Потенцијалот на приказната е непредвидлив. Приказните можат да имаат извонредна моќ, можат да ги менуваат меѓучовечките односи и да влијаат врз предрасудите што ги имаме, па според тоа, потенцијалот на приказната да убедува може да биде зачудувачки.
Д-р Зои Волкингтон, психолог од Отворениот универзитет во Велика Британија, го свртила вниманието на истражувањето за ефектот што го оставила книгата „Хари Потер“ врз лицата што прочитале само неколку поглавја. Имено, луѓето што ја читале книгата за Хари Потер повеќе веруваат во можноста за поместување предмети со умот во споредба со луѓето што не го читале ова дело. Додека луѓето што читале книги за вампири многу често мислат дека имаат подолги заби во однос на својата популација, и тоа само затоа што прочитале едно или две поглавја. Психолозите ја нарекуваат оваа појава асимилација – каде што читателот ги усвојува карактеристиките на измислени групи или ликови.
Психологијата познава уште неколку ефекти што ги остава читањето врз нашиот ум:
1. Транспортирање – се подразбира читателот да се губи во светот од приказната што ја чита. Докторката Волкингтон ја објаснува оваа појава како јавување на чувство на целосно нурнување во светот од приказната.
2. Идентификација – читателот ги усвојува перспективата и идентитетот на ликот од приказната. На извесен начин читателот го чувствува она што му се случува на ликот од книгата што ја чита.
Истражувањата укажуваат дека овие два ефекта се поврзани со нашата способност за емпатија кон другите лица.
Писателот и режисер Ентони Хоровиц смета дека со читањето не го одмораме мозокот, туку градиме свет на зборови, па тој свет го поврзуваме со град, а градот го населуваме со одредена популација на луѓе. Филмот, телевизијата и театарот имаат призната улога во обликувањето на мислењето преку приказна, а ништо помалку од тоа немаат и оние напишани во книгите.
Невролозите од Универзитетот во Кембриџ набљудувале посебни делови од мозокот во процесот на читање. „Нашето истражување се засноваше на значењето што го оставаат поединечни зборови. Ако, на пример, го прочитате зборот скокање, ќе се активираат делови во мозокот кои вообичаено се активираат кога изведувате скокање“, објаснил доктор Олаф Хаук, когнитивен невролог од „Кембриџ“. Една од теориите што може да го објаснат овој ефект има врска со „невроните на огледала“. Ова се неврони кои реагираат на активностите на другите луѓе во нашиот мозок додека читаме.
– Можно е да почувствуваме тага кога читаме за некој што е тажен или да чувствуваме среќа кога читаме за нечија среќа. Јас сум убеден дека во овој процес имаат улога невроните на огледало, но целосната приказна не се завршува овде – вели докторот Олаф.
Односите што ги градиме со ликовите кои не се реални често можат да бидат како оние што ги имаме со реалните лица, па психолозите ова го нарекуваат парасоцијална врска. Она што е интересно е дека овие врски докажано можат да придонесат за сузбивање на чувството на осаменост, ја зголемуваат самодовербата и можат да го подобрат нашето расположение. Познато е дека врските што произлегуваат од пријателството кое го негуваме со различни луѓе го обликуваат нашиот свет, но она што е можеби најинтересно е дека тие пријателства не мора да бидат реални.
Истражување што го спровел психологот Лорис Везали од Италија покажало дека децата што ја читале „Хари Потер“ имале намалени предрасуди кон мигрантите. Меѓутоа, важно е да се спомене дека ова бил случај со деца што се идентификувале со ликот на Хари.
„Приказните се важен дел од детското растење, тие се креираат низ игра и имаат значајна улога во тоа како децата го разбираат светот околу себе и себе“, истакнала учителката Герти Ахилен.
Заклучокот е дека приказните може да предизвикаат емпатија, да ги намалат осаменоста и предрасудите и да бидат многу уверливи кога се во прашање, на пример, политичките убедувања или контроверзните прашања како истополови бракови, мигранти и слично.
Автор: Јелена Ќириќ