Предавање кое објаснува зошто користењето на нашата имагинација и овозможувањето другите да ја користат сопствената е должност на сите граѓани.

Важно е луѓето да ви кажат на која страна се и зошто, и дали би можеле да бидат пристрасни. Изјава за интересите на членови. Значи, јас ќе зборувам за читањето. Ќе ви кажам дека библиотеките се важни. Ќе предложам дека читањето фикција, тоа читање од задоволство, е една од најважните работи што човек може да ги направи. Искрено и со страст ги молам луѓето да ја сфатат улогата на библиотеките и библиотекарите и барам нивно зачувување.

Очигледно е дека и јас сум пристрасен и тоа многу: јас сум писател и често пишувам фикција. Пишувам за деца и возрасни. 30 години заработувам со моите зборови, прво ги измислувам работите, а потоа ги запишувам. Очигледно е дека од мој интерес е луѓето да читаат, да читаат литература, да постојат библиотеки и библиотекари за да помогнат да се поттикне љубовта кон читањето и местата каде што може да се чита.

Значи, пристрасен сум како писател. Но многу повеќе сум пристрасен како читател. Уште повеќе сум пристрасен како британски државјанин. Вечерва зборувам овде под покровителство на Агенцијата за читање: добротворна организација чија мисија е сите да имаат еднакви можности во животот, помагајќи им на луѓето да станат ентузијастички читатели. Агенцијата ги поддржува програмите за писменост, библиотеките и поединците и го поттикнува самиот чин на читање бидејќи – кога читаме, сè се менува.

И токму за таа промена и за самиот акт на читањето ќе зборувам вечерва. Сакам да зборувам за тоа што прави читањето. Зошто е добро.

Еднаш бев во Њујорк и слушав за градењето на приватните затвори – огромна растечка индустрија во Америка. Индустријата на затворите треба да го планира растењето – колку ќелии ќе им бидат потребни? Колку затвореници ќе има по 15 години? Тие откриле дека многу лесно можат да го предвидат бројот на затвореници користејќи едноставен алгоритам, врз основа на тоа колкав е процентот на 10 и 11-годишните деца што не знаеле да читаат и да пишуваат.

Не може да се каже дека меѓу писмените не постои криминал, но постојат реални корелации. И мислам дека некои од тие корелации, оние наједноставните, се доста очигледни. Писмените луѓе читаат книги.

Фото: Robin Mayes

Литературата има две намени – прво, таа е начин да станете зависни од читањето. Желбата да знаеш што ќе се случи, да сакаш да ја претвориш страницата, потребата да продолжиш дури и ако е тешко… тоа е вистинска желба. Те тера да научиш нови зборови, да мислиш нови мисли, да продолжиш понатаму – да откриеш дека читањето само по себе е пријатно.

Откако ќе го научите тоа, на пат сте да прочитате сè. А читањето е клучот. Пред неколку години, почна да се зборува за идејата дека живееме во посткнижевен свет во кој способноста да се разбере смислата на пишаните зборови е излишна, но тоа заврши – денес, зборовите се поважни од кога било. Светот го управуваме со зборови, иако во него доминира интернетот. Луѓето што не можат да разберат, не можат да разменуваат идеи и не можат да комуницираат, а програмите за преведување не можат да бидат замена за тоа.

Наједноставниот начин да се осигураме дека ќе воспитуваме и одгледуваме писмени деца е да ги научиме да читаат и да им покажеме дека читањето е пријатна активност. Тоа значи да пронајдат книги во кои ќе уживаат, да им дадеме пристап до тие книги и да им дозволиме да читаат.

Мислам дека не постои лоша книга за децата. Одвреме-навреме станува популарно кај некои возрасни да укажат на подгрупа на детски книги, жанр или можеби автор, и да прогласат одредени книги дека се лоши, па од децата да бараат да не се читаат. Гледам дека тоа постојано се случува: Енид Блатој беше прогласен за лош автор. Истото се случи и со Р.Л.Стајн, како и со многу други. Стриповите беа обвинети како средство за негување на неписменоста.

Тоа е претерано и е снобизам и глупавост. Не постојат лоши автори за деца, кои децата сакаат да ги читаат, бидејќи секое дете е различно. Тие можат да пронајдат приказни што им се потребни, и тие се доближуваат до тие приказни. Отфрлената, стара идеја за нив не е стара, затоа што првпат се среќаваат со неа. Не обесхрабрувајте ги децата да читаат бидејќи сметате дека читаат погрешна книга. Литературата што не ви се допаѓа е пат кон другите книги што можеби ќе ги сакате. И немаат сите ист вкус.

Добронамерните возрасни лесно можат да ја уништат љубовта на детето кон читањето: за да ги спречат да го читаат она што го сакаат и да им дадат вредни, но здодевни книги, книга од 21 век, еквивалент на викторијанската литература. Така ќе создадеме генерација убедена дека читањето не е „кул“ и уште полошо, дека е непријатно.

