Трејси Витни е менаџер на содржини во „Creating a Family“, непрофитна организација фокусирана на посвојување и образование и поддршка за згрижување. Во интервју за „Инсајдер“, таа објаснила дека посвојувањето не треба да се сфати како едноставна алтернатива за имањето биолошко дете и дека тоа е нешто многу посложено и почувствително.
Сакала уште деца, но не сакала повеќе да поминува низ породувањето – Така почнало сѐ
„Откако имав четири биолошки деца, почувствував дека не сум завршена со пречекот на нови членови во семејството, но знаев дека завршив со породувањето“, започнала Трејси. „Отсекогаш сум имала интерес за посвојување, а трауматичното раѓање на моето најмало биолошко дете ја запечати таа одлука. Јас и мојот сопруг почнавме да ги разгледуваме опциите за посвојување и откривме дека сме привлечени од кинеската програма за посвојување деца со посебни потреби. Тука се подразбира сето она што го отежнува сместувањето на детето во семејство“, рекла Трејси.
Следната година тие го почнале процесот на посвојување и таа целосно се посветила на истражување. Наишла на информации за „Creating a Family“, потоа на фејсбук-група која денес е трансформирана во непрофитна организација и е фокусирана на едукацијата за посвојување, од која Трејси е важен дел. Нејзините две посвоени ќерки дошле во нејзиниот дом кога имале 14 и 22 месеци, во различни периоди. Сега имаат 10 и 14 години. „Научив многу за посвојувањето и градењето семејство во изминатата деценија“, признала Трејси.
Љубовта не е доволна
На паровите што не можат да добијат дете по природен пат често им се кажува „едноставно да посвојат“ или дека има многу деца на кои им е потребен дом со љубов, истакнала таа. „Работата е во тоа што кога станува збор за посвојување, љубовта не е доволна. Не можете само да го донесете дома детето кое го изгубило својот прв и примарен старател, неговата родена мајка, и да не очекувате дека тоа ќе предизвика некои последици. Љубовта е важна, но исто и образованието, терапијата и родителството базирано на траума“, вели таа.

Посвојувањето вклучува загуба и траума
Во светот на посвојувањето постои дебата за тоа дали секое посвојување вклучува траума. Трејси верува дека е така. Посвоените деца, всушност, ја изгубиле првобитната врска со нивните биолошки семејства. За децата посвоени од други земји, како што се нејзините ќерки, има уште поголема загуба: културата, јазикот и нивната расна или етничка заедница. Посвоителите мора да ги препознаат овие загуби и потребите што ги носат и да бидат подготвени да го водат своето дете кон исцелување.
Важно е да се фокусираме на гласовите на посвоените деца
„Поминав низ посвојување од страна на посвоител, но никогаш нема да имам искуство како посвоено дете. Ја немам таа заедничка почетна точка за да разговарам со нив или да ги споделам со нив искуствата што ги имале моите деца“, вели Трејси. „Затоа е толку важно родителите и креаторите на политиката за посвојување да ги слушаат возрасните кои биле посвоени. Кога родителите или потенцијалните посвоители го насочуваат гласот на детето, добиваме внатрешен увид во нивните искуства и што можело да се направи за да се подобрат“, објаснува таа.
Не постои единствен начин да се изгради семејство
„Деновиве имаме толку многу опции за создавање на нашите семејства: посвојување, сурогат-мајчинство, посвојување ембрион, старомоден начин и многу повеќе. Никој не може да ви каже кој е вистинскиот пат за вашето семејство; мора да ги разбирате и стапиците на кои може да наидете, па тогаш можете да ја донесете вистинската одлука за тоа што е најдобро за вас“, заклучила Трејси.