Сигурно сте слушнале за Амишите? Тие се членови на конзервативна христијанска група која живее во Америка, со многу едноставен живот. Исто како да е 18 век, тие користат кочии, технологијата не ги интересира, а облеката им е наједноставна.
Но, дали знаете што друго е интересно за Амишите? За нив алергиите се непознати.

Додека повеќето граѓани во современиот свет бараат оброци без глутен, без лактоза, без шеќер, без јаткасти плодови, Амишите за тоа воопшто не се грижат. Имено, во 2012 година било спроведено истражување кај деца во Индијана каде што била констатирана склоност за алергии кај 7 отсто од нив – додека кај општата американска популација на деца таа тенденција била дури 36 отсто.

Во САД, инциденцата на алергии на школки скокнала за 40 отсто во последните 15 години, а алергијата на ореви се зголемила за четири пати. Во Британија, хоспитализацијата од алергиски причини се зголемила за 500 отсто од 1990 година, а алергијата од кикиритки кај британските деца се зголемила за пет пати.

Што се случува? Зошто Амишите тивко пијат млеко и вдишуваат полен, а сите други не смеат ни да помирисаат кикиритки?

Прво, почнавме погрешно да ги одгледуваме децата. Долго се советуваше да не им се даваат на децата потенцијални алергени до одредена возраст. На пример, на родителите им се советува да не им даваат на децата кикиритки додека не наполнат три години. Сега се покажа дека тоа е грешка: штитејќи ги децата од ран контакт со алергии, всушност, им предизвикуваме алергии.

Во таа смисла, многу е корисно да се погледне статистиката на алергии од кикиритки, која ги споредува еврејските деца во Израел со еврејските деца во Велика Британија. И едната и другата група се Евреи и слично се хранат, што значи дека преваленцата на алергии треба да биде приближно иста, нели? Но не е.

Британските деца имаат 10 пати поголема стапка на алергии од израелските деца. Зошто? Бидејќи Израелците јаделе кикиритки уште од детството, но Британците не им ги давале на своите деца додека не стигнеле до одредена возраст. Како резултат на тоа, кај многу британски деца, кога првпат ќе пробаат кикиритки, нивното тело не може да се справи со храната.

Излегува дека постои краток период по раѓањето кога нашето тело е многу подложно на необична храна и не реагира на неа насилно. Ако го прескокнете овој период, тоа е тоа, очекувајте алергија.

Затоа организации како американскиот Национален институт за алергија и заразни болести советуваат да им се даваат потенцијални алергени на децата – вклучително и путер од кикиритки – уште од шест месеци.

Друго објаснување за зголемената стапка на алергија е таканаречената „хигиенска хипотеза“. Во крајна линија е дека благодарение на нашиот суперстерилен живот со сите антибактериски марамчиња, рачни антисептици и филтри за вода, стануваме кревки суштества кои тешко можат да сварат дури и обична храна.
Оваа претпоставка е убедливо поддржана од фактот дека руралните деца страдаат од алергии многу помалку од децата од урбаните средини.

Истата слика е видлива кога се споредуваат богатите и сиромашните земји. Во 2007 година американскиот магазин за респираторна и критична медицина објави истражување според кое колку е поразвиена земјата, толку е поголем степенот на алергиска астма. Од сите градови испитани за време на истражувањето најнизок степен на алергиска астма е пронајден во Мумбај (Индија), кој секако не е познат по неговата чистота.

Така, нашите баби беа во право што не се грижеа кога јадевме јаболко што паднало од дрво без претходно миење. Јадете овошје од земја, бакнувајте ги кучињата и оставете го детето да си игра во прашина.

Прекумерната чистота нема да му донесе ништо добро.

Автор: А. Цвијетиќ

Извор



912

X