Здравје

Зошто не треба да дозволуваме детето да седи во W-положба или жабјо седење?

Што претставува W-положбата

W-положбата се јавува кога детето седи на под, со колената свртени нанадвор, а стапалата поставени покрај телото, така што нозете формираат форма слична на буквата W кога се гледа одозгора. Детето може да изгледа стабилно, но токму таа „стабилност“ крие ризици.

Во својата работа со деца често забележувам дека седењето во т.н. W-положба се јавува како честа и на прв поглед безопасна навика кај многу деца, особено во предучилишна возраст. Родителите најчесто не го забележуваат или не го сметаат за проблематично бидејќи изгледа дека на детето му е удобно. Сепак, од аспект на детскиот развој, оваа положба може да има сериозни последици.

Зошто не ја препорачувам W-положбата како специјален едукатор и рехабилитатор?

  • 1. Оптоварување на зглобовите и мускулите – W-положбата создава зголемен притисок врз колената, колковите и зглобовите на стапалата. Со текот на времето ова може да доведе до болки, неправилно држење или дури и деформитети кај деца што имаат зголемена подложност.
  • 2. Намалена активација на мускулатурата – седењето во W-положба го намалува активирањето на мускулите на трупот (кор мускулатурата), кои се клучни за стабилност, рамнотежа и правилна моторика.
  • 3. Ограничување на билатералната координација – во оваа положба телото е ограничено во ротации и прекрстувања преку средната линија, што е неопходно за билатерална координација, вештина која е основа за пишување, цртање, сечење и извршување дворачни активности.
  • 4. Ризик од постурални и моторни тешкотии – постојаното седење во W-положба може да доведе до неправилно држење на телото (лоша постура), проблеми со рамнотежата и моторната контрола.

Што можете да направите како родител?

Обрнете внимание на начинот на кој седи детето. Доколку забележите W-положба, насочете го кон алтернативни позиции. Понудете здрави и развојно-поддржувачки позиции, како седење со скрстени нозе („турски сед“), седење на колена или на мало столче со стапалата на под. Вклучете се во игри што ги поттикнуваат балансот, координацијата и јакнењето на трупот – ползење, качување, прескокнување и слично. Консултирајте се со стручни лица – ако детето постојано ја избира W-положбата или покажува моторни тешкотии.

Автор: Дејан Филиповски, специјален едукатор и рехабилитатор

Поврзани написи

To top