Здравје

На моите деца им обезбедувам денови посветени на ментално здравје

Одамна, пред пандемијата, пред учењето од далечина и секако пред нашите деца да изгубат многу од активностите на училиште поради можната изложеност на ковид-19, имаше неколку начини легитимно да пропуштиме училиштен ден. Физичкото здравје и временските услови беа водечки на листата со причини.

Како родител, многу сум јасна во однос на ставот дека здравјето не е само физичко – тука е и менталното здравје кое е и тоа како важно. И моето семејство го сфати и го прифати тоа. Ова беше едно од нештата што ги негував како родител, осигурувајќи се дека чувствата и расположенијата на моите деца ќе останат автентичен дел од секојдневниот дијалог.

И така, со мојот авторитет како „мајка“, направив голем, нетрадиционален чекор: на секое од моите четири деца им доделував по еден „Ден на менталното здравје“ годишно. Овој вреден (иако нејасен) чекор совршено им одговараше на децата. Како во случаите кога детето е болно и останува дома, тоа значеше дека и јас ќе земам слободен ден од работа. И додека на почетокот беше малку незгодно, со секое дете, клиентите стануваа сè поразбирливи (или јас пак станав посигурна во мојата рутина).

Сето тоа бараше извесна промена бидејќи беше избор на секое дете. Уште подобро, ја потврди лекцијата која сакав да ја научат децата: за слушање на својот внатрешен глас и одморање кога тоа им е потребно. Исто така, таа промена го истакна фактот дека јас, како нивна мајка, имав доверба во нивното расудување: нивниот повик за „слободен ден“ не беше доведен во прашање, а всушност, често беше охрабруван.

Како ги реализираме деновите за ментално здравје

Сем е мојот најмлад син. Тој ги гледаше неговите браќа и сестри како ги користат деновите за ментално здравје со години, и како организирано дете кое прави списоци (тој правеше и чуваше списоци низ целата куќа, вклучувајќи ги и ѕидовите на гаражата), беше добро подготвен. Се сеќавам дека зачудено гледаше како една од неговите сестри го одби мојот предлог да искористи еден училиштен ден за ментално здравје, во октомври (сметаше дека „премногу рано“). Тој водеше белешки.

Првиот ден за ментално здравје на Сем беше во трето одделение. Беше зима и му требаше одмор, како и да помине време насамо со мене. Беше чист, сончев ден, совршен за лизгање во Националниот трговски центар, посета на скулптурната градина на Националната галерија на уметност и заеднички ручек. Стигнавме дома и читавме, а потоа гледавме филм. Денот беше прекрасен. И двајцата се чувствувавме зајакнато, емоционално нахрането и подобро поврзани. Во подоцнежните години одевме на вежбање, а потоа јадевме суши.

Придобивките од деновите наменети на ментално здравје на децата

Тоа беа извонредни денови, толку многу посебни за секое мое дете. И мене како мајка ми го потврди верувањето дека сите треба да знаеме оти правењето пауза е повеќе од добра.

Поентата на сето тоа е дека секое мое дете беше охрабрено да им верува на своите инстинкти и на своите чувства. Тоа ги научи дека е мудро да се одморат, а тоа да го сфатат како инвестиција во себе за да се чувствуваат подобро. Исто така, научија дека ги почитувам и познавам доволно добро за да инвестирам во нивните чувства, славејќи ги деновите на нивното ментално здравје, не како пораз, туку како лична победа, за подобро да се запознаат себеси.

Автор: Џулија Бек

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top