„Виртуелните содржини го запреа развојот на свесноста, развија лажна мудрост, па сѐ што е под нив на децата им е досадно и напорно. Затоа училиштето им е ‘жива досада’ – и покрај тоа учебниците личат на сликовници со малку текст и покрај тоа што наставниците се повлекуваат пред учениците и покрај сите паметни табли што се во функција на развој на знаење“.
Што се случува со новите генерации во кои има сѐ помалку амбициозни момчиња и девојчиња, а сѐ повеќе се оние што со непријатност ги извршуваат училишните обврски? Ова прашање сѐ почесто си го поставуваат родителите, учителите и наставниците, а професорката Милица Новковиќ, која целиот работен век го поминала опкружена со деца и млади, вели дека причина за ваквата атмосфера во училишните клупи е прераниот влез на разни екрани во светот на најмладите, од паметни телефони, таблети, компјутери и проблематични телевизиски содржини.
Ако сте му дозволиле на детето да стане зависно од екрани во првите седум години од животот, тука не постои можност за добар ученик. Зошто?
Училиштето се потпира на книгата, која е пониска виртуелна реалност од електронските виртуелни содржини. Училиштето бара свесност со која треба да се разбере прочитаното, за речениците да се претворат во слики, напоменува професорката Новковиќ и додава дека виртуелното го запрело развојот на свесноста, развило лажна мудрост, па сѐ што е под него, на децата им е досадно, напорно. Затоа училиштето е „жива досада“ за децата и покрај тоа што учебниците личат на сликовници со малку текст и покрај тоа што наставниците се повлекуваат пред нив и покрај сите паметни табли што се во функција на развој на знаење. Сѐ што е напорно за умот на детето, тоа го одбива и затоа децата не го сакаат училиштето.
Училиштето не е игралиште, училиштето и натаму е сериозна институција, барем засега, потсетува професорката.
Пред само триесет години, кога постоеше традиционалното семејство, децата развиваа свесност преку работа со рацете, читање книги и разговори со возрасни, па совладувањето на училишните обврски повеќе им носеше радост и покрај честите казни во семејството и училиштето. Имаше екрани и пред триесет години, но сѐ беше дозирано и самите телевизии правеа програми во согласност со очекувањата на семејството и на училиштето.
Како треба да се воспитува детето за да биде добар човек и добар ученик е прашање на кое многу родители немаат одговор.
Секој родител, кога ќе се роди детето, има барем три желби. Детето да му биде здраво, да биде добар човек и да учи со љубов, да биде добар ученик. Сето тоа би се постигнало да нема пречки, кадифени воспитни модели (награди, казни, преголемо заштитување, вербализам и злоупотреба на имитаторскиот облик на учење). За жал, кадифеното воспитување владее со нашите животи. Последицата е ненаситно дете, мрзливо во телото и духот, агресивно, тврдоглаво, несвесно, завидливо, невоспитано. Очекувањата на родителите се истопиле. Немаат ни добар човек ни добар ученик. Вистина, често имаат одличен ученик, ученик кој освоил многубројни награди, но ако во таквото дете не се гледа добар човек, кое со љубов постигнува сѐ што постигнува, тогаш севкупниот процес на воспитување паѓа во вода.
Некогаш беше доволно да се погледне родителот и да се препознае дека детето е негова копија, но денес сѐ помалку деца се огледало на своите родители.
Некогаш се знаеше – агресивен татко, синот – ист. Ќерката мрзлива како мајка ѝ. Родителите добри, детето беше добро. За жал, денес имате добронамерни, образовани, паметни, чесни, вредни родители, а нивните деца не се ни малку слични на нив. Причина? Кадифено воспитување. Наметнато им е кадифеното воспитување, а традиционалното е со „стап“ забрането. Што им преостанува кога ќе посакаат да ги исправат сите направени грешки за кои не се одговорни, а гледаат дека децата не личат на нив? Им преостанува изворното воспитување, воспитување без и еден авторитарен воспитен облик, она воспитување кое на детето му поставува здрави граници. Со изворното воспитување се менуваат и родителите. Младите што ќе ги усвојат принципите на изворното воспитување пред бракот, кога ќе добијат деца, не прават грешки во воспитувањето. Ги воспитуваат своите мали дечиња со леснотија и со радост. Децата брзо растат и стануваат уште поголема радост за целото семејство, градинката, училиштето, општеството.
Професорката Милица Новковиќ е автор на книгата „Семеен буквар“, своевиден учебник за изворно воспитување.
Автор: Бранка Гајиќ
912