Она што мислев дека ќе ги уништи моите деца, всушност, нѐ спаси сите
Мојот развод ме натера да чувствувам вина каква што не знаев дека постои. Луѓето ми кажаа дека ќе тагувам и дека ќе поминам многу фази и дека ќе ми бидат измешани многу чувства.
И беа во право.
Овие чувства не се нешто што можете соодветно да го опишете. Бидејќи, додека не поминете развод, немате идеја на какви места ќе ве однесе.
Страшно е кога ќе одлучите да се разведете, но е многу подобро отколку да останете во ситуација што прави да се чувствувате скршено и беспомошно секој ден до крајот на вашиот живот.
Скршен дом
Мојот поранешен сопруг и јас работевме на нашиот брак подолго време – 6 години. И двајцата бевме одлучни дека ќе останеме заедно и ќе се обидеме за нашите деца, кога еден ден сфативме дека не постои ништо на што би можеле да се држиме за бракот да опстои.
Се обидувавме и не успеавме и во тој момент сфативме дека едноставно бевме неуспешни, особено за нашите три деца.
Немавме ваков план. Планот беше да останеме заедно додека смртта не нѐ раздели. Немаше смрт, но знаевме дека ако не направиме нешто, ќе направевме поголема штета ако останевме заедно.
Една ноќ, додека разговаравме за тоа како да им кажеме на децата, реков: „Ова ќе ги убие децата“.
Изговарањето на овие зборови наглас беше доволно за да нѐ натера да молчиме за разводот уште две недели, иако и двајцата знаевме дека полошо правиме со тоа што и понатаму остануваме заедно.
Не сакате вашите деца да доаѓаат од „скршен“ дом, но таков дом имате доколку не сакате да сте заедно, а упорно останувате – тоа е вистинскиот „скршен“ дом.
Тие ќе го запомнат изгледот на вашите лица кога ќе се видите еден со друг. Ќе знаат дека не спиете во иста соба. Ќе почнат да коментираат кога ќе престанете да се бакнувате и гушкате и кога ќе престанете да си кажувате „те сакам“.
Тие ја чувствуваат тензијата, ги гледаат лошите погледи што си ги упатувате и го слушаат тонот во вашите гласови. Ги апсорбираат вашата тага, лутина и немир.
Тие знаат
Можат да почувствуваат. И додека разводот е тежок за нив, знаете што е уште потешко? Растење во дом во кој двајца луѓе не можат да се поднесат еден со друг и најмногу од сѐ сакаат да избегаат. Тие знаат дека живеете заедно само поради нив и не се чувствуваат добро кога некој ќе одлучи да биде мизерен цел свој живот како жртва за нив.
Она што мислев дека ќе ги уништи моите деца, всушност, нѐ спаси сите.
Целиот долг процес на разводот доаѓа со тага и вина. Но децата не сакаат ништо повеќе од тоа да имаат среќни родители, дури и ако портата до среќата значи дека еден од вас мора да се отсели.
Автор: Кејти Бингам-Смит