– Мамо, дали некогаш и ти си била мала?
– Сум била – одговарам гордо и подготвено, не знаејќи дека следното прашање ќе ме залепи за ѕид.
– А зошто си сакала да пораснеш?
И ете го. Прашањето што не го очекував, не толку рано, но и никогаш. Зарем не сакаат сите деца да пораснат што побрзо, зарем не им го претставуваме тоа растење како нешто што треба да го заслужат, да заработат доволен број изедени супи, зеленчук на пареа, овошни ужини, попладневни дремки, убави манири и некои други, измислени барања? Да се издигнат на прстите, трпеливо да одат на спиење во своите пижами и наутро да трчаат сонливи за да проверат колку пораснале преку ноќта. Зарем не брзаат, така мали и прекрасно искрени и чисти, дека колку побрзо пораснат големи како мама и тато, убедени дека животот дури тогаш почнува? Дека дури тогаш стануваш важен, сериозен, голем… Како мама и тато.
Подоцна ќе ги убедуваме да уживаат во училишниот период бидејќи никогаш нема да бидат толку безгрижни, толку весели. Но, тогаш е веќе доцна – сме им ја всадиле таа нестрплива желба да пораснат, исчекување дека нешто големо и убаво тогаш ќе се случи, дека нешто важно ќе дознаат. Но, нема.
Подоцна, кога ќе пораснат, ќе бидат бомбардирани од интернет-страниците и магазините со различни мотивациски пораки, дека треба малку да забават, да уживаат во моментот, да најдат среќа во малите работи… Но, ќе биде доцна. Ние веќе во детството сме ги убедиле дека секогаш е подобро она другото време, некое идно време, кое се чека нетрпеливо, додека како добри момчиња и девојчиња го јадеме својот здрав оброк и ги завршуваме задачите како што треба. Живееме во иднината, ги мериме проблемите и темите, ги споредуваме по сериозноста и зрелоста, како возрасниот живот да е нешто што треба да се заслужи, како да не стигнуваме сите таму, порано или подоцна. Како да е некоја особено голема работа да се биде возрасен. Поголема од тоа да бидеш дете.
Сакав да му кажам:
– Да те гледам тебе како растеш е нешто најубаво на светот. Нам тоа ни претставува радост, сила, живот, цела една вселена. Во секој момент, секој ден. Сакам да гледам како од малечка трошка стануваш момче кое вози тротинет, игра домино, ме задева, се гали, прави фаци и има омилена боја и приказна. Едвај чекам да видам што ќе донесе животот и во каков човек ќе пораснеш, каква ќе ти биде насмевката, каков ќе ти биде погледот. Но, не сакам да пораснеш. Сакам да растеш тука, со нас и покрај нас. Да пораснеме заедно, секој час, секој ден.
Немој да чекаш еден ден да бидеш како мама и тато, туку уживај тука и сега во она што си – бидејќи не си мал, туку си тамам колку што треба да бидеш. Уживај во тоа што имаш слобода и остави нè нас да се грижиме за тебе, бидејќи еден ден некои работи ќе мораш сам да ги носиш на својот грб. Растењето носи некои преубави работи, но ништо подобро и поубаво од она каде што си сега.
Немој да чекаш да пораснеш, туку само расти и развивај се. Тоа е нешто најубаво на светот – нешто несопирливо, нешто неминовно. Но, те молам, не прескокнувај ги овие години, овие денови на најубаво, безгрижно детство, нестрпливо чекајќи нешто друго, нешто подобро, нешто поголемо. Бидејќи и сега си поголем од претходно. Утре ќе бидеш уште поголем и така до недоглед. Поголем по знаење, искуство, по сеќавања. Но, не е поголемото секогаш подобро. Некогаш искуството нè загорчува, нè лути, нè замолчува, нè смирува, нè закотвува. Некогаш пораснуваме во болешливи луѓе, некогаш ги забораваме сите тие желби за кои сме сонувале како малечки. Затоа расти сега, сонувај сега, уживај токму сега.
Да можеш да стоиш гордо и самоуверено како човекот во кој ќе израснеш, знаејќи дека ништо не си пропуштил. Ајде да не чекаме да стигнеш на дестинацијата, ајде сега да уживаме на тој пат.
Сè сакав да му кажам. Но, наместо тоа, му реков:
– Зошто сакав да пораснам? Верувај ми дека не знам зошто некој некогаш би го посакал тоа.
Дојди, ајде да си играме.