„Денес децата се во катастрофална емоционална состојба и многу работи од нашиот модерен животен стил доведуваат до тоа. И покрај најдобрите намери, за жал, го менуваме умот на нашите деца во погрешна насока“, тврди Викторија Продеј, магистер по наука за работна терапија на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Торонто. Таа наведува 5 причини зошто се случува тоа: децата добиваат се што сакаат и кога сакаат и не поднесуваат кога им се вели НЕ, имаат многу ограничена социјална интеракција (бидејќи родителите имаат многу обврски, па им ги даваат дигиталните уреди за да ги забавуваат), потоа причина е и тоа што создадовме вештачки свет за забава за нашите деца во кои не постои досада, премногу користат технологија која емоционално ги исклучува и потоа, непрестајно им го даваме она што го сакаат.
Можете да направите разлика во животот на вашето дете вежбајќи го неговиот мозок за детето да може успешно да функционира на социјално, емоционално и академско ниво.
Не плашете се да поставите граници
-На детето му се потребни граници за да порасне среќно и здраво!
-Направете временски распоред за оброци, спиење и време за технологија.
-Размислувајте за тоа што е добро за децата, а не за тоа што сакаат или што не сакаат!
-Ќе ви бидат благодарни подоцна. Родителството е тешка работа. Морате да бидете креативни за да ги натерате да го прават она што е добро за нив, бидејќи тоа, многу пати, е целосна спротивност од она што сакаат да го прават.
-На децата им е потребен појадок и квалитетна храна. Треба да поминат време надвор и да одат на спиење во исто време за утредента да дојдат на училиште способни за учење!
Ограничете ја технологијата и поврзете се емоционално со своите деца
-Изненадете ги со цвеќе, насмејте се, скокоткајте ги, ставете порака полна со љубов во нивниот ранец или под перница, изненадете ги со ручек надвор во работен ден, играјте заедно, ползете заедно, мавајте се со перници.
-Имајте семејни вечери, вечери за играње друштвени игри, возете велосипед, шетајте навечер.

Вежбајте одложување на задоволувањето на нивните потреби
-Оставете ги да чекаат! Во ред е да се има „досадно ми е“ време – ова е прв чекор кон креативноста.
-Постапно зголемувајте го времето помеѓу „треба да“ и „добивање“.
-Избегнувајте употреба на технологија во автомобилите и рестораните, а наместо тоа, учете ги да чекаат со приказна и играње игри.
-Ограничете го постојаното грицкање.
Научете ги своите деца да си ги завршуваат обврските од малечки како тоа да е подлога за „способност за работа“ во иднина
-Редење облека, средување играчки, редење намирници, местење на масата, правење ручек, вадење храна од кутија за ужина, местење кревет.
-Бидете креативни. Од почетокот тоа направете го на поттикнувачки и забавен начин, така што детскиот мозок ќе го поврзува тоа со нешто позитивно.
Учете ги на социјални вештини
-Учете ги да ги слушаат другите, да делат, да губат/да победуваат, да прават компромиси, да им даваат комплименти на другите, да велат „те молам“ и „благодарам“.
Автор: Марина Роксандиќ