„Моето дете гризна/удри друго дете“.
„Тој фрла работи, се фрла наназад, ме удира“.
„Не сака да јаде, не сака да ме слуша“.
„Таа е тврдоглава“.
„Тој/таа не знае да игра, не сака да дава играчки“.
„Стопати му кажувам една иста работа“.
Ова се најчестите реченици со кои родителите ми се јавуваат на советување.
Одговорот за сите е сличен: како се чувствува детето во тој момент? Зошто? На која возраст е? И тогаш познатата реченица: СЕТО ТОА Е НОРМАЛНО.
Не е нормално да очекувате од дете помало од 3 години да знае да си игра со другите деца, да знае да ги дели работите (бидејќи сè уште не научило и дека има свои работи), да знае да го контролира својот бес, не е нормално да се очекува детето да има свое мислење, дека не постои, дека не чувствува и дека нема право, дека тоа не е важно и дека е помалку важно.
Децата со години треба да учат дека нешто не може сега и веднаш, дека нешто не смеат да земат, дека не смеат да прават, но не треба да се казнуваат дополнително поради покажување незадоволство ако нешто не сме му дале. И нам кога некој ќе ни застане на патот, кога нешто не ни е дозволено, кога некој ни пречи во напредувањето во кариерата, не ни е сеедно, лути сме, бесни, фрустрирани.
Зошто овие емоции кај децата нè загрижуваат? Дали не е примерно на јавно место или пред други да бидат бесни и лути?
Дали лутењето е забрането?
Зошто стануваме лажни моралисти со реакцијата: „Ау, детето се фрла на подот, вреска… какви родители, какво невоспитано дете (јас никогаш не сум невоспитан/а, никогаш не викам дома, никогаш не сум лут/а, никогаш не озборувам, не сум саркастичен/на, пасивно-агресивен/на итн.).
Проблемот е што возрасните не се во контакт со својот бес, со својата лутина, не знаат што да прават со неа и ја прикриваат или ја истураат на партнерот и на децата, за потоа да им остане чувството на вина дека претерале – и да, тој вишок енергија што се појавува ако му се развикаме на детето затоа што нешто истурило, не му припаѓа нему, туку на нашите проблеми во кои не сме ја покажале потребната агресија (на конструктивен и зрел начин).
Поради таа причина, најчесто бесот е корисна и потребна основна емоција, како и тагата, се потиснуваат и забрануваат, а потоа се враќаат во потешка и полоша форма, на погрешно место, во погрешно време и во погрешни односи.
Поради таа причина, неопходно е да бидеме луѓе, да не се преправаме дека не сме, а не сме совршени и без грешки и маани што предизвикуваат потребно разочарување во себе, тага, бес, ранливост, беспомошност и другите емоции со кои треба да бидеме на „ти“, да ги прегрнеме, да ги прифатиме за да ги пребродиме.
Кога на децата ќе им покажеме како паѓаме и стануваме, како ги доживуваме сите емоции, како ги контролираме и како ги пребродуваме, тогаш ќе им дадеме најважен пример и ќе ги учиме како да бидат свои, емоционално писмени, интелигентни, одлучни, храбри и среќни.
Автор: Сунчица Јовановиќ
912