Пред да се изговорат првите зборови, детето активно комуницира со својата околина на различни начини. Најпрво тоа го прави преку невербални средства за комуникација, така што вокализира, го насочува погледот кон други личности, наизменично насочува погледи кон предмети и личности и користи изрази на лицето и гестови.

Споменатите средства за комуникација се „алатки“ со кои детето доминантно влијае врз својата околина пред да почне да зборува.
Гестовите се едно од најчесто користените средства за комуникација во предјазичната фаза. Гестовите се движења насочени кон личност со цел да се пренесе порака, а се изведуваат со прсти, раце, движења на лицето или телото. Во периодот помеѓу 9 и 15 месеци, детето е свесно дека неговото однесување може да испраќа пораки и со тоа да влијае врз другите луѓе, но неговиот говор сè уште не е доволно развиен и не може да ја преземе таа улога. Гестовите се користат за да се насочи вниманието на неговите родители кон предмети кои се надвор од неговиот дофат, или да сподели со родителите нешто интересно што моментално е во фокусот на неговото внимание.

Затоа, гестовите се појавуваат развојно пред говорот и го отвораат патот за јазично-говорен развој. Постои голема веројатност дека тоа што детето го означува предметот со гест ќе прерасне во означување на предметот со зборови.

Првите гестови се појавуваат помеѓу 8. и 10. месец и ги делиме на контактни и дистални.

Со контактни гестови постои контакт помеѓу детето и предметот или детето и друго лице. На пример, детето влече туѓа рака со одредена цел. Друг контактен гест е гестот за посегнување. За време на извршувањето на овој гест, раката е испружена со дланката свртена надолу во положба за фаќање. Обично, детето прави движења на отворање и затворање на дланката. Детето го користи овој гест за да посегне по саканиот предмет. Гестот што се појавува рано е и гест на давање, каде што детето му дава предмет на друго лице, со цел да побара некоја акција или да сподели интерес за тој предмет.

Со дисталните гестови нема контакт помеѓу детето и предметот или детето и друго лице. Најчесто користен дистален гест е гестот со покажување. Во гестот со покажување детето го продолжува показалецот и го покажува кон предмети или други луѓе. Децата го користат овој гест кога сакаат предмет до кој не можат сами да стигнат, но во голема мера и кога сакаат да го насочат вниманието на друго лице кон нешто интересно. Овој гест се случува помеѓу 9. и 13. месец и е важен предвидувач за развојот на јазикот и говорот.

Малку подоцна, околу првиот роденден, се појавуваат репрезентативни гестови кои самостојно носат значење надвор од ситуацискиот контекст. Репрезентативните гестови се гестови кои се дел од социјалната рутина. На возраст од околу 12 месеци детето одмавнува со главата за „не“, мавта со рака за „чао“ и плеска за „браво“.

Раниот комуникациски развој на децата во голема мера се карактеризира со употреба на гестови и тие се еден од најважните показатели во процената на развојот на комуникацијата. Отсуството на гестови во раниот детски развој може да укаже на одредени доцнења во комуникацијата и јазично-говорниот развој.

Автор: Урша Пеша/логопед

Извор



912

X