Многу пати во текот на годините Холи Класен посакувала да се врати назад во времето и да се осигури дека тоа што нејзиното бебе било немирно не е нејзина вина. Наместо тоа, таа напишала водич за да им помогне на другите родителите што се борат со немирно бебе кое има големи потреби.

Ништо не можеше да ме подготви за неделите и месеците откако се роди мојот син. Знаев дека некои деца се поспецифични и понемирни од другите, но немав поим дека моето дете ќе биде толку проблематично – мака додека да заспие, додека се нахрани и многу возбудено постојано. Семи буквално дојде на овој свет врескајќи и не престана со месеци. Кога беше буден, плачеше или врескаше. Спиеше на кратки периоди и реагираше интензивно дури и на мали непријатности. Ако кажам дека тоа ја намали мојата самодоверба како мајка, тоа ќе биде потценувачка реченица. Чувствував огромна вина и грижа, си мислев: „Каква мајка не знае што не е во ред со нејзиното дете?“ Се обидов со секакви техники од книги и онлајн. Некои функционираа, некои не, па тоа предизвикуваше дополнителна анксиозност. Го носев Семи на различни лекари, па ми препорачуваа да ги исфрлам млечните производи од исхраната (доев). Се надевав дека сето тоа ќе помогне, но помогна само малку.

Тој период за мене беше изолирачки. Сите околу мене имаа смирени бебиња и го обожаваа мајчинството. А јас живеев во состојба на преживување, обидувајќи се да го поминеме денот со нашето новороденче.

За среќа, Семи малку порасна, животот почна да станува малку полесен. Тој никогаш не беше лесно бебе, но стана малку полесно. Многу пати сакав да се вратам во времето и да се осигурам дека неговиот карактер не беше моја вина. Бидејќи тоа е невозможно, го направив следново: почнав да водам фејсбук-група за родители, за да знаат дека не е нивна вина и дека не се сами.

Што да направите ако се борите со немирно бебе

Ова се моите топ-3 препораки за да се справите со дете кое е тешко да се задоволи:

1. Се потсетуваме себеси дека не е наша вина

Голем дел од справувањето е и сфаќањето дека не е ваша вина што бебето има таков карактер. Истражување ни кажува дека од 10 до 40 отсто од бебињата се раѓаат со колика, а околу 10 отсто од бебињата имаат тежок темперамент. Тоа значи дека бебето не е такво поради вашиот родителски стил, или затоа што го разгалувате, или пак ја чувствува вашата анксиозност. Некои бебиња едноставно се тешки за справување – разберете го ова длабоко во вас, па тоа може да ви помогне да ја намалите вината и грижата што ја чувствувате.

2. Најдете си ја својата „екипа“

Многу е веројатно да се чувствувате изолирани и сами. Тешко ви е да се поврзете со други родители кои не се справуваат со истите предизвици како вас. Затоа групите на „Фејсбук“ се одлични – можете да се поврзете со други родители што ги имаат истите проблеми и да споделувате искуства. Мојата група е безбедна, поддржува и не е место каде што се осудуваме – напротив, си даваме поддршка и совети едни на други. Многумина од членовите ми велат дека се сеќаваат на денот кога се приклучиле на групата бидејќи тогаш многу им олеснило. Сега знаат дека има над 25 илјади родители што поминуваат низ истото.

3. Преиспитајте ги вашите очекувања

Животот сигурно ви е тежок сега. Но, наскоро ќе можете да се ослободите од она „што би било кога би било“ и ќе ја прифатите ситуацијата таква каква што е. Се разбира дека немирните бебиња ја отежнуваат работата, но таквите деца и нè учат многу за нас самите, а јас верувам дека може да ни помогнат да станеме подобри луѓе… ако ги оставиме да го сторат тоа. Ако можеме да го промениме начинот на размислување од „Зошто морам да се справам со ова?“ во „Како можам да му помогнам на моето бебе?“ и „Што можам да научам од ова?“, верувам дека ќе станеме подобри родители и подобри луѓе.

Сето ова ќе направи немирот и вознемиреноста кај бебето да бидат помалку фрустрирачки, а целиот тој период да биде повреден за паметење.

Автор: Холи Класен

Извор



912

X