Дискриминацијата по социјален статус е првото невидливо насилство на кое се изложени децата во установите на образовниот систем, па дури и во здравствените установи, вели м-р Билјана Стојановска
Во општество во кое знаеме што сè е штетно за развојот на децата, време е да се разбудиме и за она што незабележано и ненамерно многумина го правиме.
Додека другарчињата одат на убави летувања и зимувања, наставничките ја даваат првата писмена во новото полугодие на тема: Како го поминав летниот/зимскиот распуст“. Сите знаеме да дадеме коментари, како пофалби: „Колку убави патики имаш!“ или: „Многу си слаб/а, да се здебелиш малку“. Дали знаете како детето го разбира тоа? Кои вредности ги прифаќа и понатаму се труди да ги достигне, мислејќи дека така ќе биде личност што вреди?
Што ќе напишат на зададената писмена децата што целиот распуст го поминале дома? Ќе научат или да лажат за да бидат прифатени или ќе се повлечат развивајќи чувство на несигурност или помала вредност. Зарем имањето нова тетратка и потребен прибор или нови патики за часот по физичко образование ни стана мерка за процена колку е паметно детето? Ако нема боички или блок за часот по ликовно образование, ќе добие слаба оценка или етикета дека е неодговорно. Мора ли да го носи товарот гледајќи ја тагата кај родителите кога се немоќни да му обезбедат можеби и храна, а не само училиштен прибор навреме? На тој начин направивме социјалниот статус на родителот да биде мерка за процена за неговата грижа кон детето.
Билјана Стојановска, психолог
Кој е компетентен да ја процени љубовта што родителите ја имаат кон своето дете? Зошто станавме општество во кое детето мисли дека љубовта не е доволна, па почнува дури и да се срами од своите родители зашто немаат убава облека кога ќе дојдат на родителска средба?
Дискриминацијата по социјален статус е првото невидливо насилство на кое се изложени децата во установите на образовниот систем, па дури и во здравствените установи. Се дават препораки за посебни диети, органска храна, витамини… Зарем секој родител не сака на своето дете да му обезбеди сè најдобро, па и храна? Неопходно ли е да се купи сè најскапо и дали треба да се истакне скапата храна за здравјето на детето, пред хидратацијата со вода и сезонско овошје и зеленчук кои се купуваат на пазарите?
Детето го формира својот карактер и кои животни цели понатаму ќе ги постави зависи од вредностите прифатени и наметнати од општествените и социјалните системи, образованието, семејството, врсниците.
Зборовите се најмоќното оружје што допира директно во детското срце. Не мора секогаш да се насочуваме кон лекување на последиците изразени како најразлични психолошки тешкотии или понатаму кон несоодветен социјален или емоционален развој.
Негативната слика за себе кај детето е првиот симптом што мора да биде аларм за промена, бидејќи токму таа е првиот корен од кој понатаму никнуваат суицидни идеи и обиди, кои статистички се најчести во периодот на пубертетот, како развојна фаза кога се формира идентитетот на личноста и се преиспитуваат и структурираат вредностите. Чувството на немоќ да промени нешто доведува кај детето кон немање желба за живот или несоодветно барање на внимание за некој да го слушне неговиот проблем.
Најважна е превенцијата!!!
И кога веќе детето има потреба од психолошка помош и поддршка, да подадеме сите рака, едно бесплатно психолошко советување за децата со понизок социјален статус нема да го намали нашиот материјален статус. А кога секој би му понудил барем на едно дете, па и на едно цело семејство бесплатна психолошка помош и поддршка, тоа ќе биде вложување не само во менталното здравје на децата, туку и во менталното здравје на општеството.
Во Законот за заштита на децата, чл. 12, ст. 6 пишува: „Државата и институциите на системот се должни да ги преземат сите потребни мерки за да ги обезбедат правата на детето и за спречување на сите облици на дискриминација и злоупотреба без оглед на местото каде што се извршени овие дејствија, тежината, интензитетот и нивното времетраење“.
Како поединци да ја поставиме совеста како чувар на зборовите што ги изговараме и наместо да кажуваме што не треба да биде, пред сè, секој да си го постави прашањето: Што јас со моите зборови предизвикувам кај децата?
Автор: м-р Билјана Стојановска, лиценциран психолог при Комора на психолози
Текстот е подготвен во рамките на програмата на Денови на психологија 2019: Ајде да зборуваме за видливото и НЕвидливото насилство.
Деца.мк е поддржувач на Денови на психологијата 2019, организирани од Комора на психолози.
912