Воспитување

Зошто соперништвото и кавгите меѓу браќата и сестрите се добри?

Мартина Јуриљ, магистер по едукативна рехабилитација, е мајка на две девојчиња. Се занимава со советување и едукација на родители и деца во својата градинка „Мала градинка“ и зборува за сето она што треба да се знае за кавгите помеѓу браќата и сестрите во текот на растењето.

По работната недела, секој родител сака да помине мирен викенд за да се одмори и да ги наполни батериите за следната недела. Таков е и случајот со мојот сопруг и со мене. Сè што сакаме кога ќе дојде петокот е мирен и опуштен викенд дома или во природа. И така ни доаѓа тоа прекрасно саботно утро и само што ги отворив очите и ја вдишив тишината…

„Мамоооо, кажи ѝ да престане!“

„Мааамооо, нека ми го врати чешелот, мој е!“

Моите две прекрасни девојчиња веќе не се однесуваат така прекрасно…

И двете станале пред нас, слегле долу и откако ја милувале мачката, нашле начин како да започнат кавга. Помладата сакала да ја исчешла косата и го зела чешелот на сестра си. Постарата веќе некое време чекала трпеливо да ѝ го врати, но помладата ја има таа силна потреба за пркос, па не сакала да ѝ го врати чешелот. Се разбира, постара ќерка се налутила поради тоа, бидејќи ѝ е преку глава нејзините работи постојано да се чепкаат и земаат.

Кој и да е виновен, факт е дека утрото не почна мирно. За жал, ниту остатокот од денот, викендот, не е мирен. Двете сестри секогаш наоѓаат некоја ситница, проблем, работа, која може да се претвори во опасна кавга. Вресок. Плачење. Издавање. Но, во целиот тој немир има една убава вест. Вест која секој родител, изморен од зборување на своите деца мирно да си играат заедно, веќе долго време сака да ја слушне: соперништвото помеѓу браќата и сестрите поттикнува когнитивен и емоционален развој, ја развива зрелоста и ги подобрува социјалните вештини.

Откако ситуацијата ќе се смири, ќе се разговара, но без мешање и заземање страни

Денес истражувањата ни покажуваат дека колку повеќе се караат браќата и сестрите, толку повеќе учат сложени лекции за комуникација и меѓусебен однос. Петгодишниот истражувачки проект за браќата и сестрите на Центарот за семејни истражувања при Универзитетот во Кембриџ открил дека колку повеќе се вознемируваат децата, толку повеќе учат за регулирањето на своите емоции и начинот на кој може да влијаат врз туѓите емоции. Не сакам да кажам дека е добро браќата и сестрите да се мразат или постојано да поминуваат време во расправии, но сопругот и јас сакаме мир во куќата и негуваме здрави и мирни односи. Најмногу сакаме да видиме дека нашите девојчиња се согласуваат и играат заедно. Во моментите кога кавгите стануваат бурни, секогаш сме блиску и ја следиме ситуацијата за да можеме да ја прекинеме кавгата ако стане премногу груба или можеби опасна за која било од нив.

Но, добро е да се знае, можеби и утешително, дека не треба премногу да се мешаме. Знаејќи дека преку меѓусебните конфликти нашите деца учат вредни социјални вештини и развиваат емоционална интелигенција, можеме да останеме мирни и да не се мешаме премногу во нивните кавги. Она што треба да го направиме, откако ситуацијата ќе се смири, е да разговараме со нив и да се обидеме да ги сослушаме и двете, без да заземаме нечија страна. Откако сите ќе се смират, дури тогаш ќе може да се стават настрана емоциите, да се вербализира проблемот и да се опише состојбата во која се нашле. Ова е процес кога децата може да учат, смирени и подготвени за разговор. Тогаш е добро да им се објаснат правилата за кои се грижите, да ги научите дека за проблемот секогаш постои решение и дека за сè може да се постигне договор. Без разлика дали во моментот на кавга или мир браќата и сестрите можат едни на други да си бидат најдобри учители. Од лекции за слушање и емпатија до вештини за преговарање и решавање судири, децата меѓусебно се подучуваат за она што е најважно во животот – силата на безусловната љубов.

Автор: Мартина Јуриљ, магистер по едукативна рехабилитација

Поврзани написи

To top