Шарената картонска кутија преполна со предмети за бебе е нешто што е вообичаено во Финска. Кутијата не е подарок од дарежлива тетка или од пријател. Таа е од „Кела“, владина агенција за социјално осигурување. Родителите од цела Финска ја добиваат истата кутија од државата. Но, кој плаќа за тоа и која е целта на овој подарок? Дали програмата за бебешка кутија носи некакви економски придобивки за целата земја?
Кога таканаречената бебешка кутија првпат била воведена во 1938 година, нејзината вредност изнесувала околу 450 фински марки (2,6 долара), околу третина од месечната плата на еден индустриски работник. Целта на кутијата била да им го подобри здравјето на мајките и на бебињата и да се бори против нискиот економски раст на населението меѓу двете светски војни.
Во 1936 година, според статистиките на „Кела“, 4.543 деца починале пред да наполнат една година, што е еднакво на 66 смртни случаи на секои 1.000 раѓања. Најчести причини за смрт кај новороденчињата биле грипот, пневмонијата, дијарејата, големата кашлица и туберкулозата. Тогаш, 80 отсто од населението живееле во селата и биле сиромашни. Здравствените услуги биле ограничени и мајките најчесто се породувале дома, не секогаш во хигиенски услови, така што првите бебешки кутии содржеле чиста прекривка на која требало да се породат мајките. Исто така, обичните луѓе имале многу ниско ниво на знаење во врска со здравствените проблеми поврзани со бременоста.
Првите кутии за бебиња биле со услов: мајката морала да посети доктор
– Една од тие работи беше сифилисот. Беше важно бремените жени да добијат антенатална грижа пред 16. гестациска недела за да дознаат дали имаат сифилис и да се лекуваат, за да се избегнат сериозни проблеми и кај мајката и кај бебето – вели Реиџа Клемети, истражувачки менаџер и експерт за сексуално и репродуктивно здравје од Националниот институт за здравје и благосостојба во Хелсинки.
Друга причина за кутијата била потребата на Финска да се зголеми бројот на бебиња. На почетокот на 20 век, по смртните случаи во Првата светска војна, падот на бројот на населението ги загрижувал европските политичари.
– Политичарите сакале потенцијални војници поради можна нова светска војна – вели финскиот етнолог Сана Саркела.
Во 30-тите години владата стравувала дека новата генерација на Финци ќе биде потребна како војска против двојните закани од Хитлер и Сталин.
Првите кутии за бебиња биле со услов: мајката морала да посети доктор, акушерка или пренатална клиника за медицински преглед. Со тоа жените биле поттикнувани да бараат здравствена заштита, практика што продолжува и денес.
Директната врска помеѓу медицинската нега и кутијата за бебиња спасила многу животи со раното откривање на проблемите. Во 2017 година Финска имала 3,9 смртни случаи на новороденчиња на 1.000 живи новороденчиња и мртвородени деца, што претставува намалување за повеќе од 10 пати од 30-тите години. Опадната е и смртноста на мајките, од 71,8 на 100.000 живи породувања во 1960 на 5,7 во 2016 година.
Се разбира, овие позитивни резултати не биле само поради кутијата за бебиња – медицинските установи и програмите за имунизација брзо се развивале во овој период, а повеќето жени раѓале во болница. Се зголемиле животните стандарди и познавањата за исхрана и здравје, што придонело за намален број на смртни случаи.
И претседателот на Финска ја добил бебешката кутија
Од 1949 година бебешките кутии биле дистрибуирани до сите потенцијални родители во Финска. Оттогаш станале заедничко искуство што ги поврзувало генерациите, па дури и станале дел од финскиот национален идентитет. Дури и претседателот Саули Нинисто добил кутија оваа година, по раѓањето на неговиот син во февруари.
– Како би можел да ја одбие кутијата? Станува збор за фински гест. Помага во создавањето кохезија и доверба во општеството со тоа што на сите деца им дава сличен почеток во животот – вели социологот Ана Ротрикх.
Генерации Финци израснале заедно играјќи во истата облека од кутиите за бебиња. Некои сметаат дека тоа го рефлектира егалитарниот пристап на Финците и чувството за заедничка општествена одговорност.
– Станува збор за еден вид симбол на финското рамноправно општество. Сите добиваат кутија, без разлика дали се богати или сиромашни. Кутијата има сѐ што му треба на бебето. Им дава добар почетокот на животот дури и на сиромашните семејства – вели една мајка.
Облеката во кутијата се менува секоја година, па затоа лесно им е на мајките да ги забележат бебињата родени во истиот период.
– Бебињата често стануваат предмет на разговор, па така се поврзувате со мајките што имаат деца на иста возраст – вели Саркела.
Кога првпат биле воведени, кутиите биле користени наместо креветчиња, но тоа се променило.
– Сега родителите можат да си дозволат да имаат посебна просторија и посебно креветче за бебето – вели социологот Ротрикх.
Според „Статистик Финланд“, 87 отсто од домовите имаат повеќе од една спална соба. Како резултат на тоа, кутијата за бебиња стана секундарно место за спиење, каде што бебето може да преспие во текот на денот. Статистиките на „Кела“ покажуваат дека во 2011 година 42 отсто од родителите ја користеле кутијата како кревет, а во 2017 година ја користеле само 37 отсто.
