Ако вашето двегодишно дете е „мало мајмунче“ кое се качува каде што ќе стигне, тоа е ветувачки знак дека добро се развива и расте.

Љубопитни и авантуристи

Оваа активна авантура е дел од процесот наречен проприоцепција. Тоа е нашето чувство за телесна свесност. Ни помага да ги мапираме сопствените тела и нè подучува каде се деловите на телото и како можеме да ги користиме за завршување различни активности. Податоците собрани со користење на нашите мускули, тетиви, зглобови и кожа помагаат во ова мапирање бидејќи проприоцепцијата испраќа пораки до мозокот, помагајќи нервниот систем ефикасно да се организира и сè убаво да се поврзе. Кога сме деца, постои големо картографирање кое е потребно да се направи како што растеме, се развиваме и учиме да го користиме своето тело.

– Проприоцепцијата му помага на детето да достигне состојба на будност за да може да се фокусира и да учи – објаснуваат експертите од „Оксфорд хелт“.

Рано учење

Овој процес всушност започнува многу пред раѓањето на детето, кога бебињата удираат и се движат низ мајчината утроба. Тие движења се проприоцепција во дејствување, кои му помагаат на мозокот на детето да почне да разбира како функционираат различни делови на телото, како да ги „преместуваат“, каде се наоѓаат и како влијаат заедно со другите делови на телото. Се претпоставува дека и бебешкото икање во матката игра своја улога во овој процес на мапирање. Откако детето ќе се роди, тој процес на проприоцепција се продолжува во надворешниот свет, пресликувајќи го своето тело со својот допир и секое движење. Без разлика дали бебето ги става рацете в уста, дали се милува од кожата на мајката во текот на хранењето или удира со нозете во количката, сите тие моменти зборуваат за тоа дека неговото тело дејствува – и однадвор и однатре – и како комуницира со светот.

Важна работа

Како што се развиваат неговите моторички способности, така расте и неговата љубопитност. Поради тие комбинации, детето станува многу поподвижно и во своето опкружување продолжува да собира податоци за мапирање, надградувајќи ја кондицијата и дополнително зголемувајќи го својот развој – или како што сакаме да кажеме – се качува на сè и сешто и допира сè и сешто. Развојот на бебето можете да го негувате така што ќе му дозволувате слободно да се движи, игра и да истражува во околина безбедна за деца. Нужно е да се охрабрат децата за да се чувствуваат доволно самоуверени за истражување, а не да ги предупредувате на опасност цело време.

Проприоцепција на дело

Одлични активности на детето што го негуваат проприоцептивниот развој се: качување, играње со пластелин, ползење, скокање, трчање, тркалање, кревање, дување меури, џвакање, цицање преку сламка, прегратка, фрлање и фаќање, балансирање и удирање топка. Понекогаш детските проприоцептивни способности и истражување може да доцнат или да се разликуваат од спектарот кој се очекува за нивната возраст. Стручната терапија често може да помогне кога тоа е случај. Особено децата со сензорно нарушување може да имаат корист од овој вид проприоцептивна игра. Ако сте загрижени за развојот на своето дете, разговарајте со лекар од општа пракса или педијатар.

Автор: Карина Шиждрак

Извор



912

X