Секој од нас имал искуство да ги одложи планираните активности и обврски, што резултирало со доцнење со плаќање сметки, пропуштање обука, поднесување семинарска работа во последен момент или „заборавање“ да се пријави испит. Ова однесување можеме да го гледаме како проблем ако станува честа појава во една или различни сфери од животот. Во тој случај зборуваме за прокрастинација/одолжување.
Терминот „прокрастинација“ буквално значи „одложување за утре“. Поконкретно, кога велиме дека некое лице одолжува, тоа значи дека намерно, доброволно ги одложува своите претходно планирани обврски и активности и покрај свеста дека одолжувањето може да има негативни последици. Прокрастинацијата најчесто се препознава во овие форми:
-Прокрастинација на работата се однесува на одложување на работните обврски или одложување на барање работа;
-Прокрастинација во секојдневниот живот се однесува на одложување плаќање сметки, домашни работи, гледање со семејството/пријателите;
-Прокрастинација на здравјето вклучува одложување на лекарски прегледи;
-Прокрастинација во врска со донесувањето одлука, на пример, за промена на работното место, прекинување токсична врска или започнување заеднички живот со партнер итн.;
-Академската прокрастинација се однесува на одложување на учењето и често се среќава во практика.
Често се случува, како од луѓето што одолжуваат така и од оние околу нив, прокрастинацијата да се поистоветува со мрзливост. Сепак, не е исто и важно е да се направи разлика. Клучната разлика е во тоа што мрзливите луѓе имаат апатија или рамнодушност кон активностите и обврските, нивното неизвршување и можните негативни последици, додека, од друга страна, луѓето што одолжуваат, всушност, ги избегнуваат оние активности и задачи што ги поттикнуваат нивните ирационални стравови, опсесивни мисли и интензивна непријатност. Тоа значи дека во одолжувањето, тој момент на борба со сопствените емоции е доминантна карактеристика. Затоа, етикетирањето на личноста која одолжува како мрзлива води само до занемарување и омаловажување на нејзините чувства, односно продлабочување на проблемот.
Негативните последици од академското одолжување се рефлектираат во слабите академски достигнувања, кои не се во согласност со потенцијалот, желбите и целите на една личност. Сите ние сме родени со желба да чувствуваме задоволство и, во исто време, да избегнеме непријатност. Кога некој ќе ја одложи планираната обврска, конкретно учењето, добива моментална доза на задоволство затоа што се откажал од нешто фрустрирачко – седење на маса со часови и учење нешто тешко, неинтересно. Меѓутоа, на долг рок, станува поттик за интензивен стрес, хроничен замор, проблеми со спиењето и/или апетитот, психосоматски поплаки, проблеми со социјалното функционирање, додека на емоционално ниво се јавува маѓепсан круг на анксиозност, вина, лутина, срам и депресија. Затоа е добро, секогаш кога ќе почувствуваме импулс да одложиме нешто, да ги преиспитаме предностите и недостатоците на тој потег.
Периодот на студирање, со сите свои рокови и многубројните обврски, е стресен, но со оглед на тоа што различни луѓе имаат различни реакции на ситуацијата, не можеме да кажеме дека роковите и обврските сами по себе се причина за одолжување. Причината лежи во одредени дисфункционални верувања што може да ги има една личност за себе и за своите обврски, како што се:
-„Не можам да си дозволам да правам грешки. Сè што правам мора да биде совршено’“.
-„Подобро е воопшто да не го полагаш тој тест/испит отколку да паднеш“.
-„Којзнае што ќе ми кажат родителите ако не успеам… Што ќе мислат за мене колегите, професорите, пријателите?“
-„Премногу е тешко, нема шанси да го подготвам ова, зошто да се мачам кога сум сигурен дека ќе паднам“.
-„Овој материјал е многу досаден, не можам да го поднесам ова чувство на непријатност“.

Во сржта на прокрастинацијата најчесто ќе препознаеме нездрав перфекционизам, претерани стравови од грешки, неуспех, критики и ниска толеранција за чувство на фрустрација. Сите претходно споменати верувања најчесто имаат корени во родителскиот стил кој се негува во семејството. Критичкото и контролирачко родителство ќе ја зголеми шансата децата да развијат нездрав перфекционизам, додека прекумерната попустливост и презаштитеноста може да доведат до неуспех да се усвојат работните навики или да не се развие толеранција за фрустрација.
Важно е да се напомене дека на одложувањето може да му претходи и другата крајност, имено прекумерното учење, заситеноста и синдромот на исцрпеност, што може да следи доколку проблемот не се препознае навремено.
Автор: м-р Анѓела Златковиќ/ специјален педагог