултатите од ПИСА-тестовите во читање, математика и наука“.

Децата учат преку уметничко изразување и различни активности, како сликање, цртање – наместо да учат информации од компјутер

Најдобрите образовни системи, како оние во Источна Азија, се многу внимателни во врска со употребата на технологија во своите училници, се наведува во извештајот. Учениците што користат компјутери многу често постигнуваат полоши резултати од оние што ги употребуваат умерено. Здруженијата на училиштата „Валдроф“ во Северна Америка објаснуваат дека нивниот пристап користи „навремено тестирани вистини за тоа како децата најдобро учат“.

Наставниците ги поттикнуваат децата да учат преку уметничко изразување и различни активности, како сликање, цртање – наместо да учат информации од компјутер. Тој креативен пристап во едукацијата ги оживува лекциите, па е многу повеќе делотворен од покажувањето низа слики на екраните.

„Лекциите ви ги прикажуваат наставниците, а не роботи, кои не само што се грижат за едукацијата на детето туку се грижат за нив и како поединци. На што се сеќавате од училиштето додека бевте дете? Честиот одговор е одделенските излети, експерименти во лабораторија или прекрасни приказни. Тоа се нештата што остануваат со вас и 50 години подоцна“, велат од Здружението.

Валдорфските училници се дизајнирани на тој начин што им овозможуваат на учениците да се чувствуваат опуштено и пријатно, на дрвени столови и опкружени со растенија. Идејата е да се отстрани влијанието на компјутерите и да се поттикне посилен ангажман на наставниците и учениците во текот на наставата.

Една од причините поради кои родителите што работат во дигиталната индустрија избираат училиште со низок или никаков удел во технологија е тоа што таквите училишта ги учат децата на вештини кои подразбираат иновативно размислување, какво што бараат многу работодавци. Учениците што растеле со технологија често имаат недостиг на способности, како што е пошироко размислување и решавање проблеми. Сара Торн, директорка на училиштето „Аком“ во Лондон, исто така ја преиспитува претпоставката дека ограничувањето или исфрлањето на технологијата од училницата лошо ќе влијае врз идното вработување на учениците.

Интернетот е забранет до 16 години – и дома и на училиште

На учениците помлади од 12 години во тоа училиште им е забрането користење на мобилни телефони и компјутери, забрането им е гледање филмови или ТВ во кое било време, вклучувајќи ги и празниците. Целта е постепена интеграција на електронските уреди во развојот на детето, а на учениците им се дозволува да гледаат ТВ кога ќе наполнат 12 години и тоа само документарни филмови кои претходно ги одбрале родителите. Интернетот е забранет до 16 години – дома и на училиште, а компјутерите може да се користат само како дел од наставната програма кај деца постари од 14 години.

Сара Торн тврди дека учениците позитивно реагирале на ограничувањата. Младите ја ценат можноста за игра, а адолесцентите што преминале во тоа училиште од традиционалните училишта признаваат дека се посреќни.

Забраната за технологија, исто така, е предизвик и за наставниците во 21 век, кои се научени да се здобиваат со информации на компјутерски начин. „Работата е тешка“, признава Ијан Јанг, наставник во „Стајнер Академија Херфорд“, каде што дигиталните уреди се дозволени само откако децата ќе станат адолесценти. Дури и тогаш компјутерите имаат ограничена улога во учењето. Според Силви Склан, директор на училиштето, ова произлегува од верувањето дека дигиталните уреди го намалуваат имагинативното размислување, движењето, човековата интеракција и фокусот, па затоа не им е место во образованието на малите деца. Децата се охрабрени да учат преку игра и уметнички активности.

Јанг објаснува дека лекциите се комбинација на различни активности, како читање книги или цртање.

– Дефинитивно треба да бидеме покреативни како наставници додека предаваме лекција. Треба повеќе да го користиме нашиот глас, да се осигуриме дека учениците ќе се интересираат за она што следува како лекција. Предавањето е дел од човечкиот контакт и интеракција. Не мислам дека им правиме услуга на децата ако ги учиме преку машини на млада возраст – вели Јанг.

Автор: Метју Џенкин



912

X