Најважната работа на која треба да ги научиме своите деца
Лиса Фајрстоун пишува зошто емоционалната интелигенција е најбитната работа на која може да ги научиме своите деца. Лиса им предавала психологија на ученици од 7 до 14-годишна возраст со години. На своите часови таа ги поттикнувала учениците да размислуваат за своите чувства и ставови, како и за чувствата на другите. Резултатите честопати ја изненадувале.
Пречесто родителите мислат дека нивните деца се неспособни за разбирање на емоционалните проблеми во сопствениот свет, смета таа.
– Често ги заштитуваме со одбегнување на проблематичните и помалку пријатни теми. Но, може да ви кажам од искуство дека децата апсорбираат многу. Речиси веднаш откако ќе почнат да зборуваат, децата може да научат да ги препознаваат и да ги изразуваат своите чувства. Во околина во која за чувствата се зборува отворено, повеќето деца ќе зборуваат слободно за своите чувства и ќе сочувствуваат со своите соученици – вели таа.
Децата постојано забележуваат, реагираат, се адаптираат и развиваат идеи врз основа на своите емоционални искуства.
– Кога ги учите децата на емоционална интелигенција, како да препознаваат сопствени чувства, да разберат од каде доаѓаат и да научат како да се служат со нив, ги учите на најважните вештини за успех во нивниот живот – додава Лиса.
Навистина, едно истражување покажало дека емоционалната интелигенција предвидува над 54% од варијациите на успехот (врски, ефективност, здравје, квалитет на живот). Згора на тоа, постои доказ дека младите луѓе со висока емоционална интелигенција имаат повисоки оценки и прават поздрави избори.
Како родители, кога се нема начин за соочување со сопствените чувства, се доаѓа до проблем и во учењето на децата да се соочуваат со нивните. Лиса советува да се почне со 5 елементи кои ќе придонесат за личниот успех на индивидуата:
– Самосвест – познавање на своите чувства.
– Самоконтрола – способност за регулација и контрола на начинот на кој реагираме на нашите чувства.
– Внатрешна мотивација – препознавање на она што е битно во животот.
– Емпатија – разбирање на чувствата другите, сочувствување.
– Социјални вештини – способност за создавање социјални врски.
Сите пет елементи на емоционалната интелигенција може да бидат научени на која било возраст. Процесот започнува со признавање бидејќи само кога ќе знаеме каде сме, ќе бидеме способни да се смениме во она што сакаме да бидеме.