Житариците се производ преку кој организмот најдобро се снабдува со енергија. Правилниот избор и начинот на подготовка на одредени житарици му даваат на оброкот енергетска, но и хранлива вредност. Дијана Радетиќ е нутриционист и мајка и пишува за тоа зошто треба да јадете овес и просо, како да ги подготвите и да ги вметнете во исхраната на целото семејство, преку домашни рецепти.
Овес
На латински се нарекува „авена сатива“. Овесот потекнува од средна Европа и бил основна намирница на Германците и Келтите. Според хранливиот состав, ова е една од најцелосните намирници. Освен што го снабдува организмот со енергија, ги содржи витамините Е, Б5 и Б6, како и минерали, железо, селен, манган и бакар.
10 причини зошто треба почесто да биде на вашата трпеза:
– Поседува есенцијална аминокиселина која го стимулира црниот дроб да создава лецитин, кој го чисти телото од штетни материи.
– Овесот содржи скроб кој го стабилизира нивото на глукоза (шеќер) во крвта и бета гликан, кој создава слуз, па на тој начин придонесува за добро варење на овесот. Слузот на овесот се користи како болничка храна за доенчиња, мали деца и сите што имаат чувствителен желудник.
– Нерастворливите влакна го олеснуваат движењето на цревата, па со тоа придонесуваат за редовно празнење на цревата. Исто така, го регулираат нивото на желудочна киселина, а се намалува и можноста за труење со храна.
– Овесот е житарица која содржи најмногу протеини што го помагаат растот и развојот на ткивата во организмот.
– Овесот содржи фитоестроген лигнанс, кој има антиканцерогено дејство да ги регулира и намалува ризиците од појава на малигни заболувања, предизвикани од промените во нивото на хормони.
– Содржи јаглехидрати кои бавно се апсорбираат во организмот, па така придонесува за постепен раст на глукозата во крвта.
– Овесот е добар извор на омега 6-масни киселини кои влијаат врз намалувањето на нивото на холестерол.
– Присуството на витамините Б5 и Б6 влијае врз правилен развој и добро функционирање на нервниот систем.
– Овесот е превенција при настанување на хипертироидизам, бидејќи содржи јод, минерал кој влијае врз правилната функција на тироидната жлезда.
– Содржи одредени количини на калциум кои се превенција за деминерализација на коските.
Дополнителни причини зошто да јадете овес:
– Овесот, според наведените факти, помага во јакнењето на физичката, работната способност, па поради тоа е особено корисен за лица изложени на тешки физички напори.
– Поседува низа лековити својства. Поттикнува активност на вегетативниот систем. Овесната слуз е единствена намирница што може да ја поднесе изгладнетото човечко тело.
Како да подготвите овес
Овесното брашно секогаш се користи во комбинација со пченичното бидејќи не содржи доволно одредени белковини кои имаат својство на лепило. Во исхраната најмногу се користат овесни снегулки за правење каша или како мусли, иако може да се користат за подготовка на колачи или како додаток во различни јадења.
Овесната каша е одлична за почеток на денот. Во тава ставете една шолја млеко и 3 до 4 лажици овесни снегулки. Кога ќе почне да врие, промешајте, исклучете ја ринглата, поклопете ја тавата и оставете да отстои 10-15 минути. По вкус, во кашата додајте суво овошје, јаткасти плодови, семки и цимет.
Кашата од зрна овес исто така е одличен избор за појадок, но подолго се подготвува. Решението е да се подготви еден ден порано. Шолја овес (претходно исчистен и измиен) да се прелие со две до три шолји вода, да се вари на среден оган, па кога зрното ќе омекне, да се тргне и да се поклопи, за уште да набабрува. Ваквата каша може да се користи како слатко или солено јадење, во зависност од вкусот.
Просо
Просото е семе кое се одгледувало во Африка и Северна Кина уште во неолитот. Со текот на времето се проширило низ целиот свет. Римјаните и Галите правеле каша од просо, а во средниот век просото на трпезата било повеќе застапено и од пченицата. Подоцна просото најмногу се користело како сточна храна, но популарноста повторно му се враќа затоа што не содржи глутен.
Факти за просото:
– Не содржи глутен, па се препорачува во безглутенската исхрана.
– Богато е со растителни влакна и така помага во борбата против запекот, високото ниво на холестерол, триглицериди и шеќер во крвта.
– Добар извор е на магнезиум, кој го подобрува тонусот на мускулите и нервниот систем.
– Содржи витамини од групата Б, како Б1 (ја подобрува менталната активност, координација на телото, влијае врз отстранувањето на заморот и депресијата), фолна киселина-витамин Б9 (ја спречува анемијата, ја подобрува состојбата на кожата, а неопходен е и за време на бременоста), витамин Б6 (го подобрува имунолошкиот, нервниот и хормоналниот систем) и витамин Б2 (има антиоксидантно дејство на клетките).
– Добар извор е на фосфор, кој е неопходен за формирање и развој на коските и забите, а влијае и врз меморијата.
– Содржи и масни киселини, железо (кое помага во обновување на крвните клетки и спречува анемија), цинк, јод и витамин Е.
– Многу е важно да се нагласи дека просото е единствената житарица што дејствува алкално во човечкиот организам. Поради тоа, има лековито дејство кај дигестивните проблеми. Според природната медицина, дигестивниот систем влијае врз целокупното здравје.
Подготовка на просото
Просото има деликатен вкус и може да се подготви во солени и слатки јадења.
Две до три шолји вода загрејте ги додека не зовријат, па додајте шолја измиено просо. Поклопете, намалете ја температурата и нека се вари 15 минути. Потоа отстранете го од оган и оставете го да стои 20 минути.
Сервирајте по желба: како каша за појадок (со млеко, мед и цимет), како додаток во салати или наместо тестенини во чорби.
Просото е идеална замена за оризот. Децата сакаат и пити, па можете да го употребите и за правење пита од просо.
Автор: Дијана Радетиќ, нутриционист диететичар и мајка, член на Сојузот на здружени здравствени работници на Србија