Здравје

Зошто сѐ повеќе мажи имаат проблем со стерилитетот?

Проблемот со машкиот стерилитет денес има и медицинска и демографска димензија, особено поради негативниот природен прираст. Според податоците, 15-18 отсто од паровите не успеваат да добијат потомство, а причините се речиси еднакво распределени меѓу партнерите.

Стерилитетот се дефинира како една година нормални интимни односи без зачнување. За точна дијагноза, потребни се тимски прегледи од уролог, гинеколог, ембриолог и ендокринолог.

Современиот начин на живот значително влијае врз плодноста кај мажите. Штетни фактори како тешки метали, пестициди, пластика, хормони, стрес и лоши навики можат да ја нарушат сперматогенезата. Сперматозоидите се исклучително чувствителни, па инфекции, метаболички и хормонални нарушувања можат да го намалат квалитетот на спермата.

Основна дијагностика се прави со спермограм, хормонски и ултразвучен преглед, а понекогаш и со генетски тестови. Кај околу 30 отсто од мажите причината останува непозната – тоа се случаи на идиопатски стерилитет.

Лекувањето вклучува здрав начин на живот, откажување од цигари, намалување на тежината и стресот, како и психолошка и нутритивна поддршка.

Суплементите што можат да помогнат се антиоксиданси:

Витамини (Е, Ц, Д, Б12, фолна киселина);
Аминокиселини (аргинин, карнитин);
Омега-3 масни киселини;
Микроелементи (цинк и селен);
Коензим Q10.

За потешки случаи се применуваат хормонска терапија, хируршки интервенции и методи на асистирана репродукција: од инсеминација (IUI) до интрацитоплазматско вбризгување на сперматозоид (ICSI).

Мултидисциплинарниот пристап и раната дијагностика се клуч за успешно решавање на овој сè почест здравствен проблем.

Извор

Поврзани написи

To top