За да го одвикнете вашето дете од грицкање нокти, треба да бидете трпеливи и да имате разбирање. Ќе ви биде потребно време, но ќе успеете.
Обично децата почнуваат да ги грицкаат ноктите околу петтата или седмата година, а поретко подоцна, на почетокот од пубертетот или во адолесценцијата. Овој проблем на рана возраст го имаат и момчињата и девојчињата, но на постара возраст е почест кај момчињата.
Досада, умор, несигурност…
Постојат повеќе причини зошто децата почнуваат да ги грицкаат ноктите, а најчеста е досадата. Децата честопати го прават тоа и кога не им се обрнува доволно внимание, кога им е досадно и кога имаат премногу слободно време без активности.
Понекогаш се случува да ги грицкаат ноктите и кога се уморни, па затоа е многу важно да се почитуваат дневната и вечерната рутина, особено кога децата се мали. Тоа значи да се почитува времето за оброци и за играње, како и времето за спиење. Во спротивно, детето ќе биде уморно, а бидејќи нема да може да издржи, ќе се обиде да се ослободи од напнатоста грицкајќи ги ноктите.
Внимавајте на речникот
Меѓутоа, најсериозна причина зошто децата грицкаат нокти е несигурноста, која е проследена со вознемиреност од која децата се обидуваат да се ослободат по секоја цена. Затоа е важно да имате добар однос со нив, да забележите што ги мачи и под никакви околности да не ги критикувате, туку само постапките што заслужуваат критика. Голема е разликата помеѓу „глупав си“ и „она што го направи беше прилично глупаво“.
За детето да се одвикне од грицкање нокти, морате да бидете трпеливи и да имате разбирање. Потребни се време и нежности, но ќе успеете.
Немојте да му викате, никогаш немојте да го удирате по прстите. Наместо тоа, прегрнете го и бакнете го. Покажете му дека го сакате.
А за да се одвикне, потрудете се малку, смислите нешто забавно. Направете календар и за секој ден кога не ги грицкало ноктите, залепете на календарот некоја слика што му се допаѓа.
Ако тоа не помогне, понудете му некаква замена, како семки од тиква. Тие секако се повкусни од ноктите…, или парчиња суво овошје. Нека му бидат при рака за да може со нешто да го задоволи тој порок.
Доколку забележите дека вашето дете грицка нокти во одредени ситуации, на пример, за време на подолго возење со автомобил, може да ви помогнат разнобојните фластери што ќе му ги залепите на прстите. Во текот на денот малите раце нека бидат зафатени, играјте со пластелин или со коцки и најважно – посветете му време на вашето дете. Тоа е најдобриот „лек“.
Ако ништо од ова не ви помогне и детето не престанува да ги грицка ноктите, посоветувајте се со детски психолог.