Образование

Зошто генерацијата З постигнува послаби резултати во училиште?

Генерацијата З донесе предизвик што не е виден во поновата историја на образованието – забележителен пад на академските достигнувања. Според невронаучникот д-р Џаред Куни Хорват, ова е првата модерна генерација што постигнува пониски резултати во просек од претходната. Тој предупредил за ова во своето сведочење пред надлежниот комитет на американскиот Сенат. Проблемот, тврди тој, не е мрзливоста или недостигот на труд, туку начинот на кој децата учат денес и влијанието на постојаната изложеност на екрани врз мозокот во развој.

Прекинат долгорочен раст

Повеќе од еден век секоја нова генерација бележи подобри резултати во читањето, меморијата и решавањето проблеми. Според достапните податоци, овој тренд е запрен со генерацијата З, родена помеѓу 1997 и почетокот на 2010. Анализите на меѓународните тестови укажуваат на пад на концентрацијата, писменоста, математичките вештини и таканаречените извршни функции, па дури и на просечниот коефициент на интелигенција. Овие способности се важни не само за успехот во училиште, туку и за секојдневното носење одлуки и емоционалната самоконтрола.

Површно читање наместо длабоко учење

Начинот на кој примаме информации, исто така, се променил. Долгите, фокусирани читања сè повеќе се заменуваат со кратки видеа, резимеа и совети. Длабокото учење бара време, повторување и напор, додека брзото „скролање“ на содржината поттикнува скокање од тема на тема. Таквиот модел може да ја ослабне меморијата и да го отежни самостојното решавање посложени задачи.

Екрани и концентрација

Младите луѓе денес поминуваат голем дел од своето време пред екрани – во училиште и дома. Дигиталните алатки нудат брзина и пристапност, но не секогаш поттикнуваат подлабока рефлексија. Експертите ја нагласуваат важноста на директната комуникација, дискусијата и континуитетот во учењето.

Помалку читање

Истражувањата, исто така, укажуваат на намален интерес за читање. Според податоците од Националната комисија за писменост од 2024 година, само едно од три деца ужива во читањето во слободното време, а околу едно од пет од нив чита секој ден. Студија објавена во научното списание „ајСајенс“, исто така, открива дека навиката за секојдневно читање опаднала за повеќе од 40 проценти во последните две децении.

Технологијата не е проблем, туку начинот на употреба

Хорват не се залага за отфрлање на технологијата, туку за умереност и јасни граници. Тој верува дека учењето ослабува кога дигиталните алатки го заменуваат мисловниот напор. Податоците од десетици земји покажуваат дека интензивната дигитализација на наставата не донела подобри резултати. Неговата работа се фокусира на примена на научните знаења во училницата – со помало потпирање на екраните и повеќе на концентрирано размислување.

Може ли трендот да се промени?

Експертите веруваат дека промената е можна, но бара ангажман на возрасните. На децата им се потребни книги, време за размислување и простор за досада, што исто така ја стимулира креативноста. Ограничувањето на времето поминато пред екраните во текот на учењето, охрабрувањето да се чита и наградувањето на напорот, а не само брзината, може да помогне во зајакнувањето на концентрацијата. Целта не е враќање во минатото, туку избалансиран однос со технологијата.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top