Воспитување

Зошто родителите треба да ги покажуваат вистинските чувства пред децата?

Родителите што постојано глумат дека се среќни, правејќи го тоа заради своите деца, всушност нанесуваат повеќе штета отколку добро.

Некои родители настојуваат да ги кријат своите негативни чувства од децата, нагласувајќи ги позитивните. Новото истражување покажа дека родителите што постојано глумат дека се среќни, заради своите деца, всушност им нанесуваат повеќе штета отколку добрина. Непокажувањето на негативните чувства и пренагласувањето на позитивните може да го наруши здравјето на родителите.

Родителите што се обидуваат да бидат „совршени“ пред своите деца, всушност, покажуваат ниска автентичност, лош квалитет на врската со децата и послабо задоволување на нивните потреби.
Д-р Емили Импет, коавторот на ова истражување, вели: „Резултатите покажаа дека за криењето на негативните чувства пред децата и пренагласувањето на позитивните, родителите плаќаат одредена цена: тоа прави самите да се чувствуваат полошо“.

Д-р Бони Ли, водечкиот автор на истражувањето, вели дека родителите „плаќаат цена“ кога на овој начин ги контролираат своите емоции, бидејќи тоа ги прави да се чувствуваат помалку автентични и неискрени кон себе. „Важно е да се напомене дека нагласувањето на позитивните чувства е штетно и дека контролирањето на емоциите на овој начин, иако се чини дека е добро за децата, не е толку добро за родителите“, додава Ли.

„Овие наоди го осветлуваат начинот кој придонесува родителството да се доживува како мачење наместо задоволство. Тој начин е претставен преку претерано манифестирање позитивни емоции и непокажување на негативните заради доброто на децата. Идните истражувања би требало да се занимаваат со откривање нов, подобар начин на кој родителите би управувале со своите емоции и кој би им овозможил да бидат она што се, а исто така би придонел и за доживувањето на родителството да биде исполнето со среќа“, заклучува Импет.

Непокажувањето на автентичните емоции, освен што е штетно за здравјето на родителите, е лошо и за децата. Имено, оние деца што од детството сведочеле како родителите ги потиснуваат своите вистински (главно негативни) емоции заменувајќи ги со позитивни – можат да усвојат ваков начин на однесување кон емоциите, што подоцна и кај нив може да предизвика здравствени проблеми.

Кај некои деца може да се појави и уверување дека манифестирањето негативни емоции секогаш има лош ефект, па затоа тие ќе ги потиснуваат и ќе ги натрупуваат во себе. Кога натрупувањето ќе го достигне својот врв, дури и при некаква највообичаена случка може дојде до „експлозија“ или „пукање“. Тоа обично се случува во некој несоодветен момент и ефектот е главно лош. Детето со ваква манифестација го потврдува своето уверување дека негативните емоции не треба да се покажуваат бидејќи тоа лошо завршува и така влегува во маѓепсан круг.

Најлошата последица од непокажувањето на вистинските емоции пред децата е што тие никогаш нема да научат да ги препознаваат и правилно да ги интерпретираат своите чувства. А непрепознавањето на своите емоции води кон непрепознавање и на туѓите, што влијае врз интерперсоналните односи и создавањето емоционални врски, кои се основа на човечкото општество.

 

Поврзани написи

To top