Кирил и Методиј, познати како солунските браќа-просветители, имаат голема улога во словенската историја. Нивното дело ги описмени словенските народи. Тие се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.
За животот и дејноста на словенските просветители најмногу податоци добиваме од делата: „Панонски легенди“, „Климентовото житие од Теофилакт“, „Климентовото житие од Хоматијан“ и „О`писменех“ од Црноризец Храбар.
Кирил и Методиј се родени во Солун во угледно и богато византиско семејство, синови на татко Лав и мајка Марија. Најстариот од седумте деца, Методиј, е роден околу 815 година, а најмладиот Константин во 826/27 година.
За постариот брат Методиј многу малку се знае. Името Методиј го добил во монаштво. Завршил највисоки школи во Константинопол и ја избрал воената служба. Десетина години бил управител на Словенско кнежевство во Македонија што било под власта на византискиот император и таму го напишал делото „Закон судниј људем“ („Закон за судење на луѓето“). Но, ја напуштил оваа служба и заминал во манастирот на планината Олимп (Мала Азија) каде што се закалуѓерил. Подоцна, во овој манастир дошол и неговиот помал брат Константин, со кого заедно учествувале во две значајни мисии: Хазарската и Моравската.
Константин, пак, познат под монашкото име Кирил, уште како дете го учел напамет познатиот христијански беседник Григориј Богослов, се истакнувал во учењето, па бил забележан од царските советници, кои му овозможиле да се школува во познатата Магнаурска школа во Цариград, која имала ранг на денешен универзитет. Тука се афирмирал како извонреден мислител, богослов и апологет на христијанството. Во житијата се вели дека граматиката ја изучил за три месеци, дека го учел Хомер (Илијадата и Одисејата), дека ги учел сите филозофски науки, дека учел реторика, аритметика, астрономија, книжевност, сите елински уметности итн. По завршувањето на школата работел како библиотекар во познатата Патријаршиска библиотека во Цариград, од каде што заминал во еден манастир на Босфор. По престојот во манастирот бил поканет за професор на Магнаурската школа, па така станал познат професор по филозофија, поради што го добил прекарот Филозоф.
Бидејќи се истакнал со познавање на црковните, но и на световните прашања, на 24-годишна возраст од страна на византискиот двор бил испратен на Арапската мисија кај Сарацените, која имала државно-политички и религиозен карактер. Со Сарацените водел полемики на повеќе верски прашања, а се запознал и со нивниот живот и обичаите.
Потоа бил испратен да му помогне на својот брат во Словенското кнежевство во Македонија (т.н. Брегалничка мисија). Доаѓајќи во Брегалничко, Константин покрстил 54.000 Словени и ги уочил проблемите со кои се соочуваат поради немањето на своја азбука и неможноста да се употребува грчкото и латничното писмо за запишување на специфичните словенски гласови.
Во 860 година Константин бил испратен кај Хазарите (Хазарска мисија) на брегот на Црно Море. Тие немале официјална религија, па задачата на Константин во оваа дипломатска и верска мисија била да го прошири христијанството на оваа територија и да ослободи византиски затвореници.
Сепак, за двајцата браќа најважна е Моравската мисија, која е важна и за иднината на сите Словени. Иницијативата за оваа мисија ја дал моравскиот кнез Ростислав, кој за да ја стабилизира својата држава на политички план, презел мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Тие мисионери биле Кирил и Методиј. Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата) и за првите преводи од грчки на словенски јазик, Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.
Колку е извонредно важна и суштинска мисијата на светите браќа Кирил и Методиј говори фактот што денес тие се патрони на Европа – признание дадено од Ватикан со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи.
912