– Слатка е идејата вашето бебе да спие во кутијата. Но, не сакам да се наведнувам навечер над кутијата за да го кренам бебето и да го надојам. Планираме да купиме специјално креветче што ќе го поставиме веднаш до нашиот кревет за бебето да спие на исто ниво како нас – вели Хејди, која неодамна се породила.
Во Финска синдромот на ненадејна смрт кај доенчињата е релативно редок. Нема дефинитивни истражувања, но некои експерти веруваат дека кутиите за бебиња се делумно одговорни за ниските бројки на овој синдром бидејќи обезбедуваат посебно место каде што бебето спие на грб на прилично цврста површина.
Одлуката на владата да им обезбеди на сите родители бебешка кутија покажува дека го вреднува животот на секое дете. Сепак, творците на ваквата значајна национална програма не се познати. Можеби станува збор за одраз на финското општество: кутијата како дел од односот меѓу државата и новата генерација, наместо да биде користена од политичарите како алатка за подобрување на нивната популарност.
Сепак, може да се каже дека важни луѓе се поврзани со неа. Педијатарот Арво Илпо, на пример, се борел за основање клиники за породилно и за детска благосостојба во 20-тите години. Бебешките кутии во минатото вклучувале и водич за мајките.
– Порано кутиите не содржеле ништо за планирање на семејството и го презентирале раѓањето на здраво дете како патриотски чин – вели Сана Саркела.
Прирачникот „Аидил“, напишан од доктор Ракел Џалас, давал основни совети за грижа на бебињата, но имал и идеолошка порака – да се направи мајчинството свето, чисто и пожелно.
Содржината на кутиите се менувала заедно со финското општество. Сите алишта се родово неутрални, па девојчињата и момчињата се исти. Испраќаат порака дека девојките се еднакви на момчињата.
Финска стана една од најнапредните економии во Европа, делумно преку проактивно враќање на повеќето жени во работната сила.
– Во 70-тите години мајките на малите деца станале дел од работната сила во поголем број поради зголемената родова еднаквост и политиките за стимулирање на учеството на жените во работната средина и учество на мажите во обврските дома – вели Ротрикх.
Фото: www.kela.fi
Ова значело дека татковците морале да преземат поголема грижа за децата. Од 2011 година кутиите не содржат брошури или книги, но предметите и понатаму се дизајнирани да испратат одредени пораки до родителите. Кутиите содржеле кукли од 1995 до 2000 година, и бебешко шише од 1998 до 2000 година. Но, кога било утврдено дека доењето е најдобро, шишињата и цуцлите веднаш биле отстранети.
Секоја година се состанува комитет кој одлучува што да има во кутијата. Оваа година, меѓу другото, има волнени панталони, хеланки, хулахопки и лажица. Кутиите содржат и кондоми и лубриканти што испраќаат порака до родителите да избегнат несакана бременост додека уживаат во сексот. Во кутијата има и крем и влошки за градите. Во 2018 година во кутијата имало 63 предмети.
Социјален договор
Ако кутијата била одговор на сиромаштијата и болестите, тогаш зошто Финска и понатаму ја одржува оваа традиција?
– Еднаков почеток на живот – вели Анина Куока, координатор за семејни придобивки од „Кела“. Инвестицијата во програмата за кутијата во голема мера останала непроменета и се движи околу 9 до 11 милиони евра годишно и во текот на глобалната финансиска криза во 2008 година.
– Двапати ја зголемивме вредноста на кутијата; еднаш во 2001 и еднаш во 2017 година. Најголемото зголемување е 30 евра, што е околу 20 отсто – вели Каролина Коскенуво, директорка за истражување од „Кела“.
Ротрикх вели дека загриженоста за падот на наталитетот е делумно минато и нагласува дека неколку партии во Финска разговараат за дополнителен детски бонус за новороденчиња и бесплатна грижа за децата.
Постојат и други важни фактори: кутијата служи како социјално лепило помеѓу генерациите. Многу луѓе сметаат дека стана алатка за поттикнување одреден сет на вредности што ја прават Финска она што е денес.
– Заљубена сум во бебешката кутија. Тоа е како подарок за Божиќ од државата – вели мајката Хани.
Кутијата поттикнува лојалност. Токму ова чувство на лојалност може да помогне во објаснувањето на другите карактеристики на финското општество, вклучувајќи ги и социјалната кохезија, довербата и ниските нивоа на корупција.
Глобално ниво
Истражувачите од Финска идентификувале речиси 100 програми за бебешка кутија или проекти низ светот во околу 60 земји. Повеќето програми почнале во последните три години, за разлика од онаа во Чиле која функционира веќе 10 години. Програмите се приспособени за задоволување на локалните услови и потреби. Но, не сите вакви програми надвор од Финска биле успешни. Програмата наречена „Кунита“ во Аргентина била воведена во 2015 година, но била прекината наредната година поради корупција. Некои од програмите по природа се краткорочни, како онаа во Сингапур, што го одбележувала прославувањето на 50-тиот роденден на нацијата.
Сепак, главната придобивка од бебешките кутии, каде и да се, е врската што ја создаваат меѓу медицинските професионалци и бремените мајки. И пошироко, како тие помогнале во посакувањето добредојде на секое дете што добило кутија во светот.
Автор: Олга Смирнова