Дигиталните наставни содржини се во голема мера дел од нашето секојдневие. Иако веројатно пандемијата на коронавирусот ја забрза дигитализацијата на наставата во светот, просто е незамисливо наставата денес само да подразбира предавање пред табла. Поткастите во голем дел може да ни помогнат во овие ситуации.

Електронските содржини имаат апсолутен примат во многу професии, а особено во наставничката. Поткастите многу брзо добија големо значење во наставата. Со помош на овие дигитални звучни содржини можеме лесно и брзо да дојдеме до информации, совети или идеи за спроведување настава. Исто така, можеме како автори да го проследиме материјалот до нашите ученици, односно пошироката публика.

Најголемата предност на користењето поткаст во образованието се огледува во тоа што многу едноставно можете да направите свој поткаст. Исто така, за да пристапите кон саканиот поткаст, треба само да имате интернет-конекција. Поткастите може да ги следите каде било и кога било, кога ви одговара. Поткастот може да ја олесни реализацијата на наставата, содржински да ја збогати, односно да заштеди многу време во работата.

Што е всушност поткаст?

Поткаст е аудио или видеозапис кој се слуша или гледа преку интернет. Како медиумски содржини најслични се радиоемисиите – може да бидат во форма на интервјуа или само наратив на некоја одредена тема. Во изминатите 15 години светот „полуде“ по поткастите. Речиси и да не постои тема од животот која не е покриена со одредени поткасти. Токму едноставноста на креирањето претставува голема предност на овие содржини, а притоа, како автор имате апсолутна слобода во работата. Поткастот, всушност, претставува авторска емисија која е поделена на епизоди. Затоа една од одликите на поткастот е неговата периодичност: на публиката ѝ ги претставувате новите епизоди во периодите кои самите ги одредувате.

Поткастите и образованието

Сигурно се сеќавате на образовните радио и ТВ-програми. Иако има сè помалку вакви емисии во програмските шеми, тоа никако не значи дека едукативните содржини се изгубиле – тие всушност само се преселиле на интернет. Примената на поткаст во образованието може да биде повеќенасочна. Прво, со поткастите им овозможувате на учениците секогаш да имаат пристап до одредени наставни теми. Замислете само колку погодности произлегуваат од тоа да имате свои лекции во аудиоформат. Учениците би можеле секогаш да се вратат на поминатата содржина, кога и да сакаат, а времето наменето за обновување на материјалот не би зависело само од часовите од годишниот план. Поткастот ви овозможува дополнително да ја истражувате секоја наставна единица. Добар дел од учебната година се сведува на следење (усогласување) на наставниот план. Веројатно често сте се среќавале со ситуации во наставата кога одредена наставна единица сте сакале дополнително да ја појасните, да ја збогатите со нови информации или едноставно да пробате некои нови методи. Сите овие предизвици можете да ги решите со снимање поткаст.

Предности на поткастот

Поткастите лесно можете да ги изработите на секоја актуелна тема. Секоја платформа за учење, без разлика дали во дигитален или класичен облик, е добра и ефикасна онолку колку што може самата да се подобри (ажурира). Тоа е новиот стандард во која било професија, а особено е видлив во образованието. И токму поткастите ни даваат можност да држиме чекор и да го поминеме информацискиот јаз во општеството во кое секој ден се случува нешто ново на полето на науката, педагогијата и технологијата. Со поткастот излегувате од рамката на својата училница и можете да допрете до голем број ученици и наставници.

Доколку сметате дека сте наставник кој има што да каже и чии предавања го задржуваат вниманието, тогаш поткастот е одлична идеја за вас. Со користењето на оваа иновација, вредностите и знаењето кое го застапувате во својата работа, сега може да се слушнат многу подалеку од вашата училница.

На интернет можете да пронајдете голем број едукативни поткасти, претежно на англиски јазик, но има и понуда на поткасти од регионот. Има и стриминг-платформи на кои може да следите поткасти. За да направите добар поткаст, секако, ќе мора да одвоите дел од слободното време, да направите план за реализација и сценарио за поткастот, да ги снимите и уредите материјалите во некоја програма, но сите напори носат многу придобивки.

Извор



912

X