Досега многу мал број деца заболеа од коронавирусот. Истото било забележано и со епидемијата на САРС и МЕРС.

Според достапните податоци, релативно мал број деца покажале сериозни симптоми досега.

– Средната возраст на пациентите е помеѓу 49 и 65 години. Случаите кај деца се ретки – се вели во извештајот објавен во списанието ЈАМА.

Па, зошто децата не се разболуваат од овој вирус?

– Мојата силна, образовна претпоставка е дека помладите се заразуваат, но добиваат релативно благи симптоми – вели д-р Малик Пеирис, шеф за вирусологија на Универзитетот во Хонг Конг, кој развил дијагностички тест за новиот коронавирус.

Што треба да знаат родителите за коронавирусот?

– Научниците можеби не виделе повеќе заразени деца затоа што нема податоци за поблаги случаи. Ако овој коронавирус се шири низ целиот свет, и се шири широко како сезонскиот грип, веројатно ќе видиме повеќе случаи – вели тој.

Во еден случај 10-годишно дете патувало во Вухан, епицентарот на епидемијата, заедно со своето семејство. Кога се вратиле во Шезен, другите заразени членови на семејството на возраст од 36 до 66 години имале покачена температура, болки во грлото, дијареја и пневмонија.

И кај детето имало знаци на вирусна пневмонија во белите дробови, но немало надворешни симптоми. Некои научници се сомневаат дека ова е типична инфекција со коронавирусот кај децата.

– Сигурно е дека децата можат да бидат или асимптоматски заразени или да имаат блага инфекција – вели д-р Рајна Мекинтајр, епидемиолог од Универзитетот во Нов Јужен Велс во Сиднеј, Австралија, која го проучува ширењето на новиот коронавирус.

На многу начини оваа шема е паралела што била забележана и при појавата на САРС и МЕРС, кои исто така се коронавируси. Епидемијата на МЕРС во Саудиска Арабија во 2012 година и во Јужна Кореја во 2015 година однеле повеќе од 800 животи. Повеќето деца што биле заразени никогаш не развиле симптоми.

Ниту едно дете не починало за време на епидемијата на САРС во 2003 година, а најголем дел од 800. смртни случаи при појавата на епидемијата биле кај луѓе над 45 години, при што мажите повеќе биле изложени на ризик.

Меѓу повеќе од 8.000 случаи на САРС истражувачите од центрите за контрола и превенција на болести успеале да идентификуваат 135 заразени деца во објавените извештаи.

Децата под 12 години имале помала веројатност да бидат примени во болница или да имаат потреба од кислород или друг третман, откриле истражувачите. Децата постари од 12 години имале симптоми како оние кај возрасните.

– Не ја разбираме целосно причината за сериозноста на болеста поврзана со возраста – вели д-р Пеирис.

Не е невообичаено за вирусите да активираат само лесни инфекции кај децата и многу потешки заболувања кај возрасните. На пример, децата лесно ја прележуваат варичелата, а се покажала катастрофална кај возрасните.

Возрасните може да биде поподложни бидејќи имаат поголема веројатност да имаат други болести како дијабетес, висок крвен притисок или срцеви заболувања, кои ја ослабуваат нивната способност да спречат инфекции. Вродениот имунитет на телото, кој е клучен за борба против вирусите, се влошува и со текот на возраста, особено кај средовечните луѓе.

– Нешто се случува на 50-годишна возраст. Паѓа и експоненцијално се намалува, поради што за повеќето инфекции се забележува дека се почести кај постарите лица – вели д-р Мекинтајр.

Клучно прашање за новиот коронавирус е дали децата што се заразени и асимптоматски се во можност да им го пренесат вирусот на другите.

– Знаеме дека младите генерално – не само децата, туку и младите возрасни и тинејџерите – имаат најинтензивен контакт во општеството. Младите што не сфаќаат дека се болни може да придонесат за динамиката на епидемијата – вели д-р Мекинтајр.

За целосно да ја разберат епидемијата, таа и другите научници велат дека им се потребни детални податоци: кога луѓето првпат биле изложени на вирусот, кога првпат почнале да покажуваат симптоми, колку и кои луѓе имале благи симптоми наспроти потешка болест.

Со детални податоци, некои забелешки, како што е повисокиот ризик кај мажите, би можеле да се променат. Сепак, д-р Марк Денисон, специјалист за педијатриски заразни болести од Универзитетот „Вандербилт“ во Нешвил, вели дека не очекува да забележи ненадејно зголемување на бројот на заразени деца.

– Тешко е да се замисли дека постои таков степен на недоволно пријавување на клинички заболувања кај децата, а ние слушаме само за два или три случаи. Мислам дека тоа значи дека има многу помалку деца што се заразени во Кина и тие не се под толкав ризик – изјави тој.

Извор



912

X