Воспитување

Зошто сексуалното образование кај деца со интелектуална попреченост е неопходност, а не избор

Сексуалноста е дел од човечкото битие и за сите луѓе, во сите фази од животот, без исклучок. Но, кога станува збор за децата и младите лица со интелектуална попреченост, оваа тема често е обвиена во стигма, табуа или непријатност. Самата сексуалност не исчезнува кај овие деца, тие имаат чувства, потреби, љубов, желба за врски и желба да бидат прифатени како секој друг млад човек. Токму затоа, сексуалното образование не е нешто што треба да се дискутира како дополнителен елемент, туку е неопходен дел од нивниот развој и благосостојба.

Секој млад човек, вклучувајќи ги и оние со интелектуална попреченост, има право на информации што ќе му помогнат да ги разбере своето тело, чувства, граници и односи. Без вистински информации, децата со попреченост често остануваат дезориентирани, збунети или зависни од неточни изворни информации (на пример, на интернет), што може да ги доведе во ризични ситуации. Истражувањата јасно покажуваат дека лицата со интелектуална попреченост се изложени на повисоки ризици од сексуално вознемирување и злоупотреба во споредба со нивните врсници без попреченост. Ова не е прашање на теорија, туку на реалност која многу семејства и професионалци ја препознаваат. Без конкретни знаења за граници, согласност или препознавање на опасни ситуации, овие лица не можат да се заштитат. Токму затоа е клучно да добијат соодветно сексуално образование што ќе им помогне да ги препознаат знаците на ризик и да знаат како да реагираат.

Јас како специјален едукатор и рехабилитатор советувам секогаш да се започне со отворен дијалог што е приспособен на когнитивното ниво на детето. Не мора да почнува со големи или сложени теми одеднаш, може да се почне со основите за тело, лични граници, почитување на други и на сопственото тело. Овој приод ја намалува стигмата и ја гради довербата меѓу вас и детето. Сексуалното образование не треба да биде само во училница, тоа е тимски процес. Соработката со специјални едукатори, терапевти, психолог и родители е клучна за да се создаде конзистентна поддршка. Истражувањата, исто така, нагласуваат дека обуката на професионалците што работат со лица со интелектуална попреченост е важен чекор за успешна имплементација на сексуалното образование.

Еден од најважните совети што можам да го споделам е да се биде пример за отворена комуникација. Кога ги прифаќаш темите без срам и паника, детето исто така ќе се почувствува безбедно да постави прашања, да изрази сомнежи или да побара помош. Токму оваа доверба е клучна за здрав развој не само на сексуалноста, туку и на самопочитта.

Сексуалното образование за деца со интелектуална попреченост не е избор, ниту нешто што може да се одложи или избегне. Тоа е: право на информации и поддршка,  превенција од ризици и злоупотреба, основа за здрави односи и самопочит, клучна алатка за придонес кон инклузивно општество.

Дури и ако темата предизвикува непријатност, токму нејзиното игнорирање носи далеку поголем ризик. Затоа, секогаш кога имаш можност да зборуваш отворено, со почит и приспособено, стигнуваш чекор поблиску кон тоа детето да биде подготвено за реалниот живот, со знаење, почит и самодоверба.

Како специјален едукатор и рехабилитатор, ви предлагам повеќе активности на оваа тема за работа со вашите деца, при што ќе се развие способност да препознаат кога некој ги крши нивните граници и како да реагираат, што е суштински дел од сексуалното образование:

 1. Активности за разбирање на телото и граници

  • Користете визуелни материјали (корисни слики, анатомски модели, илустрации) за да ги објасните деловите од телото и нивните функции.
  • Применувајте активности каде што децата одговараат кога нешто им е пријатно (да) или не (не), што помага да се разберат личните граници.
  • Кажувајте им кратки приказни со примери за различни ситуации (пристојно и непристојно однесување) и прашања „Како би реагирал/а?“

2. Вежби за препознавање согласност, што многу тинејџери, а особено лица со интелектуална попреченост не го учат на друг начин освен преку повторливи и практични вежби:

  • Драматизација, односно симулации каде што децата вежбаат да кажат „да“ или „не“ со јасни команди.
  •  Им се даваат карти со реченици: „Можам да те бакнам?“ или „Може ли да те прегрнам?“ и учење како да се одговори.
  • Емоционална проверка, се поставува прашање: „Како се чувствува твоето тело кога ти е непријатно?“

3. Сексуалното образование мора да вклучи и разговори за тоа како да се препознаат неисправни ситуации каде што некој ги прекршува границите, како да побараат помош, односно кому да се обратат ако се чувствуваат непријатно. Потребен е и разговор за заштита од злоупотреба и инфективни болести со јасни, едноставни информации што ги разбираат.

Како посебен совет што би сакала да го потенцирам е заедничката работа со родителите при имплементацијата на сексуалното образование. Тоа вклучува подобрување на свеста дома, да се научат родителите како да одговорат на прашањата на детето со јазик и тон приспособени според развојно ниво.

Сексуалното образование за лица со интелектуална попреченост не е само теоретски предмет, тоа е практичен, приспособен и инклузивен процес што им помага да развијат чувство за сопствена вредност и граници, способност да кажат „не“ и да препознаат злоупотреба, знаење за безбедност, заштита и здрави врски, затоа што без овие активности децата остануваат ранливи на манипулации, ризици и злоупотреби, што е токму спротивно на целта на поддршката во специјалната едукација.

Автор на текстот: Марија Давчевска, специјален едукатор и рехабилитатор/ наставник- ментор/ реедукатор на  психомоторика

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top