Потребно е нашите деца да се искачат на скалата на читањето: сè во што уживаат да читаат ќе ги поттикне во писменоста (но, исто така, не правете го она што еден писател ѝ го направил на својата 11-годишна ќерка, која почнала да го чита Р.Л. Стајн, тој ѝ ја дал книгата „Кери“ од Стивен Кинг, велејќи дека ако ѝ се допаѓа Стајн, сигурно ќе го сака и Кинг. Последица на тоа било што Холи до крајот на своите тинејџерски години не читала ништо друго освен безбедни приказни за доселениците и таа сè уште се плаши кога ќе се спомене името на Стивен Кинг).

Втора работа е тоа што читањето ја развива емпатијата. Кога гледате телевизија или филм, гледате што им се случува на другите луѓе. Литературата е нешто што го градите со букви и неколку интерпункциски знаци, и вие самите, користејќи ја вашата фантазија, создавате свет и луѓе. Ги чувствувате работите, посетувате места и светови кои инаку не би ги знаеле.

Емпатијата е алатка за градење општества и заедници, за да функционираме не само како единци. Исто така, со неа откривате нешто што е од витално значење за светот: светот не мора да биде ваков. Работите можат да бидат поинакви.

Во 2007 година бев во Кина на првата одобрена конференција за научна фантастика, во историјата на Кина. Ме интересираше зошто научната фантастика долго време не била дозволена и што сега се променило.

„Едноставно е“, ми рече. „Кинезите беа брилијантни да изработат нешто, но само ако другите им ги направат плановите. Тие не беа иноватори, не пронаоѓаа нови работи. Не создаваа. Затоа испратиле делегација во Америка, во Епл, Мајкрософт и Гугл и таму ги прашувале луѓето што ја создавале иднината. Откриле дека сите читале научна фантастика кога биле мали.

Литературата може да ви покаже друг свет. Може да ве однесе некаде каде што не сте биле никогаш претходно. Откако ќе ги посетите другите светови, откако ќе ги вкусите плодовите на самовилите, никогаш нема да бидете целосно задоволни со светот во кој пораснавте. Незадоволството е добро: незадоволните луѓе можат да ги подобрат световите, да ги направат подобри и различни.

И додека сме кај оваа тема, би сакал да кажам неколку збора за ескапизамот. Слушам дека терминот се сфаќа како да е лоша работа. Како „ескапистичката“ литература да е евтин опијат што го користат заблудените и глупавите, а единствената книжевност што е достојна за возрасни или за деца е миметичката фикција, која го одразува најлошото од светот.

Ако би биле заглавени во невозможна ситуација, на непријатно место, со луѓе што мислат дека сте болни и некој ви нуди привремено бегство, зошто да не го прифатите? Токму тоа е ескапистичката литература: фикција што ја отвора вратата, ја покажува сончевата светлина надвор, ви дава место да одите онаму каде што имате контрола, со луѓе со кои сакате да бидете. За време на бегството, книгите можат да ви дадат знаење за светот и вашата ситуација, да ви дадат оружје, да ви дадат оклоп.

Како што нè потсетува Џ.Р.Р. Толкин, единствените луѓе што се против бегството се затворениците.

Друг начин да ја уништите детската љубов кон читањето е да обезбедите да нема книги околу него. И да не му обезбедите простор за читање книги. Јас имав среќа. Кога растев, во близина имаше одлична локална библиотека. Родителите за време на летните распусти ме оставаат во библиотеката на пат кон работа. На библиотекарите не им пречеше секое утро да се враќаат во детската библиотека за на малото, непридружено момче, да му најдат книги со духови или магии, ракети, вампири или детективи. И кога го завршив читањето на детската библиотека, преминав на книгите за возрасни.

Беа добри библиотекари. Сакаа книги и сакаа тие да бидат прочитани. Ме научија како да порачувам книги од други библиотеки за меѓубиблиотечни размени. Се чини дека им се допаѓаше што ги посетуваше момче со широко отворени очи кое сака да чита. Разговараа со мене за книгите што ги читав, ми наоѓаа и други слични книги, ми помагаа. Ме третираа како читател – што значеше дека ме третираа со почит. Како осумгодишно момче не бев навикнат да бидам третиран со почит.

Но библиотеките се за слобода. Слобода да се чита, слобода на идеи, слобода на комуникација. Тие се за образование, за забава, безбедни простории и место за пристап до информации.

Се грижам дека во 21 век луѓето погрешно ја разбираат целта на библиотеките. Ако сметате дека библиотеката е полица со книги, тоа може да изгледа старовремски и застарено во свет во кој повеќето, но не сите печатени книги, постојат дигитално. Тоа е фундаментална грешка.

