Воспитување

Зошто нашиот петгодишник сѐ уште спие со нас

„Те сакам, мамо“, шепна моето петгодишно дете.

Помина полноќ. Имам воспаление на грлото кое никако не ми поминува и сега го разбудив кашлајќи.

„Што велиш, душо?“ Му одговорив (иако бев прилично сигурна дека точно слушнав).

„Те сакам“, повторно шепна, ме прегрна, ме стисна и заспа.

Затоа. Од сите причини на светот, ако треба да изберам една причина зошто моето петгодишно дете сè уште спие со нас, би ја избрала оваа. Не затоа што ми е полесно отколку да станам ноќе кога има лоши соништа… иако и тоа е вистина. Не затоа што на бебињата и децата им е најбезбедно да спијат со мама и тато… иако и тоа е вистина. Не затоа што цицачите се создадени да спијат баш така, младенчињата веднаш до родителите… иако и тоа е вистина. Не затоа што бебињата и децата спијат повеќе, а помалку се будат кога се со мама и тато… иако и тоа е точно. Не е ни затоа што бебињата помалку плачат и подолго цицаат кога спијат со мама… иако и тоа е вистина. Не затоа што срцето на бебињата кои спијат покрај мама и тато работи помирно… иако и тоа е точно.

Не, тоа не е поради некоја од овие работи.

Спиеме заедно поради чувството што тоа ни го овозможува. Дека сме сигурни. Сакани. Дека сме заедно. Поради таа слатка среќа што ја чувствувам кога моето дете првпат ја носи својата другарка од градинка и ѝ ја покажува нашата соба со зборовите „моето семејство спие овде“.

Поради ваквите тивки моменти. Моменти во кои нашата врска веднаш станува подлабока, посилна и поцврста од Кинескиот ѕид.

Дали знаевте дека Јапонците имаат збор за тоа? Велат „аншин“, што во превод значи „чувство на олеснување или мир во срцето, состојба на умот во која нема простор за грижа“. Па, моето семејство се полни со аншин секоја вечер.

Но, би излажала ако кажам дека секогаш е лесно. Спиењето со мало дете значи дека можете да добиете удар в глава во секое време од ноќта. Дека ќе се разбудите откриени и заглавени. Дека често ќе ви недостига гушкањето со партнерот навечер.

И покрај сите пречки, вие избирате да го направите тоа во секој случај. Затоа што ништо вредно во животот не доаѓа лесно. Затоа што спиењето со дете е дел од мојот родителски избор и не е за дискусија за секој што мисли поинаку. Не за добронамерните пријатели, не за загрижените роднини. Тоа не е ни тема за разговор со нашиот педијатар бидејќи не е медицинска состојба. Тоа е еден од најголемите благослови на родителството.

А иронијата на целата приказна е што еден ден син ми ќе побара да спие сам. И кога ќе дојде тој ден, ќе имам грутка во грлото, но ќе бидам среќна што тој има слобода сам да ја донесе таа одлука. Но, денес не е тој ден.

Ноќта е наша и ќе останам будна уште малку да ја впивам неговата љубов и да му шепнам: „И јас те сакам малечко“.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top