Иако надареното дете може да ја заврши домашната задача двојно побрзо од неговите врсници, понекогаш е вистинска борба да го натерате да ја започне или да ја заврши задачата. Ова може да доведе до впечаток кој не ги одразува вистинските способности на вашето дете, оставајќи ве во дилема дали вашето дете е мрзливо, а и како да го поттикнете да се интересира повеќе за училиштето.

Иако е фрустрирачки, експертите препорачуваат прво да пристапите кон барањето одговори со емпатија. Психологот д-р Елен Братен, шеф за невропсихолошка процена во Општата болница во Масачусетс, им предлага на родителите да ги бараат обрасците каде што нивното дете има проблеми да ги заврши задачите. Следно, родителите треба да обезбедат поддршка додека детето се движи низ предизвиците кои му ги носи надареноста.

-Важно е да се идентификува специфичната пречка што ги блокира – вели Братен.

Понекогаш им недостига мотивација затоа што се загрижени за проектот или имаат тешкотии со извршните функции. Другпат тие можат да бидат преоптоварени затоа што не знаат во која фаза од процесот се наоѓаат. Родителите можат да ги водат своите деца низ овие пречки кога ќе разберат во што точно е проблемот.

Како можат родителите да им помогнат на надарените деца кои имаат проблем да ги завршат задачите?

Причините за тешкотиите при започнувањето на задачите можат да бидат различни, а родителите треба да истражат од каде доаѓа проблемот. Понекогаш децата не можат правилно да ја идентификуваат задачата. Проектите без јасно дефинирани граници можат да бидат особено предизвикувачки, затоа што децата можеби едноставно не знаат од каде да почнат.

Наместо да поставувате општи прашања, обидете се со конкретни: „Дали имаш сѐ што ти треба?“, „Дали знаеш што правиш?“ „Можеш ли да ми ја објасниш задачата или да ми кажеш кое прашање треба да го решиш?“

Како можат родителите да им помогнат на децата да станат поупорни?

Упорноста и истрајноста не се однесуваат само на тоа да продолжите кога работите стануваат тешки, туку и да можете да процените каде сте во процесот. Многу деца се фрустрираат затоа што чувствуваат дека работат долго време и не можат да проценат колку време им преостанува. Родителите можат да помогнат да проценат колку далеку тие стигнале и што уште им преостанува.

Како да се одржи рамнотежа помеѓу мотивирањето на децата и избегнувањето прекумерен родителски надзор?

Родителите честопати занемаруваат дека надарените деца немаат развиено упорност бидејќи многу работи им се лесни. Кога ќе наидат на нешто што е предизвик, лесно се фрустрираат и се откажуваат, па може да речат: „Ова е глупаво“ или „Не можам“. Исто така, многу родители претерано управуваат со активностите на своите деца, поради сопствената вознемиреност и страв дека нивното дете нема да го достигне својот потенцијал, што може да изврши огромен притисок врз детето.

Тогаш тие треба да разберат каде се наоѓаат во процесот, како и да ги одредат начините за справување со фрустрациите – сегашни и идни.

Извор



912

X