Мислам дека има врска со природата на информациите. Информациите имаат вредност, а вистинските информации имаат огромна вредност. Низ целата историја на човекот живеевме во состојба на недостиг на информации, а да ги имаш потребните информации, секогаш било важно и секогаш вреди многу: кога да садиш растенија, каде да најдеш разни работи, мапи, истории и приказни.

Информацијата беше важна работа, а оние што ја имаа или знаеја да ја добијат, можеа да наплатуваат за таа услуга.

Во изминатите неколку години преминавме од економија со недостиг на информации во онаа што е водена од информации. Според Ерик Шмит од „Гугл“, на секои два дена човечката раса создава толку информации колку што имало од почетокот на цивилизацијата до 2003 година. Тоа е околу пет ексобајти на податоци дневно. Сега, предизвикот не е да најдете ретко растение што расте во пустината, туку ретко растение што расте во џунглата. Ќе ни треба помош во навигацијата за да ја пронајдеме работата што ја бараме.

Библиотеките се места каде што луѓето одат за информации. Книгите се само врвот на ледениот брег на информации: тие се таму, а библиотеките можат слободно и легално да ви обезбедат книги. Сè повеќе деца позајмуваат книги од библиотеки од кога било досега – книги од сите видови: и печатени и дигитални и аудио. Но библиотеките, исто така, се места каде што луѓето што можеби немаат компјутери или интернет-конекција можат бесплатно да користат интернет: ова е многу важно во време кога информациите за вработување, аплицирањето за вработување или други социјални бенефиции се префрлија исклучиво онлајн. Библиотеките можат да им помогнат на овие луѓе да се движат низ тој свет.

Не верувам дека сите книги ќе бидат преселени на екраните: како што еднаш Даглас Адамс ми посочи, тоа беше повеќе од 20 години пред да се појави форматот на „Киндл“ – печатената книга е како ајкула. Тие се стари: имало ајкули во океанот пред диносаурусите. И причината зошто уште постојат е дека ајкулите се подобри кога се ајкули отколку што било друго. Печатените книги се цврсти, тешко се уништуваат, отпорни се, добро лежат на рака: одлични се такви какви што се и секогаш ќе има место за нив. Тие спаѓаат во библиотеките, исто како што библиотеките одамна станаа места каде што може да добиете пристап до електронски и аудиокниги, ДВД и веб-содржини.

Библиотеката е место кое е складиште на информации и на секој граѓанин му дава еднаков пристап. Како што се здравствените информации. И информациите за менталното здравје. Тоа е простор во заедницата. Сигурно место, засолниште од светот. Место со библиотекари во него. Сега е време кога треба да замислиме какви ќе бидат библиотеките на иднината.

Писменоста е поважна од кога било, во овој свет на текст и е-пошта, свет на пишани информации. Треба да читаме и да пишуваме, потребни ни се глобални граѓани кои можат да читаат удобно, да разберат што читаат, да разберат нијанси и да бидат разбрани.
Библиотеките навистина се врати кон иднината. Затоа е штета што гледаме како локалните власти низ целиот свет ја користат можноста да ги затворат библиотеките како лесен начин да заштедат пари, без да сфатат дека крадат од иднината да платат за денес. Тие ги затвораат вратите што треба да бидат отворени.

Според едно неодамнешно истражување на Организацијата за економска соработка и развој, Англија е „единствената земја каде што најстарата возрасна група има поголемо познавање и за јазикот и за математиката од најмладата група, по другите фактори, како што се родот, социо-економските потекла и видот на професии“.

Нашите деца и нашите внуци се помалку писмени и помалку знаат да бројат од нас. Тие полесно можат да бидат излажани и заведени, ќе бидат помалку способни да го променат светот во кој се наоѓаат, имаат помалку квалификации за вработување и слично. И како земја, Англија ќе заостанува зад другите развиени земји бидејќи нема да има квалификувана работна сила.

Книгите се начинот на кој комуницираме со мртвите. Начин на кој учиме лекции од оние што повеќе не се со нас, што го граделе човештвото да напредува, знаењето прогресивно да се зголемува, а не да се повторува повторно и повторно. Постојат приказни кои се постари од повеќето земји, приказни кои ги надживеале културите и зградите во кои првпат биле раскажани.

Мислам дека имаме одговорност за иднината. Одговорност и обврски кон децата, кон возрасните што станаа деца, а се жители на светот. Сите ние – како читатели, како писатели, како граѓани – имаме обврски.

Верувам дека имаме обврска да читаме од задоволство, на приватни и на јавни места. Ако читаме од задоволство, ако другите гледаат дека читаме, тогаш учиме да ги применуваме нашите фантазии. Им покажуваме на другите дека читањето е добра работа.

