Во текот на првото тримесечје вашето тело го преплавуваат хормони и се зголемува количината на крв. Тие две интензивни промени може да предизвикаат чести главоболки кои дополнително се зајакнуваат од стресот, лошото држење или проблеми со видот. Постојат и други чести причини за главоболка кои дејствуваат поединечно или здружено, а тоа се: недостиг на сон, ниско ниво на шеќер во крвта, дехидратација, престанок на консумирање кофеин, стрес.
Главоболка во текот на третото тримесечје
Главоболката во овој период најчесто е поврзана со лошото држење на телото, кое е оптоварено со дополнителната тежина. Во третото тримесечје од бременоста главоболка може да предизвика прееклампсија, состојба кога трудницата има висок крвен притисок.
Мигрени
Жените кои инаку имаат мигрени, може да им се случи во текот на бременоста да имаат помал број напади или воопшто да ги немаат. Меѓутоа, може да се случи и хормонските промени да предизвикаат почести напади. Доколку имате мигрена, многу е важно да му го кажете тоа на вашиот лекар за да ви одреди соодветна терапија.
Како можете да ја ублажите главоболката во бременоста?
Најдобар начин е, се разбира, превентивата, односно би требало да: правите лесни вежби за јакнење на грбот и добро држење, колку можете повеќе да се одморате и да се опуштате, да јадете здрави и избалансирани оброци, да се рекреирате, да користите студени или топли облоги.
Земање лекови
Доколку не сте во можност на ваков начин да ги превенирате главоболките, постојат и други начини да се ослободите од нив, а тоа се лековите. Ако сте принудени да ги користите, тие мора да бидат препорачани од страна на лекар. Пред земање на кој било лек задолжително посоветувајте се со вашиот гинеколог. Главоболката може да ја ублажите и на следните, природни начини:
-синусни главоболки може да се ублажат со топла облога која се става на очи и на нос
-тензични главоболки се ублажуваат со студена облога која се става на врат
-со одржување на нивото на шеќер во крвта преку консумирање почести, а помали оброци
-со масажа на вратот и рамената
-со лежење во замрачена просторија и со длабоко дишење
-со топла бања.
Најчести поттикнувачи на мигренски главоболки кои треба да ги избегнувате се: чоколада, алкохол, јогурт, старо сирење, кикиритки, леб од свеж квасец, месни преработки, павлака.

Кога да се обратите на лекар?
За жал, главоболките може да бидат вообичаен дел од бременоста, сепак, ако ништо од наведеното не ви помогне и не почувствувате олеснување, би требало да се обратите на лекар, особено во следните случаи:
-пред земање каков било лек
-доколку не почувствувате никакво олеснување и откако сте се обиделе со сето горенаведено
-доколку главоболките се влошуваат и стануваат почести
-ако главоболките се различни од оние што обично ги чувствувате
-ако покрај главоболката се јавува и заматен вид, изненадувачко добивање на тежина, болка во горниот или долниот абдомен, отекување на рацете и лицето.