Имаме обврска да ги поддржиме библиотеките. Да одиме во библиотеки, да се поттикнат другите да ги посетуваат библиотеките, да протестираат поради затворањето на библиотеките. Ако не ги вреднувате библиотеките, тогаш не ги вреднувате информациите, културата и мудроста. Ги замолчувате гласовите од минатото и ја оштетувате иднината.

Имаме обврска да им читаме гласно на нашите деца. Да им читаме работи во кои уживаат. Да им ги прочитаме приказните што веќе ги знаеме. Да им ги интерпретираме гласовите за да им ги направиме поинтересни и да не престанат да читаат само затоа што научиле да читаат. Користете го времето за читање како време за поврзување, како време во кое нема да ги гледате телефоните, кога светот престанува да ви го одвлекува вниманието.

Имаме обврска да го користиме јазикот. Да се трудиме: да дознаеме што значат зборовите и како да ги распоредиме, да комуницираме јасно, да кажеме што мислиме. Не смееме да се обидуваме да го замрзнеме јазикот, или да се преправаме дека е мртва работа што мора да се почитува, туку треба да го користиме како жива работа што тече, што позајмува зборови, што му дозволува на времето да му го менува значењето.

Ние, писателите, а особено писателите за деца, но и сите писатели имаме обврска кон нашите читатели: тоа е обврската да пишуваме вистински работи, особено важни кога создаваме приказни за луѓе што не постојат на места што никогаш не биле за да разберете дека вистината не е во она што се случило, туку во она што ни кажува кој сме. Фикцијата е лага што ја кажува вистината. Имаме обврска да не им предизвикуваме здодевност на нашите читатели, туку да ги натераме да ја свртат страницата.

Еден од најдобрите лекови за неволен читател е приказна што не може да престане да ја чита. Ние мора на нашите читатели да им ги кажуваме вистински работи и да им дадеме и оружје и оклоп и да ја им ја пренесеме целата мудрост, колку што сме научиле од нашиот краток престој на овој зелен свет, имаме обврска да не проповедаме, да не предаваме, да не туркаме преџвакани пораки и поуки во грлата на нашите читатели како птиците кога ги хранат своите млади; и имаме обврска никогаш, под никакви околности, да не напишеме нешто за деца што не би сакале самите го читаме.

Наша обврска е да разбереме и да признаеме дека како писатели за деца имаме важна работа, затоа што ако погрешиме и напишеме досадни книги кои ги одвраќаат децата од читањето и од книгите, ја скратуваме сопствената иднина и ја уништуваме нивната.

Сите ние – возрасни и деца, писатели и читатели – имаме обврска да мечтаеме. Имаме обврска да замислиме. Лесно е да се преправаме дека никој не може да смени ништо, дека сме во свет во кој општеството е огромно, а поединецот е помалку од ништо: атом во ѕид, зрно ориз во оризово поле. Но, вистината е дека поединците го менуваат светот одново и одново, поединците ја создаваат иднината и тоа го прават замислувајќи дека работите можат да бидат поинакви.

Погледнете околу себе: ама навистина погледнете. Паузирајте за миг и погледнете ја собата во која се наоѓате. Ќе укажам на нешто толку очигледно што има тенденција да се заборави. А тоа е следново: сè што може да се види, вклучувајќи ги и ѕидовите, во одреден момент било замислено. Некој одлучил дека е полесно да се седи на стол отколку на под и го замислил столчето. Некој морало да го замисли начинот на кој би можел да разговарам со вас во Лондон токму сега без сите да наврнеме.

Оваа соба и работите во неа и сите други работи во оваа зграда, во градот, постојат бидејќи луѓето ги мечтаат работите.
Имаме обврска да ги направиме работите прекрасни. Да не го оставиме светот погрд отколку што го најдовме, да не ги испразнуваме океаните, да не ги оставаме нашите проблеми за следната генерација. Имаме обврска да исчистиме по себе и да не ги оставиме нашите деца во свет во кој толку кратковидо ги згрешивме работите и го осакативме.

Имаме обврска да им кажеме на нашите политичари зошто сакаме да гласаме против политичарите од која било партија, кои не ја разбираат вредноста на читањето за создавање вредни граѓани, кои не сакаат да работат за зачувување и заштита на знаењето и за поттикнување на писменоста. Ова не е прашање на партиска политика. Ова е прашање на човештвото.

Еднаш го прашале Алберт Ајнштајн како децата да ги направиме интелигентни. Неговиот одговор бил едноставен и мудар: „Ако сакате вашите деца да бидат интелигентни, читајте им бајки. Ако сакате да бидат уште поинтелигентни, читајте им уште повеќе бајки“. Тој ја сфатил вредноста на читањето и замислувањето. Се надевам дека на нашите деца можеме да им дадеме свет во кој ќе читаат и ќе бидат читани, ќе мечтаат и ќе разбираат.

Автор: Нил Гејман



912

X